И во смртта неразделни: по дедо Боро кај Господа си замина и баба Живка

Магла, дожд, студ,
а погреб се изврши:

заспа во Господа Бога и
живоименитата мајка.

Гулабицата по гулабот,
во љубов кон Творецот.

Дедо Борис и баба Живка, 
од овој живот преминаа
прилично за кратко.

Достоинствено и чесно,
наместо ридание: Алилуја!

Ви благодариме за Старецот,
таткото наш во Христа.

Нашето срце во молитва бие,
споменот ваш вечен да биде.

Милостивиот Бог, Кој како чедољибив Татко промислува и се грижи за сите свои деца, посака да си ја прибере и успокои кај Себе онаа која на Старецот и на сите нас ни беше утеха, спокој и сигурност. Вечерта на 26 ноември 2023 година, прилично за кратко време, нецел месец по упокојувањето на дедо Борис (1 ноември), кај Господа си замина и баба Живка, достоинствено и чесно исполнувајќи го доверениот ѝ од Бога призив. И како што во овој лажен, злобен и суров свет нашите дедо и баба беа возљубени и неразделни, така и низ вратата кон вечноста заедно преминаа. Радоста од преминот кон неспоредливо поубавиот живот на вечната Пасха, ја победи тагата поради привремената физичка разделба, со вера и молитви за населување во населбите на Татковината на вечноживите, во Христа Спасителот наш, кон Кого сите патуваме.

Исходното последование и чесното погребение на баба Живка се изврши вчера, во сечесниот храм на Светата Великомаченица Киријакија (Недела) во нејзиниот роден град Битола. Целиот чин беше одраз на духовно достоинство и свештенолепие и израз на љубов и почит кон онаа која сиот свој живот го посвети на љубов кон ближните. Среде бројните ужалени присутни и множествата монаси и монахињи, собрани да ја испратат во вечноста душата на возљубената баба Живка, на наша голема чест и утеха беше и почитуваниот владика, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Крушевски и демирхисарски г. Јован, кој лично се познаваше со покојната.

Нашиот сакан Старец, пак, Епископ Антаниски г. Партениј, со длабока трогнатост и синовски чувства, исполнет со вера и убеденост во блаженото преминување на својата втора, но сепак вистинска мајка, која го носи името на Животот, низ солзи говореше:

Високопреосвештен Владико г. Јован,

Возљубени ужалени,

Не изминаа ни четириесет дена откако милостивиот Христос Бог го зеде нашиот драг Боро во Своите Божествени и воскресителни прегратки. Си го зеде Он во Кого тој цврсто веруваше и постојано Му се молеше. И еве, на дваесет и осмиот ден од неговото блажено упокојување, денеска си заминува и нашата драга, возљубена мајка Живка. Ја испраќаме, исто така, во прегратките на Воскресителот Христос Бог, во Татковината на вечно живите.

Живчето, како што сите ние милувавме да ја нарекуваме, беше навистина една голема Мајка. Иако животот ѝ беше исполнет со многу притесненија, со големи премрежија и искушенија, со бројни трудови и недобројни жалости, таа докрај остана верна на својот свештен призив да биде мајка. Мајка во евангелеска смисла на зборот, родител со љубов небесна. И еве, дојде време да си замине во својот заслужен покој. Впрочем, животот човечки е таков, испреплетен со многу таги и по некоја радост. За животот на Христијаните велиме дека е крстовоскресен: има страдања, има распетие, но накрај доаѓа блаженството од воскресението. И затоа кога некој добар Христијанин ќе си замине од овој свет велиме дека се упокои, односно дефинитивно го најде својот покој. Оти, душата човечка е создадена да општи, да другарува во заедница со Христа, со својот Бог и Создател, и во пожртвувана љубов за ближните. И само тогаш го наоѓа својот вистински покој. Знаете од молитвеното искуство дека кога се наоѓаме во некое силно притеснение и кога ни е особено тешко, тогаш прибегнуваме кон усрдна молитва, кон молитвен разговор со нашиот мил Спасител и така нашата душа се успокојува. Всушност, само тогаш таа е суштински спокојна, кога е во разговор и другарување со својот Бог. И затоа велиме дека природната состојба на душата на Христијанинот е молитвата. Сега, пак, душата на нашата мајка Живка се претставува целосно пред Господа, лице в лице; заминува во рацете на преблагиот наш Господ Исус Христос, Кого таа многу Го сакаше, Го љубеше, Кому со посветеност Му служеше. И во Него го наоѓа својот вистински и краен покој.

