Светиот великомаченик Георгиј Победоносец, нашиот мил застапник и непобедлив соборец во Христовата вера и љубов, и годинава на својот славен спомен по повод возобновувањето на неговиот сечесен храм во Лида Палестинска, го излеа врз нас својот преизобилен благослов. Како непобедлив Божји победоносец, тој повторно нѐ собра под своето духовно застапништво, за да ни подари мир, утеха и радост што обновува.
Празничната убавина во чест на овој Христов војвода започна вчеравечер во Бигорската свештена обител со повеќечасовно бдение, исполнето со молитви, топлина и умиление. На наша голема чест, на бдението претстоеше Неговото високопреосвештенство, митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил, архиереј на Вселенската Патријаршија, кој пристигна кај нас во пријателска и поклоничка посета, придружен од група верници – свои духовни чеда. Неговото присуство, смирено и весело во Духот, внесе особена свежина меѓу верниците.
Денес торжеството се пренесе во славниот манастир на свети Георгиј во Рајчица, каде што, во храмот на Победоносецот беше отслужена серадосна Божествена Евхаристија. На светата Литургија чиноначалствуваше почитуваниот митрополит г. Кирил, во сослужение со нашиот возљубен Старец, Преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј, и со браќата свештенослужители: архимандрит Макариј, јеромонах Еразмо и јероѓаконите Порфириј и Силуан.
Литургијата беше вистинско духовно патување и соединение со Христа, Кој преку Своите светии постојано нѐ повикува на преобразба и љубов. Множество присутни верници, собрани од различни краишта, со едно срце и една уста ја восфалуваа славата Божја, чувствувајќи ја близината на небесниот Победоносец.
На крајот од богослужбата, нашиот Старец, г. Партениј, изрази срдечна благодарност до митрополитот г. Кирил за неговата љубов, за честа што нѐ удостои со својата посета и за молитвеното сослужение. Од своја страна, митрополитот ги упати кон Старецот и кон сите верници искрените поздрави и благослови од Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, и изговори вдахновено слово за достоинството и светлината на денешниот празник на свети Георгиј.
Со благодарни срца Му воздаваме слава и пофалба на Трисветиот Бога и му благодариме на милиот ни свети Георгиј Победоносец што и овој пат нѐ облеа со радост што ги надминува сите земни мерила. Особена благодарност упатуваме и кон Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј за неговата татковска грижа и љубов, и за тоа што со свој благослов го испрати меѓу нас митрополитот г. Кирил – како жив дар, поткрепа и утеха за нашите души.
Свети Георгие, славен великомачениче Христов, моли Го Бога за нас!































