Зборови на благодарност и благопожелби за нашиот Старец

Обраќање на архимандритот г. Доситеј по повод именденот на нашиот старец, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, на Вечерната богослужба во чест на светиот отец наш Партениј Лампсакиски, на 6/19 февруари 2026 лето Господово


Почитуван наш Старецу, епископ Антаниски и игумен на нашата Бигорска свештена обител г. Партениј,

Почитувани отци,

Браќа и сестри монаси и монахињи,

Браќа и сестри, телесно присутни овде, но и вие кои сте духовно со нас,

Дозволете ми во името на нашето братство и сестринствата да кажам збор-два по повод одбележувањето на именденот на нашиот возљубен старец, Преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј.

Имено, од оваа година ја започнуваме четвртата декада на достојно и торжествено сеќавање на нашиот отец меѓу светиите, епископот Лампсакиски Партениј Чудотворец, кој е небесен молитвен застапник на нашиот игумен и старец, како што бил некогаш небесен покровител и на епископот Партениј Зографски – патем чијашто 150-годишнина од упокојувањето ја славиме годинава – и на игуменот Партениј, коишто, исто така, биле монаси на оваа свештена обител.

Молитвословијата ги принесуваме заедно, монасите и монахињите, заедно со сите духовни чеда,  чијшто број од година во година се зголемува. Тоа е плод на молитвата и на несебичното духовно залагање и вложување на нашиот Старец за добробитието на нашата света помесна Црква, МПЦ–ОА. Зашто, растејќи Црквата, духовно растеме и сите ние, неговите духовни чеда. Меѓу нас има и такви што дошле овде како многу млади, а денес веќе доаѓаат со своите семејства и деца. Има и такви кај кои веќе трета генерација, заедно со нас, се моли на светите богослужби.

Благодатта на Светиот Дух, застапништвото, пред сѐ, на Пресветата Богородица, како и молитвеното покровителство на нашиот небесен заштитник, ангелот во тело – светиот Јован Пророк, Претеча и Крстител, кој го вдахновува покајното слово во сите проповеди на Старецот; и небесната заштита на светиот Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор, кој пред повеќе од илјада години ја изградил првата црква на ова место и со топла молитва пред Претечата се застапувал за идните монашки братства – сето тоа силно му помага на нашиот Старец. Така тој може да го носи тешкото бреме на игуменството и, во духовна смисла, трновиот венец на тоа служење – подвиг што го опфаќа личното молитвено стоење пред Бога, молитвите за сите нас, како и секојдневните богослужби и послушанија што ги извршува со љубов и трпение.

Да се молиме и ние сите заедно, трудејќи се нашите молитви да бидат горешти и да стасаат до Престолот на семоќниот Бог, та Бог Света Троица и Пресветата Богородица секојдневно да го утешуваат и укрепуваат; свети Јован Крстител да го вдахновува и потсилува, за постојано да одекнува од оваа пустина неговиот глас: „Покајте се“; свети Јован Дебранин да му дарува мудрост за да се запази оваа свештена обител; и, секако, свети Партениј, епископот Лампсакиски, да му дава сили во подвигот на послушанието и во служењето на светата Мајка – Црквата Божја.

Воскресение без Распетие нема – тоа сите добро го знаеме. Но токму затоа да се молиме, пред сè, за нашето единство, како и за единството на сите наши браќа и сестри во нашата, но и во сите помесни Цркви. Така, обединети и едномислени во верата, да Му принесеме молитва на Бога за спасението на сите души и за победата на Агнецот Божји, зашто тоа е најпотребно во овие времиња.

Но без молитвата за нашиот духовен отец, кој непосредно пред Бога се застапува за нас, и без неговите утешителни слова и поуки, нема да можеме да ја издржиме духовната борба. Затоа ве замолувам сите усрдно да се молиме за нашиот Старец, да принесуваме топли молитви за него и да го зарадуваме неговото татковско срце.

На многаја и благаја лета, Владико!