А ние собрани сме сите тука заедно, за да се помолиме да ѝ се даде тој покој на нејзината душа. Оти, како што чувме од химните на Светата Црква, „нема човек кој ќе живее а да не згреши и единствено Христос Бог е без грев и Неговата правда останува за навек“. Па така, знаејќи според емпиријата на Црквата дека во првите дена душата на покојникот, заедно со својот ангел пазител, е присутна меѓу ближните, како и на погребението, ѝ се обраќаме сега на нашата возљубена Живка:

„Мила наша мама Живче, од името на твоите синови Партениј и Иле и на првиот твој син Боби, на твоите внуци, снаи, роднини и пријатели, кои сме собрани да се молиме за твое спасение, бараме прошка од тебе доколку со нешто во овој живот ти згрешивме, те нажаливме, те огорчивме; те молиме  да ни простиш, бидејќи ти знаеш дека љубовта помеѓу нас беше над сѐ и секогаш победуваше. Христос Животодарителот да те прими во Своите Божествени прегратки, да ти даде спокој, да ја одмори твојата добра и страдална душа! А нам на сите да ни даде силна вера, стремеж за Царството небесно, молитва за заминатите од нас. Те молиме, исто така, да ни го поздравиш и татко Боро, кого сите многу го љубиме. Да ја поздравиш и мајка Светлана, чиешто дело ти прекрасно го доврши. Оти, кога јас и мојот брат останавме без мајка, ти најмногу му помогна на татко Боро во светото дело на мајчинството“. Затоа самиот тој често ни велеше: „Никогаш нема да ја оставам Живчето! Ќе бидам секогаш до неа, со неа, ќе ја придржувам, ќе ѝ помагам, затоа што ми помогна кога беше најтешко, кога требаше да им се најде добра мајка на децата“. И бездруго, од примерот со мајка Живка, од нејзината пожртвувана мајчинска љубов, од нејзиниот самозаборав да им послужи на другите, научив дека она што е скршено во овој живот, ако Бог го состави – составено е. Навистина, во нејзините прегратки, во нејзината родителска заштита, никогаш не почувствуваме дека сме без мајка. Беше секогаш подготвена да направи сѐ за нас. Ја сфатив нејзината жртва и самозаборав заради нас особено кога од некои показатели научив дека таа не ни е биолошка мајка. А почнав да го разбирам кога увидов дека таа три различни жени ги ословува како свои мајки. Така, во нашиот дом имаше фотографија од нејзината покојна биолошка мајка, којашто се упокоила кога Живчето имала четири години – мајка Велика. Јас како дете ја прашував: „Чија е оваа слика, мамо?“ „Од мајка ми“, одговараше, „се упокои кога јас имав само четири години“. Во меѓувреме, одржеше многу добар и присен контакт со баба ми Таса, мајката на мајка Светлана. Живчето и за неа велеше дека ѝ е мајка. Така и ѝ се обраќаше, а и таа нејзе ја нарекуваше ќерко. Потоа, заедно често одевме нагости кај нејзината помајка Косара, втората жена на дедо Димко, којашто исто ја почитуваше како родител, па така како мал гледав и трета нејзина мајка. За баба Велика и баба Косара ми беше јасно, но не можев да сфатам како и баба Таса ѝ е мајка. Па еднаш ја прашав: „Мамо, како може ти да имаш три мајки?“ И таа ми одговори: „Ех, чедо, животот мој таков е. Баба Таса ми стана мајка на чудесен начин и еден ден кога ќе пораснеш ќе дознаеш. Важно е дека сега јас ви сум мајка и дека ве сакам бескрајно“. И подоцна, откако ги склопив работите и дознаев сѐ што се случило, како дете знаев понекогаш дури и да ја искушам во љубовта; да видам дали, со оглед на тоа што не ми е биолошка мајка, ќе постапи со истата љубов, дали ќе го даде подоброто за нас, без да насети дека јас веќе знам. И секогаш, без исклучок, за нас го даваше најдоброто. Во сѐ постапуваше така: било во нејзиниот однос, било во нештата што ги правеше за нас. Дури и во храната се гледаше тоа – најдоброто од ручекот што ќе го зготвеше секогаш ни го даваше мене и на брат ми. Во ништо не заостануваше од физичка мајка, па дури и отповеќе се трудеше. Поседуваше навистина голем дар за мајчинство. Знаеше да почитува, да благодари и да љуби и затоа Бог ѝ го даде тој свештен дар.

Затоа, нека ѝ е благословен патот по кој денес оди и нека најде милост во прегратките на Спасител Господ Исус Христос, та да ја гледа незаодната светлина на Осмиот Ден! Нека ни прости на сите и сите ние ѝ даваме прошка.

Вечен спомен и добар ти рај, мамо!

Сега монасите сакаат да ти прочитаат едно проштално писмо.

Во продолжение, Архимандритот Кирил го прочита надгробното слово составено од срцата на сите браќа и сестри во монаштвото од нашите четири манастири:

Мила и сакана наша баба Живка, утехо на срцата наши и мајчинска прегратко на душите монашки,

Како што во твое присуство секогаш се чувствуваме сакани, слободни и сигурни, како деца на една грижлива мајка, така и сега, кога физички си заминуваш од нас, ти не нѐ лишуваш од својот мајчински покров, туку повторно нѐ собираш под него, како што го правеше тоа со голема нежност и посветеност и при монашењата на сите нас. Нема никогаш да ги заборавиме тие осветени и вечни мигови кога секого од нас го испраќаше кон светиот олтар, пред Христа, како сопствена рожба, како свое родено чедо. Та, ти така постојано и нѐ нарекуваше: деца мои, чеда мои. И во тој твој умилен мајчински глас навистина имаше бездна на љубов и сострадание, на надеж, ободрување и спокојствие.

