Слово на Неговото високопреосвештенство митрополитот на Имврос и Тенедос, г. Кирил, произнесено на споменот од Пренесувањето на моштите на светиот Георгиј Великомаченик и Победоносец
Преосвештен, возљубен свет Антаниски, г. Партениј,
Возљубени мои браќа и сестри,
Уште еднаш во текот на годината, нашата света Црква го празнува и почитува великомаченикот свети Георгиј. Освен во април, кога го славиме денот на неговото мачеништво, денес повторно празнуваме: споменот на пренесувањето и положувањето на неговите свети мошти.
Како што знаеме, свети Георгиј бил родум од Кападокија на Истокот. Кога пострадал за љубовта Христова бил погребан во татковото родно село во Кападокија. Но неговата мајка била од Лида, во Палестина. Така, кога во Лида бил изграден голем и прекрасен храм во чест на свети Георгиј, мајката на светиот побарала таму да се пренесат неговите свети мошти. И навистина, неговиот гроб бил отворен, моштите биле собрани и пренесени во новиот храм во Лида. Од тој момент новиот гроб на светиот станал извор на осветување и на чудотворства за верните. И до ден-денес, гробот на свети Георгиј во Лида е извор на благодат.
Ние, како благочестиви и смирени поклоници на овој голем светител на Православната Црква, дојдовме овде, во овој историски манастир, за да го чествуваме свети Георгиј и да се поклониме пред неговите свети мошти, коишто, по грижата и промислата на Преосветениот епископ Антаниски г. Партениј – ги имаме во манастирот како вистинска скапоценост, заедно со неговата чудотворна икона од Света Гора.
И оддавајќи му чест на свети Георгиј денес, во умот ни одекнуваат зборовите на неговиот отпустителен тропар: „Како ослободител на плениците…“ Тој е оној кој ги избавува заробените. И ако го читаме неговото житие и неговиот мартирологиум, ќе видиме дека направил многу чуда токму за да избави заробени. На некои негови икони каде што е претставен како јавач на коњ, зад него, на седлото, се гледа младич или монах. Тоа се заробеници коишто светиот ги ослободил, ги зел со себе на својот коњ и ги вратил кај нивните.

Го нарекуваме светиот уште и „заштитник на сиромашните“. Тој е светецот кој ги брани сиромашните, едноставните, смирените и немоќните луѓе. „Лекар на болните“. И во Евангелието денес слушнавме за исцелението што го направил Христос со крвоточивата жена, ослободувајќи ја од нејзината болест.
Светите отци на нашата Црква велат дека кога му се молиме на некој светител – на пример денес на свети Георгиј – тој застанува пред престолот Божји и ја претставува крвта на своето мачеништво. И Му вели на Господа: „Христе мој, за Тебе ја пролеав својата крв. Те молам, помогни му на овој човек кој се моли и ја бара Твојата помош.“ И така, нашиот Христос, заради маченичките страдања на свети Георгиј, им помага и ги исцелува луѓето.
Свети Георгиј е и „заштитник на царевите“. Во старите времиња, кога Византија повеќепати била во опасност од непријателите, за да се укрепи духот на византискиот народ, свети Георгиј бил прикажуван како јавач на коњ, бранител на царевите и на татковината. Така и се воспоставила неговата слава како Трофејоносец, Победоносец и Великомаченик. Трофејоносец е оној кој го носи знамето на победата, трофејот на триумфот.
Свети Георгиј има две големи победи. Првата била победата над ѓаволот, над сатаната, над гревот – и го подигнал трофејот на знамето на Крстот. А втората победа е онаа што им ја дарува на сите луѓе кои му се молат.
И затоа, возљубени мои браќа и сестри, и ние денес, овде во овој манастир, заедно со нашиот Старец, со сестрите, со отците и со сите вас, да го замолиме свети Георгиј да ни ја подари најпрекрасната победа. Не треба да се плашиме, не треба да се кршиме, не треба да паѓаме со духот пред тешкотиите, искушенијата и жалостите. Имаме вакви светии кои се со нас – заштитници, сојузници и помошници!
Христос во Евангелието вели: „Ова е победата што го победи светот – верата наша.“ Најголемата и најубавата победа е силната вера. Да „верувам“ значи да љубам и да се доверувам. Како што направи денес крвоточивата жена – таа Го љубеше Христа и Му се довери, па токму преку таа силна вера оздраве.
Тоа да го придобиеме и ние денес од ова наше поклонение на свети Георгиј.
Од длабочината на своето срце му благодарам на Високопреосвештениот митрополит Дебарско-кичевски г. Георгиј – кој на некој начин празнува и денес – за благословот што ми го даде да бидам овде и да служам со вас.
Мојата благодарност, секако, се упатува и кон Старецот Партениј, кој веќе е брат во нашите срца, а Охридската архиепископија и нашата Вселенска патријаршија се радуваат со Светиот Антаниски.
Ги пренесувам љубовта и благословите на нашиот Вселенски Патријарх, и им посакувам на сите добра духовна подготовка за празникот на Христовото Рождество.
На многу и благословени години!











