Велигденско послание од Вселенскиот Патријарх
+ВАРТОЛОМЕЈ
ПО МИЛОСТА БОЖЈА
АРХИЕПИСКОП НА КОНСТАНТИНОПОЛ – НОВ РИМ
И ВСЕЛЕНСКИ ПАТРИЈАРХ
ДО СЕТА ПОЛНОТА НА ЦРКВАТА
БЛАГОДАТ, МИР И МИЛОСТ
ОД СЛАВНО ВОСКРЕСНАТИОТ СПАСИТЕЛ ХРИСТА
„Првородениот од мртвите стана.“
(Воскресен отпустителен тропар на 3-ти глас)
Возљубени чеда во Господа,
Ако Воскресението Христово се однесува само на Христа, тогаш неговото значење за нас ќе беше ништожно. Но, Христос не воскресна сам. Ги совоскресна со Себе и сите луѓе. За ова громогласно говори еден од нашите претходници, свештениот Златоуст: „Воскресна Христос и нема мртовец во гробовите; зашто кога воскресна Христос од мртвите, стана почеток на умрените.“ Односно Христос, воскреснувајќи од мртвите, постави почеток на воскресението и на преминот од смрт кон живот на сите оние кои се упокоиле и на оние на кои им претстои да се упокојат. Пораката е радостотворителна за сите, зашто Воскресението на Христа ја укина силата на смртта. Оние кои веруваат во Него, очекуваат воскресение на мртвите и затоа се крштеваат во Неговата смрт, совоскреснуваат со Него и живеат живот вечен.
Светот, кој е отуѓен од Христа, се обидува да стекне материјални добра, зашто во нив ја утврдува надежта на својот живот. Се надева без расудување дека преку богатството ќе ја избегне смртта. Опрелестениот човек, за да стекне богатство, кое би требало да му го продолжи животот, предизвикува смрт на другите. Ја отстранува од нив економската сила за преживување и многупати го пресекува текот на нивниот живот, надевајќи се дека така ќе го спаси сопствениот живот.
Но, страшно! Неговата прелест е голема. Животот се добива само преку вера во Христа и преку Неговото воплотување.
Искуството на Православната Црква уверува дека соединетите со Христа живеат и по смртта, сопостојат со живите, собеседат со нив, ги слушаат и многупати чудесно ги исполнуваат нивните прозби.
Не е потребна повеќе митолошката „вода на бесмртност“. Бесмртноста постои во Христа и од Него се раздава на сите.
Не треба да се истребуваат народи, за да преживеат други народи. Ниту е потребно да се истребуваат беспомошните човечки суштества, за другите да живеат комотно. На сите Христос им дава земен и небесен живот. Воскресна, и сите што сакаат, Го следат Него во патот на Воскресението. А сите кои посредно или непосредно ја шират смртта, мислејќи дека така ќе го продолжат или олеснат сопствениот живот, се осудуваат себе си на вечна смрт.
Воскреснатиот Господ наш Исус Христос дојде во светот за сите луѓе „да имаат живот и да го имаат во изобилие“ (Јован 10, 10). Голема прелест е да веруваме дека ќе дојде благоденствие на човечкиот род преку истребување еден со друг. Христос ги воскреснува мртвите и ја поништува нивната смртност. Он има сила да ѝ одолее на смртта. Самото тоа што со Воскресението ја победи смртта, потврдува дека таа се одвраќа од Него. Христос води во живот и го дава повторно, ако бил прекинат, зашто Он е „Живот и Воскресение наше“. Затоа, ние верните не се плашиме од смртта. Нашата сила не е во неранливоста на нашето тело, но во неговата способност за воскресение.
Христос воскресна! И ние ќе воскреснеме!
Да Го последуваме, возљубени браќа и чеда во Господа, воскреснатиот Христа во сите Негови дела. Да помогнеме на оние кои се лишени од средства за живот, да си го одржат животот. Да објавиме на оние кои го одрекуваат Христовото воскресение дека преку него се укина смрттта и, дека и тие имаат можност да учествуваат во Неговото воскресение, верувајќи во Него и следејќи ги Неговите стапки. Нашето лично воскресение е возможно само тогаш, кога ние го објавуваме на другите наши браќа. Само тогаш, победоносната објава „Христос воскресе“ ќе дејствува правилно за целото човештво. Така нека биде. Амин.
Света Пасха 2012
+ Константинополскиот
огнен молитвеник кон Христа Воскреснатиот
за сите вас