Богородица – пример за секоја православна жена и мајка

Слово на Неговото Високопреподобие Архимандрит Партениј, изговорено на празникот Успение на Пресвета Богородица, 2010 лето Господово

Животот на Богородица е како една скала, по која таа се искачи до небесните височини, стана почесна од херувимите и пославна од серафимите. Богомајката  стапна на првата скала, кога на тригодишна возраст беше воведена во храмот, каде времето го поминуваше во непрестајна молитва и рачна работа. Тоа е пример за сите нас, особено за монасите, кои живеат при храмот Господов и треба постојано да пребиваат во молитва.

Втора скала од нејзиниот живот е времето поминато во домот на Праведниот Јосиф, каде Таа, на така мала возраст, со голема одговорност се грижи за неговиот дом и неговите деца, истовремено справувајќи се со разни искушенија и сомнежи од страна на Јосиф. Ова е  пример за секоја православна жена и мајка.

Трета скала се нејзините големи искушенија и страдања, при патот на Христос на Голгота. Болката  што Таа како Мајка ја претрпела, гледајќи го срамното понижување и ужасна смрт на своето чедо, била неизмерна. Сепак, Таа не негодувала за злоделото, туку трпеливо се молела и Му благодарела на Бога за сѐ.

Четвртата скала е нејзиното духовно живеење, по вознесението на Господ Исус Христос на небесата. Таа пребивала во постојано сеќавање на се она што Христос го направи за спасение на човечкиот род. Но тоа го правела не со жал, туку со радост, заради воскресението. Ова е пример за сите нас, дека треба да се потсетуваме на се она што стана заради нас, крстот, гробот и тридневното Воскресение. Ние сме должни да се потсетуваме на сето ова, за да имаме блажен живот.

Вечерва, подајте ги своите срца на Богомајката, бидејќи Таа е дародарителка, нека ги слушне нашите молитви и да ја спаси нашата Татковина, особено нашата младина, која, за жал, поголемиот дел е изгубена  во неморалот, што денес се пропагира на сите страни. Ви посакувам на сите добро бдение и по вашите молитви, Богородица да им ги отвори духовните очи на сите луѓе, та сите да тргнат по патот на спасението. Амин!