Страдањето во овој свет е неизбежно. Но, само страдањето заради Божјата вистина нѐ носи во вечниот живот. Страдањето е еден од најголемите учители. С. Серафим Роуз, во една прилика рекол: „Зошто луѓето се учат преку болката и страдањето, а не преку удобноста и среќата? Многу едноставно, затоа што преку удобноста и среќата, човекот се навикнува да се задоволува со нештата од овој свет, додека болката и страдањето го тераат човекот да трага по најдлабоката среќа, која го надминува овој свет“.
Кога човекот ќе Го прифати Христа во своето срце, темнината на неговите страдања се претвора во светлина. Тогаш страдањето се преобразува во духовна храна, со чија што помош се развиваат добродетелите. Првата добродетел што ја учи човекот преку страдањето е смирението. Бог преку страдањето ги учи луѓето, за да им ја открие нивната слабост, та на тој начин да ја бараат Христовата сила.
Следната добродетел која ја раѓа страдањето е долготрпението. Преку трпењето на болките и маките во животот, се стекнува духовна сила. Преку истрајното трпење на страдањето се смирува душата на човекот.
Третата добродетел на која човекот се учи преку страдањето е сомилоста. Оваа добродетел може да се развие до толкава мера што, буквално, човекот станува способен да ја почувствува болката на другиот човек, па дури и болката на сите луѓе.
Од овие три добродетели, што се стекнуваат со носењето на Христовиот крст, се раѓа една состојба која се нарекува „болка на срцето“. Болката на срцето е изворот од кој страдалникот заради Христа ја црпи својата сила, онаа што му дава сила сè да издржи.
Живееме во хаотичен свет кој се наоѓа пред издивнување. Како Христијани, ние сме оние што се бунтуваа и одбија и понатаму да учествуваат во човековата војна против Бога. Да се зборува за љубовта значи да се зборува за Бога, бидејќи Бог е љубов. Бог не е мртов, бидејќи кој би можел да ја убие љубовта? Љубовта е она за кое вреди да се умира секојдневно. Бог е Оној за Кој вреди да страдаме до крајот, бидејќи Бог е Оној Кој прв страдаше за нас.
(Извадок од книгата: Последниот вистински бунт)