Порака на Вселенскиот Патријарх за заштита на природната средина

† В А Р Т О Л О М Е Ј

ПО МИЛОСТА БОЖЈА АРХИЕПИСКОП НА КОНСТАНТИНОПОЛ

НОВИОТ РИМ И ВСЕЛЕНСКИ ПАТРИЈАРХ

ДО СЕТА ПОЛНОТА НА ЦРКВАТА БЛАГОДАТ, МИР И МИЛОСТ

ОТКАЈ СОЗДАТЕЛОТ НА СЕТА ТВАР

ГОСПОДА И БОГА И СПАСИТЕЛОТ НАШ ИСУСА ХРИСТА

* * *

Сечесни браќа Јерарси и возљубени чеда во Господа,

Цели триесет и пет години изминаа од посветувањето на 1 септември, празник на Индиктот и почеток на црковната година, од страна Светиот и Свештен Синод на Вселенската Патријаршија, во Ден за молитви за заштита на природната околина. Оваа благословена иницијатива имаше голем одек и донесе изобилен плод. Повеќедимензионалните еколошки дејности на Светата Христова Велика Црква денес се сосредоточени во феноменот на климатската промена, или поскоро криза, којашто има создадено состојба „на планетарна вонредна нужда“.

            Го цениме придонесот на еколошките движења, меѓународните договори за околината, занимавањето на научниците со овој проблем, прилогот на еколошкото образование, еколошката чувствителност и мобилизацијата на недобројни луѓе и особено на претставници од младото поколение. Сепак, настојуваме на тоа дека се бара еден аксиолошки „Коперников пресврт“, една коренита промена на менталитетот на глобално поле, едно суштинско преразгледување на врската помеѓу човекот и природата. Инаку, ќе продолжиме да ги третираме катастрофалните последици на еколошката криза, оставајќи ги недопрени и активни корените на проблемот.

            Еколошката закана е една димензија на продолжената криза во современата цивилизација. Во оваа смисла, соочувањето со проблемот не може да биде успешен врз основа на принципите на истата цивилизација, односно на логиката којашто ја создаде. Со повторување го имаме изразено своето убедување дека во животно важното за иднината на човештвото и на нашата планета духовно и аксиолошко преобраќање можат многу да придонесат Црквите и религиите. Вистинската религиозна вера ја урива надменоста и титанизмот на човекот, и претставува брана за претворањето на човекот во „човекобог“, кој ги укинува мерките, границите и вредностите, и самопрогласувајќи се за „мерило на сè“, ги инструментализира со-човекот и природата за задоволување на своите ненаситни потреби и самоволни стремежи.

            Искуството на вековите учи дека без една „архимедова“ духовна и вредносна потпора, човештвото не може да ги избегне опасностите на нихилистичкиот „антропологизам“. Тоа е заветот на древниот дух, како што го изразил Платон преку принципот „Бог ни е мерило на сите нешта“ (Закони 716c). Разбирањето на човекот и на неговата одговорност преку неговиот однос со Бога се изразува преку христијанското учење за создавањето на човекот „според образ Божји“ и „според подобие Негово“, како и преку преземањето на човековата природа од страна на воплотеното за спасението на човекот и за обновувањето на целото создание, предвечно Слово Божјо. Христијанската вера ја признава највисоката вредност како на човекот, така и на созданието. Во овој дух, почитувањето на свештеноста на човековата личност и заштитата на интегритетот на многу доброто создание се неразделни. Верата во Бог на мудроста и на љубовта ги вдахновува и ги поддржува креативните сили на човекот, го зајакнува пред предизвиците и тешкотиите, дури и кога нивното надминување се чини по човечки невозможно.

            Се боревме и продолжуваме да се бориме за меѓуправославна и меѓухристијанска соработка за заштита на човекот и на созданието, како и за вклучување на оваа тематика во меѓурелигискиот дијалог и во заедничките активности на религиите. Особено, пак, ја нагласуваме потребата да се разбере дека современата еколошка криза најпрво и најсилно ги погодува најсиромашните жители на Земјата. Во текстот на Вселенската Патријаршија „За животот на светот: Социјалниот етос на Православната Црква“ ова прашање е нагласено и неопходната грижа на Црквата пред последиците на климатските промени е подвлечена со акцент: „Мора да разбереме дека служењето на ближниот и зачувувањето на природната средина се неразделно поврзани. Подобно на тоа, нашата грижа за созданието и нашето служење на членовите на телото Христово се неразделни, како што се поврзани и економските услови на сиромашните со еколошките услови на Планетата. Научниците ни велат дека оние кои најмногу страдаат од сегашната еколошка криза се и ќе бидат оние кои имаат најмалку. Следствено, проблемот на климатските промени е и прашање на социјална грижа и социјална справедливост“ (§ 76).

            Завршувајќи го зборот, ви посакуваме, сечесни браќа и најсакани чеда, полна со божествени благослови и плодоносна нова црковна година, призивајќи ја врз сите вас – преку посредништвото на Пресветата Богородица Паммакаристос (Себлажена), чијашто чудесна и чудотворна икона денес празнично ја чествуваме и со смиреност ја целиваме – животворната благодат и безмерната милост на Творецот на сè и Бога на чудата.

2024 септември 1

Константинополскиот
огнен молитвеник за вас

Извор: ΦΩΣ ΦΑΝΑΡΙΟΥ