Бдејте

Бдејте

Стојте непрестајно на духовна стража, бидејќи не знаете кога Господ ќе ве повика кај Себе. Бидете спремни, во својот живот, во секоја минута да Mу положите сметка. Чувајте се да не ве улови ѓаволот во својата мрежа и да не ве прелаже, принудувајќи ве да паднете во искушение. Испитувајќи ја секојдневно вашата совест, проверувајте ја чистотата на вашите намери и мисли.
Синот на некој цар бил многу лош човек. Не надевајќи се дека ќе се промени, таткото го осудил на смрт, но, му оставил еден месец за да се припреми за неа. По изминувањето на определениот рок таткото го повикал синот. Забележал дека тој наполно се променил. Лицето му ослабело и му се збрчкало. Целото тело му страдало.
„Синко, зошто си се променил така? “ прашал таткото. Синот му одговорил: “ Татко и господару мој, како да не се променам. За сето ова време, секојдневно ми се приближуваше смртта.“
„Добро, сине,“ продолжил таткото, „бидејќи се вразуми ќе те помилувам, но мора да го чуваш тоа бојазливо расположение на душата низ сиот свој живот.“
„Татко, тоа е невозможно. Како можам да се заштитам од безбројните соблазни и искушенија?“
Тогаш царот наредил да се донесе сад преполн со масло. Со наредба му го предал на синот. „Земи го садов и носи го низ сите градски улици. Со тебе ќе одат двајца војници со мечови. Ако истуриш само една капка, веднаш ќе ти ја отсечат главата.“ Синот се покорил. Со бавни, но сигурни чекори, ги поминал сите улици во придружба на војниците и не истурил ниту една капка. Кога се вратил во дворецот, таткото го прашал:
“Сине, што виде поминувајќи низ градските улици?“
„Ништо не видов.“ – одвратил синот.
„Како, ништо,“ рекол таткото, „денес е празник и ти сигурно виде шатори, килими, кочии, луѓе и животни.“
„Ништо не видов“, повторил синот. „Сето мое внимание беше насочено на маслото во садот, бидејќи се плашев да не ми капне и притоа да не го изгубам животот.“
„Добро е сине. Целиот свој век, спомнувај си за таа задача. Чувај ја душата, како што го чуваше маслото. Одвраќај ги своите мисли од она што е минливо и упатувај ги кон она што е вечно. Вооружените војници нема да одат по тебе, но помни дека смртта, секој ден ти е сé поблиска. Со ваква внимателност ќе ја сочуваш душата од погубните соблазни.“
Синот од сé срце го примил советот и поживеал среќно.
Бидете секогаш внимателни. Чувајте ја својата душа! Одвраќајте ги вашите мисли од она што е минливо и упатувајте ги кон она што е вечно, и во тоа ќе ја најдете среќата што ја бара вашата душа и кон која силно тежнее вашето срце.

Од книгата “Покајање пут спасења“