Искушенија и заблуди

Код дух владее во тебе?

Разликувај ги во себе Духот животворен од духот душегубен, убиствен (Св. Серафим Саровски)

За напредување во духовен живот најважно е устројството на душата. Зашто во сѐ се работи за едно: да се преобрази нашата внатрешна природа. Затоа е неопходно да се проверуваат душевните движења, за да се знае кои состојби се поволни за молитвата, а кои ѝ пречат. Кај човекот дејствуваат две спротивставени сили: животодавната сила на доброто и смртоносната сила на злото. Душата е нивно бојно поле. Овие две сили можат да се препознаат според некои свои одредени особини:
Ако имаш во твојата душа добри мисли, ако твоето срце чувствува мир и радост, кога ти е лесно и удобно, тогаш во тебе е добриот Свет Дух, духот на доблести, на духовна слобода и на великодушност, на мир и радост (Св. Јован Кронштатски). Добриот дух те прави скромен, мирен и добродушен. Он зборува со тебе за вистината, за чистотата, за смирението, за искреноста, за мирот и за сите добри дела и доблести. Ако сето тоа е во твоето срце, тогаш предвесникот на вистината е очигледно во тебе.
Ако во согласност со појавата на мрачни мисли и зли движења во срцето и ти си стеснет, лесно запаѓаш во лутина, тогаш е извесно дека искушувачот е во тебе. Тогаш, во стеснетоста на срцето и во поматеноста, тебе тешко ти паѓа со срцето да Го повикаш Бог, зашто непријателот ја врзува душата. Злобниот дух е дух на сомнеж и неверие, на алчност и несигурност, на неволја и на немир. Злобниот дух те прави човек со тврдо срце, злобен и неразумен (Св. Серафим Саровски). Тој ја помрачува совеста, го скаменува срцето и го исполнува со самодопадлива илузија. Тој ја разбива твојата внатрешна собраност преку бескорисни фантазии, те фрла во мноштво разјадувачки чувства, те ранува преку лакомоста и те врзува со страстите. Тој исполнува со дрскост, самооправдување и тврдоглавост. Тој те гони од една работа на друга, која изгледа добра, но не е во вистинско време и не е на вистинско место, ниту пак, се изведува во вистинска мера. Со тоа тој ја збунува душата. Тој дозволува да се вовлечат мали грешки, кои од почетокот изгледаат сосема наивни. Ако се падне во овие, тогаш тој заведува во други грешки, кои се сметаат за грев, но ги оправдува со тоа дека тие се случуваат само повремено и се дозволени во посебни околности. Кој падне и во овие, тој се предал на злото. Зашто ѓаволот нема сам од себе да престане да дејствува во истата насока (Св. Теофан Затворник).
Ако човекот се оддели од Бога, тој ја губи и од Бога подарената сила. Не може веќе да излезе на крај со своите душевни движења, со своето тело, со надворешните случувања и влијанија. Тој тогаш запаѓа во многуработливост и во својата лакомост, живее сосема во надворешноста и заборава на Бога.
Според овие знаци се дознава кога во човекот живее Духот Божји, а кога во него е искушувачот.