Затоа сега, со таговна радост во срцата и со длабока благодарност и почит, се сеќаваме на заедничките моменти поминати со тебе – моменти на родителска поткрепа и грижа. И ете, спомнувајќи си за нив, пред нас како да се открива тајната на благодатното дејствување на Мајката над сите мајки, Пресветата Владичица наша, Којашто ти особено ја сакаше и почитуваше и секогаш Нејзе ѝ се молеше. Сега гледаме дека, всушност, Самата Таа мистично делуваше преку тебе, бидејќи ти си го направила своето срце нејзино живеалиште. И сега сфаќаме во целост што значат зборовите на Старецот наш свет, Епископот г. Партениј, кој често ни повторуваше дека токму од тебе научил дека родителската љубов не е само биолошка категорија, туку пред сѐ, љубов до самозаборав која оди напред во жртва за сите. Оти, објаснува тој, иако ти не си го родила физички, сепак си била вистинска мајка, со самопожртвувана љубов за децата што ти ги довери Бог. О, таа света твоја евангелска љубов! Љубов којашто ни го исхрани и воспита нашиот духовен татко во Христа и Старец на множество монаси и монахињи! Блажена и триблажена е твојата нежна ангелска душа, која во овој суров свет остави бесценет пример дека вистинската љубов е не само можна, туку и неопходна и единствено плодотворна и исцелителна! Љубов, којашто себеси се заборава за доброто и радоста на другите! О, благословена наша баба Живка! Ти која го носиш името на Животот, животот на многумина им олесни и разубави преку твојата свештена љубов! Ти на дело му покажа на светот дека жив е Господ и живо е Евангелието Негово. Божјиот печат што ти си го врежала во срцето на нашиот Старец утеши и израдува безброј души. Еднаш еден наш брат го слушна Старецот како утешува едно свое духовно чедо, девојка, којашто со солзи му се жалеше дека еднаш скршената чаша не може да биде залепена повеќе. А Старецот со сигурност и утеха ѝ одговори: „Не, чедо мое, не е така кај Бога. Јас познавам еден човек, кому кога беше мало дете му почина мајка му. Но, Бог наскоро му испрати втора мајка, којашто во ништо не се покажа подолу од вистинска биолошка мајка, па дури се потруди и повеќе. Значи, кога Бог ќе залепи нешто скршено, тоа станува ново и уште поцврсто“. Се разбира, тоа момче беше самиот тој, а неговата втора мајка беше токму ти.

И така, возљубена наша баба Живче, твојот живот беше свештен епитом на мајчинство, на сострадание, на неуморно трудољубие и работиловост, на молитва, на духовна ревност, на љубов кон Царицата Мајка – нешта што ни ги остави како непроценливо наследство за сите нас. Ти беше таа којашто мајчински го закрилуваше нашето братство, ги поткрепуваше браќата монаси, ги подучуваше во домаќинското работење, им готвеше, им месеше, им чистеше, и најважното – непрестајно се молеше за нив.

Ти беше мајка со необична сила и грациозност, со „срце ширини широко и длабини длабоко“, коешто беше секогаш отворено за оние кои беа во неволја или имаа потреба. Твојата способност да сослушаш, да сострадуваш и да споделиш болка човечка беше скапоцен дар од Бога. Во моменти на тага или радост, ти знаеше како да тагуваш со тажните и да се радуваш со радосните, а беше и извор на добро расположение и на ведрина. Со својата, пак, посветеност кон молитвата и служењето на другите, ти беше пример за христијанското живеење во неговата најчиста форма. Секогаш подготвена да послужиш, да се молиш, да сакаш без услови, ти беше олицетворение на Божјата љубов во човечки облик.

И сега, испраќајќи те со солзи во очите, но и со благодарност во срцата, го благословуваме и почитуваме твојот живот, твоето свето наследство на добрина и љубов. Макар и физички отсутна, твојот дух останува со нас како вечен пример за тоа што значи да се живее во мајчинска љубов и сочувство. Те испраќаме кај твојот возљубен Боро, твојата љубов, твојата радост и живот, со кого „ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни влас­ти­те, ни сегашноста, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ни­ту, пак, кое било друго создание не можеше да ве оддели од љубовта Божја во Христа Исуса, вашиот и наш Господ“. Одете сега кај Него, во небесниот Ерусалим, во Градот на живиот Бог, кај Мајката Божја, кај Ангелите и Светиите и спомнувајте си за вашето духовно наследство на земјата. И да знаете дека вашиот живот и уште повеќе – вашето заедничко упокоение во неразделна и света меѓусебна љубов, ќе останат за нас светлина и сила, благослов и светост, поттик и воздвиг. Оти, без сомнение, вашиот светол живот и блажен крај испишаа пред нас едно ново Житие Свјатих.

Достојно блажени и секогаш спомнувани дедо Боро и баба Живка, вечен ви спомен!

Со ужалени и среќни срца ве испраќаат во Христовите прегратки вашиот син, Епископот Антаниски Партениј и вашите внуци: монасите од Бигорски и монахињите од Рајчица, Пречиста и Кнежино.