Светлиот лик на Назареецот, оставил врз мене несоборлив впечаток…
Алберт Ајнштајн, еден од најголемите научни гении на дваесеттото столетие, во целиот свет познат физичар-теоретичар, кој станал „најистакнат творец на новата епоха во физиката“, роден е на 14 март 1879 год., во Улм, во еврејско семејство. Неговиот татко, Херман Ајнштајн (1847-1902) бил трговец со хемикалии и со електротехнички материјали, најпрвин во Германија (потоа во Швајцарија и Италија), а мајка му Паулина Ајнштајн (1858-1920), била трудољубива домаќинка, која се грижела за семејството. Нејзиното моминско презиме било Кох.
Во 1880 год. Ајнштајнови се преселиле во Минхен, каде младиот и надарен Алберт го започнал своето редовно школување. Кога наполнил петнаесет год., тој отишол во Арау, Швајцарија, и таму студирал математика и физика на политехниката во Цирих. Заради дискриминацијата кон Евреите во Германија, се откажал од германското државјанство и добил швајцарско. Првите свои трудови ги објавил кога имал 21 година.
Во Цирих ја запознал Милева Мариќ од Нови Сад (во некои животописи пишува дека била од Тител). Милева студирала во Цирих и била една година повозрасна од него. Се вљубиле и стапиле во брак на 6 јануари 1903. Бидејќи била одлична математичарка, таа вонредно многу му помогнала во научната работа. Може слободно да се рече дека Ајнштајн, во почетокот, не би станал тоа што станал, без неа. Сепак, нивниот брак не бил среќен и затоа завршил со брачен бродолом.
Во 1905 год. Алберт Ајнштајн објавил два значајни труда: „Теорија на релативноста“ и го објаснил законот за фотоелектричниот ефект, со помош на квантната теорија (труд за кој ја добил Нобеловата награда во 1921), а докторирал со трудот „Едно ново определување на молекуларните димензии“. Во 1909 год. станал вонреден професор во Цирих, а во 1914 год. станал директор на „Кајзер-Вилхемовиот институт “ во Берлин и станал член на Пруската академија на науките. Повторно го вратил германското државјанство, со желба, на некој начин да помогне на Вајмарската Република. Како Евреин и голем противник на фашизмот, на злосторничката девиза „мислете како нас или умрете“, заминал во САД и се населил во Принстаун, каде што се занимавал со наука сè до својата смрт (1955). Инаку „поради своето упорно противење на фашизмот и на војната, бил сметан за еден од најголемите прогресивни духови на човештвото“. Еден хемиски елемент, откриен во 1954 година го добил името Ајнштајниум, во негова чест.
Ајнштајн бил научник и човек со голема вера. Имал познавање и од Јудејството и од Христијанството. Неговите мисли за Христос, нашиот Спасител, се вистински бисери на трезвен, логичен и генијален ум:
„Светлиот лик на Назареецот, оставил врз мене несоборлив впечаток… ако Еврејството на пророците и Христијанството на Исуса, како што Спасителот ги проповедал, се очистат од сите подоцнежни наслаги… светот ќе добие едно учење (една наука), кое може да ги исцели сите социјални зла на човештвото… Исус Е неизмерно велик за сфаќањата на луѓето, кои се мајстори на изразувањето. Никој не може да ја уништи Христовата остроумност… никој не може да го чита Благовестието (Евангелието), а да не ја почувствува Исусовата присутност. Пулсот на Неговата Личност, чука во секој збор… никој не може, а да не го признае фактот, дека Исус живеел и дека Неговите зборови се чудесно убави. Дури и ако некои поединечни луѓе претходно рекле нешто слично, сепак никој од нив не се изразил така божествено, како Он“.
Современиот германски автор, Јохан Викерт, смета дека верата на Ајнштајн во суштина е „космичка религиозност“, можеби заради тоа што го збунуваат следниве зборови на Ајнштајн: „Јас верувам во Спинозиниот Бог“. Но, Алберт Ајнштајн не бил пантеист, ниту атеист. Тој, самиот, најдобро ја објаснува својата вера во личниот Бог.
„Вообичаената претпоставка, дека сум атеист, почива врз голема заблуда. Кој го наоѓа тоа во моите теории, едвај дека ги сфатил. Погрешно ме разбрал и ми покажува непочит. ЈАС ВЕРУВАМ ВО ЛИЧНИОТ БОГ, и можам со чиста совест да речам дека никогаш во животот не сум го поддржувал атеистичкиот поглед на животот. Веќе како млад студент, раскрстив со научното гледиште на осумдесеттите години (на 19-от век) и со оние кои ја поддржуваат науката на еволуцијата. Па, треба да сме свесни дека развојот тече и натаму, не само во областа на техниката, туку и во областа на науката, пред сè во областа на природните науки. Многумина научници денес се убедени дека религијата и науката не се противат една на друга.
Што се однесува лично до мене, јас сум убеден дека без религијата човештвото и денес сеуште би било на варварскиот степен на развојот. Целиот заднички живот би се одвивал во незамисливо примитивни околности. Едвај дека би постоела безбедност за животот и за сопственоста; И борбата на секој против сите, која е непрестаен човечки нагон – тоа е мое цврсто убедување – би се изразила на многу посвиреп начин, отколку што е тоа случај денес. Религијата била таа, која му помагала на човештвото да напредува во сите области.“
Ајнштајн знаел дека Бог е Дух, Кој постојано создава нови убавини, и Кој суверено владее со вселената и во тие рамки ја вообличил својата претстава за Бога: „Мојата вера се состои во скрушено восхитување од возвишениот Дух, Кој се открива во ситни поединости, што сме во состојба да ги сфатиме со нашите слаби и ограничени умови. Таа длабока, емоционална увереност во присутноста на една ВОЗВИШЕНА РАЗУМНА СИЛА, Која се открива во несфатливата вселена, ја вообличува мојата претстава за Бога.“ Генијалниот Алберт Ајнштајн не е само искрен, туку е и понизно скромен пред Бога.
Извадок од необјавената книга „Верата на големите луѓе“ од д-р Душан Хр. Константинов
Душан Хр. Константинов (р. 1924 – поч. 2002)
Душан Хр. Константинов е македонски интелектуалец и истражувач, познат по својот прв целосен превод на Светото Писмо на современ македонски јазик, со што отвори нови патишта за духовното и јазичното развивање на земјата. Поседувал една од најголемите приватни библиотеки во Македонија, која делумно била донирана на Бигорскиот манастир, овозможувајќи широк пристап до знаење и духовни ресурси. Со своите два докторати од времето на Југославија, Константинов се вбројува меѓу најзначајните македонски културни дејци, оставувајќи длабок печат врз научниот, духовниот и културниот живот на земјата.