Божикен речник

КАЛАНДИ –
„Вечниот Бог слезе и во Дева се всели: свет, свет, свет си и пресвет Господи. Царот на сите и Господ, дојде Адам да го преобрази: свет, свет, свет си и пресвет Господи…“

Ова е една од бројните Божикни песни, кои се пееле во деновите на празнувањето на Рождеството Христово и се нарекувале „каланди“. Самиот збор ’кάλαντα‘ (грч.), ’каланъди‘ (ст.сл.), доаѓа од византиското ’кαλένδες‘ (календес), кое, пак, происходи од латинското ’кalendae‘ (календае), што кај старите Римјани го означувало првиот ден од месецот. Римјаните го презеле овој збор од Хелените и тој е етимолошки поврзан со старогрчкиот глагол ’καλέω‘ (калео), што во превод значи ’викам, повикувам, нарекувам‘. Зборови оформени од овој корен се појавиле и кај словенските народи, така што од старословенското ’ каланъди ‘, кај нас денес се зачувала формата ’коледа‘ или ’коледе‘, кај Русите ’коляда́, колядка‘, кај Бугарите ’коледа, колада, коленда‘, кај Србите ’коледа‘, кај Словенците ’kolednica‘, кај Чесите ’koleda‘ и тн. Коледето било стар народен обичај на празнувања, веселби и панаѓури во чест на доаѓањето на новата година, или, пак, на некој друг поголем празник. Но во православното Ромејско Царство христијанската светоотечка мисла ја вознела науката за човекот до божествени височини и празнувањата добиле нова смисла. Светите отци и учители на Црквата, вдахновени од Светиот Дух, мудро ги обмислиле христијанските празници и ги украсиле со неизмерна богољубива и човекољубива длабочина и значење. Тогаш, старите коледарски песни им го отстапиле местото на побожните христијански песни и химни, во кои се славел Единиот вистински Бог. Каландите во Византија со тек на време добиле облик на празнувања ограничени на деновите помеѓу Божик и Богојавление и се состоеле од милосрдна дејност на собирање подароци за сиромашните семејства, проследена со похвални и благодарствени песни во чест на Овоплотувањето на Спасителот Господ Исус Христос – Единствениот Човекољубец. Така, од старата незнабожечка оставина накрај останало само името ’каланди‘, кое се однесува на Божикните песнички. Кај нас тие уште се нарекуваат и коледарски песни.

Пеејќи ги Божикните каланди, верниците, особено најмладите, и надвор од храмовите со радосно ликување го објавувале насекаде Рождеството Христово, славејќи ја побожно Богомајката и Нејзината света Рожба. Божикната небесна радост луѓето ја изразувале на разни начини. Некаде се изработувало украсено бротче, кое ја претставувало Црквата Христова и со него се одело од дом во дом, каде што домаќините принесувале во бротчето разни дарови. На други места Христовото Рождество се објавувало со ѕвезда, која ја означувала Витлеемската ѕвезда што ги водела тројцата Мудреци до Богомладенецот. Овој обичај и денес е запазен во Крушево.

СПИЛЕОН

Но можеби највпечатливо пред Бадник било во Битола. Таму најмладите, се разбира, со помош на повозрасните, со особена љубов и радост правеле мала пештера, која ја симболизирала Витлеемската пештера, и собрани во дружини ја носеле пештерата од куќа во куќа, тропајќи со дрвено чеканче по вратите и со песна возвестувајќи им на сите за Овоплотувањето на Божјото Слово. Битола, која некогаш била вистински пример за христијанската соборност и каде, поради многубројните цркви и манастири, животот прилегал на вистинска манастирска заедница, со особена ревност ја негувала оваа убава традиција. Можеби и затоа таа остана како единствен град во нашата земја каде ваквото навестување на Божик се задржало и ден денес, макар што тоа е само бледа сенка на некогашното торжество. И денес во Битола може да се види како дечињата, собрани во своите маали, прават импровизирани пештери т.н. ’спилеони‘, украсени со икони на Рождеството, свеќички, кандила… Самиот збор ’спилеон‘ сведочи за старото, византиско потекло на оваа традиција, бидејќи доаѓа од старогрчкиот збор ’τό σπήλαιον‘, што во превод значи ’пештера‘. Но за жал, поради губењето на соборниот живот во Црквата Христова, се изгубила духовната димензија и на ова славење, кое произлегувало од светопреданиското православно наследство, и освен што било израз на радосниот Божикен дух, ги поттикнувало жителите и кон вистинско христијанско милосрдие – вредните домаќинки правеле посни колачиња во вид на бебе, како символ за Богомладенецот, а некои имале обичај да подаруваат и парички, кои подоцна се разделувале на сиромашните семејства и на храмовите Божји.

БДЕНИЕ

Сега световното живеење надвор од Бога остави трага и врз славењето на христијанските празници. Наместо пост и воздржување – гозби и прејадувања. Неопаганизмот зазема сѐ поголем размер во духот на новото време. Дури и христијанските обичаи се облекле во паганско руво, губејќи ја својата вистинска суштина. Имено, иако и во Битола традицијата полека одумира, сè помалку се деца кои на овој ден излегуваат низ битолските улици со песна и пештера, а и самите пештери, денес, се само обични картонски кутии со свеќичка внатре, сепак, благодарение на благочестивоста на народот, празникот го задржал својот христијански характер. Но во другите градови, поради непочитувањето на постот, воведувањето на нехристијански коледарски песни и некои други пагански елементи, Бадник во потполност ја загубил својата христијанска смисла. Впрочем и самиот збор ’бадник‘ води потекло од старословенскиот глагол ’бъдѣти‘ што во превод на современ македонски значи ’стојам буден, не спијам, бдеам, бодар сум, стојам со напрегнато внимание‘. Следствено, Бадникова вечер буквално значи ’вечер во која се бдее‘ . Нашиот христољубив народ го дочекувал Раѓањето на Богомладенецот Христос собран по црквите и манастирите на сеноќно бдение, проследено со молитвословија и срдечни благодарења.

✣✤✣
* Сп. Этимологический словарь славянских языков, выпуск 3, Москва 1976, 109, 112-113; Български етимологичен речник, Том I (А – З), София 1971, 38.