Бракот како Тајна на љубовта

Општ е заклучокот дека денес бракот доживува криза. Тоа го сведочат мноштвото разводи. Тоа го сведочат и бројните брачни парови, кои, без да стигнат до развод, живеат сопружнички живот по договор и со толеранција, но не наоѓаат никаква среќа и никаква радост во нивната врска.

Сериозна причина за оваа криза е тоа што христијаните кои стапуваат во брачна заедница не го живеат својот брак како света Тајна.

Многу христијани, под влијание на световната и безбожна клима на нашата епоха, клима која денес е силно распространета (весници, песни, списанија, спектакли, реклами), го сфаќаат бракот единствено како физички, биолошки, или општествено-економски чин. Сексуалноста има длабоко влијание врз мислата на современиот човек, така што среќата на човекот се определува исклучително и единствено во сексот. Така, на бракот се гледа како на една законита и од општеството одобрена љубовна врска, без никаква свест за одговорност и мисија. Кога ќе помине љубовното задоволство, тогаш и бракот губи секаква смисла. Сопружниците се разделуваат за да најдат нов сопатник и нова авантура.

Меѓутоа, кога бракот останува само физички и општествен чин, без да стане „Таинство“, т. е. без да помине во Црквата, во тоа Царство Божјо, и да се преобрази, не постои можност да биде спасен и да спасува.

Бракот како физички и општествен чин му припаѓа на светот што постои надвор од Црквата. Не треба да забораваме дека светот, животот, човекот, природата, надвор од Црквата се поробени. Тоа се погледи на паднатиот свет, кој поради прародителскиот грев се затрул, смртно се разболел. Така и бракот како физички и општествен чин е болен и по самата своја природа немоќен да го ослободи човекот и да му подари исполнет и целосен живот.

Кога бракот ќе постане „Таинство“, ги преселува сопружниците и нивниот физички брак од стариот, неслободен и безбожен свет на егоизмот, распадливоста и смртта, во новиот богочовечки свет на Царството Божјо, на љубовта, на Црквата.

Секое Таинство претставува еден премин и една преобразба на стариот свет и на стариот живот во нов свет и нов живот во Христа, што се принесува како дар на Светиот Дух.

Преку светото Крштение човекот го напушта стариот свет за најпосле да влезе во Царството на Бога, и земајќи удел во Божествената Евхаристија тој се соединува преку Христа со Света Троица и со сите избавени верни.

Без Божествената Евхаристија Црквата не би постоела, бидејќи верните не би можеле да се соединат со Бога и да станат ново богочовечко Тело.

Тоа што се случува со Божествената Евхаристија, се случува и со Тајната на бракот. Сопружниците се соединуваат со Христа, а преку Христа и помеѓу себе, во една вечна и богочовечка заедница. Од една заедница на стариот, разболен свет, се преобразуваат во една здрава заедница во Христа, во новата твар на Царството Божјо.

Едноставно кажано: преку светата Тајна брак не се соединуваат само младоженецот и невестата, туку заедно со нив се соединува и Христос, или поконкретно: двајцата се соединуваат во Христа, Кој на тој начин ја прави нивната заедница света, совршена, здрава, богочовечка.

Се разбира дека за да биде бракот чин на преобразба во перспектива на Царството Божјо, не е доволно само формалното следење на свештениот чин на венчавањето од страна на младоженците, без никакво нивно совесно соучество во извршената света Тајна.

Совесното учество во светата Тајна доведува до создавање на еден нов дом, една мала Црква, едно мало Царство на Троичниот Бог. Характеристично е дека светата Тајна започнува, како и другите свети Тајни, со благословот на Света Троица: „Благословено е Царството на Отецот, и Синот, и Светиот Дух…“ Она што ги соединува сопружниците не е само физичката привлечност на двата пола, општествените прилики итн., туку пред сѐ Христос. Во новиот дом не царува авторитарно мажот или жената, туку Христос, зашто цел на обајцата е да ја извршуваат волјата на Христа, а не својата сопствена волја. Со основањето на христијанско семејство се основа и едно мало Царство Божјо. Сопружниците за време на свештениот чин се овенчуваат како цареви, додека се пее: „Господи, Боже наш, со слава и чест венчај ги“.

Богочовечкото соединување во бракот по Бога е толку свето, што Апостолот Павле, устата Христова, врската меѓу сопружниците ја уподобува на врската меѓу Христа и Црквата. „Оваа тајна е голема, но јас ви зборувам за Христос и за Црквата“ (Ефес. 5, 32).

Секако, за да биде бракот една пројава и откровение на Христовиот брак со Црквата, сопружниците би требало постојано да го надминуваат стариот човек што се крие во нив, да го распнуваат својот егоизам и страстите, и длабински да ја стекнуваат светата добродетел на смиреномудрието. Од ова гледиште, бракот претставува едно соучество во смртта и Воскресението Христови.

Никој не може да го живее новиот воскреснат живот Христов, доколку најнапред не се распне со Него и не го погребе стариот човек. Двајцата сопружници взаемно си помагаат да го распнат стариот човек. Тоа е многу тешко. Претставува своевидно мачеништво. Не е случајно тоа што во чинот на бракот се пее маченичкиот тропар: „Свети маченици, кои добро пострадавте и се овенчавте…“, додека се прави литија, откако претходно свештеникот ќе го постави на средина светото Евангелие. Оваа литија нѐ потсетува дека бракот е едно постојано движење на сопружниците кон Царството Божјо, една постојана борба за стекнување на светоста. Ова движење на сопружниците ќе се одвива пред Христа и мачениците, преку маченичкиот пат на секојдневната борба со постојано одрекување од злото во нив и вршење на волјата Божја, притоа целосно принесувајќи му се на сопатникот во заедничкиот живот.

Доколку христијаните сопружници не го сфатат својот брак како борба и жртва, како би преживеала нивната врска кога ќе се појават првите тешкотии?

Со претходно реченото не се кажува сѐ за православната теологија на бракот. Тоа едноставно содржи само одредени воведни мисли.

Во секој случај, треба да се разбере дека бракот и семејството не можат да се спасат, ако христијаните сопружници не се подучат и не станат свесни за суштината на бракот како Тајна на Црквата.

Има многу што ние, пастирите на нашата Црква можеме да направиме во овој правец. Нашата улога не е таа на регистратор – благослов и запишување на еден општествен акт – туку улога на пастир и раководител во Христа.

Сопружниците, и младоженците и оние што веќе ја живеат Светата Тајна Брак, треба да бидат поучени од нивните пастири за тоа колку големо значење има нивниот брак, за тоа дека тој е света Тајна, и за тоа како подостојно да го водат нивниот брачен живот.

Во ова наше тешко дело – дело навистина пастирско – треба да бидеме помогнати и од браќата и сестрите мирјани, коишто се рацете и нозете на клириците.

Осветувањето и спасението на бракот и на семејството не е работа само на епископите и презвитерите, туку на целата заедница, на парохијата, и поради тоа сите се повикани да им помогнат на пастирите, секој според својот призив и дадениот му дар.

(Извадок од книгата: Ἀρχιμανδρίτου Γεοργίου, Καθηγουμένου Ἱ. Μονῆς Ὁσίου Γρηγορίου, Θέματα Έκκλησιολογίας καὶ Ποιμαντικῆς, Γ΄ Ἔκδοσις, Ἅγιον Ὄρος 1999, σελ. 163–168).