Ах, каков е нашиот Господ!

Што ќе му дарувам на својот Господ?

Јас сум ништожен. Господ тоа го знае, но сакам да се смирам и да ги љубам своите ближни, па дури и ако тие ме навредуваат. Секогаш Го молам милостивиот Господ да ме научи да ги љубам непријателите. И јас по милосрдието Божјо почувствував што значи да се љуби Бог и ближните. Дење и ноќе Го молам Бога за љубов, а Тој ми дарува солзи да плачам за целиот свет. Но, ако некого осудам или лошо го погледнам, солзите се губат и душата паѓа во униние. Тогаш повторно молам за прошка од Господа и милостивиот Господ ми простува мене грешниот.

Пишувам, браќа, пред лицето на својот Бог: смирете ги срцата ваши и ќе ја видите милоста Господова уште тука на земјата и ќе го познаете Создателот небесен и вашата душа нема да може да се насити од љубов.

Никој сам од себе не може да знае што е тоа љубов Божја, освен ако Светиот Дух не го научи. Во нашата Црква љубовта е откриена преку Светиот Дух и затоа можеме да зборуваме за неа.

Не познавајќи Го Господа грешната душа се плаши од смртта и мисли дека Господ нема да и ги прости гревовите. Тоа е затоа што таа не Го познава Бога и љубовта Негова кон нас. Кога би го знаеле тоа луѓето, ниту еден човек не би очајувал, бидејќи Господ не само што ќе прости, туку и многу се радува на обраќањето на грешникот. Па дури и да дошла смртта, ти само цврсто верувај дека ќе добиеш простување во оној момент кога ќе го побараш.

Господ не е како нас. Тој е неизмерно кроток, милостив и благ. Спознавајќи Го, душата се воодушевува до крајност и вели: „Ах, каков е нашиот Господ!“

Духот Свети се дарувал на нашата Црква за да се спознае големината на милосрдието Божјо.

Господ нè љуби така кротко, без укор, нè прима при Себе онака како што и таткото од Евангелието без да приговори го примил својот блуден син, му ја дарувал најубавата облека и скапоцен прстен и обувки на нозете негови и наредил да се заколе угоеното теле и да има веселба, не приговарајќи му за ништо.

О, со колку кротост и смирение сме должни и ние да ги исправаме нашите браќа, за и ние да можеме да се веселиме за нивното обраќање.

Духот Свети ја учи душата неискажливо да ги љуби луѓето.

О браќа, да ја заборавиме земјата и сè што е на неа. Таа нè одвлекува од согледувањето на Света Троица, која е недостижна за нашиот ум, иако светителите сепак ја гледаат на небесата преку Светиот Дух.

Да пребиваме во молитва без никакви претстави и да молиме смирен дух од Господа. Тој ќе нè возљуби и ќе ни дарува на земјата сè што е полезно за душата и телото.

Господи милостив, дарувај ја благодатта Своја на сите народи на земјата, за да Те познаат Тебе. Без Твојот Свет Дух човекот не може да Те познае, ниту да ја разбере Твојата љубов.

Деца, познајте Го Создателот на небото и на земјата!

Господи, испрати им ја милоста Своја на децата што ги љубиш на земјата и дарувај да Те познаат преку Светиот Дух. Со солзи Те молам: Услиши ја молитвата моја за децата Твои и на сите дарувај им преку Светиот Дух да ја спознаат славата Твоја.


Извадок од книгата: Архимандрит Софрониј, Старец Силуан, Велес 2014, 387-389