Бев Савле, Слава Му на Бога што станав Павле- Гете

Гете
Бев Савле, Слава Му на Бога што станав Павле
✣✤✣

Универзалниот ум на книжевното, научното и филозофското творештво, Јохан Волфганг Гете, без сомнение е еден од најдлабоките мислители, еден од најголемите лирски поети на светската книжевност, совршен германски класичар и голем гениј на човештвото. Тој е роден на 28 август, 1749 год. во Франкфурт, во семејството на државниот советник Јохан Каспар и на необично интелегентната мајка Катарина Елизабета. Уште како дете тој бил особено љубопитен и со големо внимание сакал да ги набљудува настаните и луѓето околу себе. Таму, во топлиот родителски дом, тој се запознал и со основните вистини за христијанската вера.
Жеден за научни сознанија, Гете почнал да студира правни науки на Универзитетот во Лајпциг, но поради болест, бил принуден да ги напушти студиите и да се врати во својот дом во Франкфурт. Тука, врз него извршила негативно влијание една образована пријателка на неговата мајка, Сузана Клетенберг, која се занимавала со окултни науки и која не можела да сфати дека не постои никаква врска помеѓу нив и христијанството. Заради нејзиното силно влијание, кај Гете се појавил интерес за алхемијата и магијата, како и за проучување на делата на Парацелзиус.
Гете успеал да се ослободи од влијанието на таа фатална жена, тогаш, кога благодарение на својата аналитичка логика, ја согледал големата заблуда. Така тој продолжил со студирањето. Неговиот живот поминал низ неколку плодни периоди: франкфуртски (1771 – 1775), прв вајмарски (1775 – 1785), долго посакуваното патување низ Италија (1786 – 1788) и втор вајмарски, кој всушност ги опфаќа годините на неговата старост (1805 – 1832).
Кога се вратил од сончевата и преполна со споменици, Италија, Гете се вљубил во Христијана Вулпиус, со која и се оженил во 1788 год., и која му родила, пет деца. Од нив во живот останало само најстарото – Август фон Гете, кој, пак, се упокоил пред разжалостениот татко.
Кога, еднаш, почнал да пишува, Гете не престанал со тоа до крајот на својот живот. Создавал во сите области на германската книжевност, во периодот на нејзиниот полн процут: пишувал прекрасни лирски и силни епски песни; драми со исклучително интересна содржина, романи, патеписи, студии и писма до пријателите; освен тоа, благодарение на вродените дарби за творење во повеќе области, тој се занимавал со сликарство и со природни науки. Воопшто, генијалниот поет на германската култура и на целиот свет, оставил во наследство многу книжевни, научни и философски дела. Од тука, јасно е дека Гете бил сестран човек.
За нас, пак, јужните словени, Гете е особено значаен, зашто се занимавал и со српската народна поезија и истата ја вовел во светската книжевност.
Гете, со своите дела влијаел на мнозина писатели и поети, како во минатото, така и сега, зашто неговото творештво ги обединува чистотата и елеганцијата на стилот, со особено богата фантазија и со длабоки идеи. Браќата Данчеви за Гетеовиот живот рекле дека претставува „образец на најхармоничен развој“.
Едно време, во своите младешки години, Гете заталкал низ лавиринтите на магијата, но неговата љубов кон постојаното читање на Библијата, му помогнала да го пронајде својот пат кон вистинската вера, која уште од раното детство била длабоко всадена во неговата душа. За себе велел дека бил германскиот Савле: „Толку Го љубам Исуса Христа и толку верувам во Него и сум благодарен што верувам во Него…Постоеше време кога бев Савле; Слава Му на Бога што станав Павле“. Навистина, Гете верувал дека Христос е Божествен Човек, Богочовек, дека е Бог; и за него не постоело ништо поубаво од Евангелието Христово, за кое со искреност, својствена на дете, напишал: „Кога Христос не би бил Бог, Бог би бил Оној, Кој го измислил Евангелието“. Неговата мисла за Новиот Завет е дека тој наликува на голем скапоцен бисер меѓу мали бисерчиња: „Божјото јавување по кое копнееме, никаде во светот не е толку убаво, како во Новиот Завет“. А за Евангелието напишал: „Евангелијата се потполно автентични, зашто во нив дејствува одблесокот на величината која излегува од лицето на Христа; во таков лик Божественоста досега не се јавила на земјата. Јас се поклонувам пред Евангелијата, зашто тие се божествено откровение на највисокиот принцип на моралноста…духовната култура може да напредува уште повеќе; природните науки би можеле да се развиваат во сè поголема ширина и длабочина и човечкиот дух може да се усовршува колку што сака. Но, сето тоа нема да ја надмине големината и моралната култура на христијанството, чиј сјај се забележува во Евангелието“.
Германскиот професор Оскар фон Шулц за Гете напишал: „За Гете, Бог Е Голем Дух, Бог на голем разум, Бог на убавина, на голема добрина“. А генијалниот славохристијански писател, пак, Достоевски, кој бил восхитен од Гетеовата вера, го оценува како човек, кој ја сакал молитвата во текот на целиот негов живот.
Собрал Душан Хр. Константинов