Светиот Партениј како образец за умен човек

Слово не Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, на Божествената Литургија во чест на споменот на Свети Партениј Лапсакиски, 7/20 февруари 2024 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Честопати се поставува прашањето: што значи да се биде умен или паметен човек? На ова прашање  разни луѓе  различно одговараат. Едни, на пример, ги нарекуваат умни тие кои знаат како да заработат пари и да постигнат богатство или тие кои умеат да дојдат на власт или тие кои стекнале прочуеност и слава или тие кои имаат убав удобен живот и уживаат во задоволство во животот. Кај овие луѓе лајт мотивот им е „ние живееме  на земјава еднаш, вторпат нема“, а следствено на тоа потребно е „со сите сили да се добереме до успех и да спечалиме  богатство, власт и насладување  во животот додека има време“. Логиката тука е проста: да јадеме, да пиеме, да се веселиме и да земеме сѐ од животот, зашто утре ќе умреме. Или според една народна српска песна: „земи сѐ што ти пружи животот, денеска си утре не си“.

Од друга страна, многу  луѓе таквото јавно, но и многу ниско  разбирање за човечкиот ум, не го прифаќаат. Тие на прашањето кого можат да го наречат умен одговараат оној кој добил одлично образование, кој има широка ерудиција и владее со повеќе јазици, или оној кој многу патувал, многу знае и слично на тоа. „Со таков човек интересно е да се контактира“ –  ќе кажат таквите луѓе, и тие се за нив умни луѓе. Некои, пак, ќе речат дека умен човек  е оној кој е опитен, прониклив, оној кој ги познава животот и луѓето, и кои умеат да го применуваат тоа знаење во својот живот. Такви или слични одговори обично добиваат и даваат мирските луѓе на горе поставеното прашање.

Христијанството, пак, одговара на ова прашање сосема поинаку. Еве што вели св. Антониј Велики: „Луѓето обично се именуваат умни според неправилното употребување на овој збор. Не се умни  тие кои го изучиле учењето на древните мудреци туку тие на кои душата им е умна и кои можат да разликуваат што е зло, а што е добро. Злото и душепогубното да го избегнуваат, а за доброто и душеполезното разумно да го подражаваат и да го прават тоа со голема благодарност кон Бога. Тие се единствените што треба да се нарекуваат умни луѓе“. Од наведените зборови на св. Антониј Велики, пред сѐ, може да се заклучи дека човекот не може да биде умен без Бога. Само оној кој Му угодува на Бога и кој ја исполнува Неговата волја може да се нарече умен човек.

Токму вака за умните зборува и преподобниот Јован Лествичник. За него да се биде умен треба да се исполнува  волјата Божја на секое место и во секое време и во секое дело. Со други зборови, за да се нарече некој умен или мудар тој треба да ја знае волјата Божја и да ја исполнува. Имено, на таквата мудрост нѐ учи и Светото писмо кога зборува преку устата на св. ап. Павле: Затоа немојте да бидете неразумни туку распознајте што е волјата Божја! (Ефес. 5, 17). На тоа нѐ учи и главната христијанска молитва преку зборовите: „Да биде волјата Твоја“,  прозба што ние ја изговараме секојдневно.

Како да ја познаеме волјата Божја најјасно ни одговара св. Филарет Московски кога вели: „Повикај со зборовите на Павле: Господи! Што ќе ми заповедаш да правам? Ако Ти е угодно на Тебе, Господи,  прифатливо е и за мене. Ако Ти е угодно на Тебе, благослови, ако не Ти е угодно не допуштај да го правам. Потоа слушај што ќе ти каже Бог во твојот збор, во твојот разум и во твојата совест, и во советите на мудрите и благочестиви луѓе и во внатрешните и надворешни укажувања или пројави.

Свети Партениј Лампсакиски, чиј спомен денеска го  прославуваме,  знаел  да ја препознае волјата Божја, па затоа и бил умен христијанин и ја исполнувал волјата Божја, волјата на Отецот Небесен, која води кон спасение и вечен  живот.

Да се обратиме со искрена молитва  кон св. Партениј, тој да ја  засили нашата молитва пред престолот на Небесниот Отец, па и ние да ја познаеме, но и да ја исполнуваме, та да наследиме Царство небесно, сега и во сета вечност, По молитвите на св. Партениј така нека биде.

Амин!