Божествена Литургија над чесните мошти на свети Николај Чудотворец во Бари

Стихови:

Над моштите твои се вознесе Жртва, 
и Ти, како жив, сослужуваше тајно.
Во барската крипта, во благодат и мир,
присуство имаше на Светителот мил.
Чудотворче, утехо наша и светлост,
татковската ти рака полна е благост.
Служителот Божји молитви принесе,
ти, пак, верните пред Бога ги вознесе.

Постојат патувања што не се мерат со изминати растојанија, туку со трепетот на душата пред допирот со светињата. На едно такво свето поклонение деновиве се наоѓа нашиот возљубен Старец, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, заедно со дел од своето братство и сестринството – поклонение на светињи на богатиот со христијанска историја Апенински полуостров, по патеките облагородени од молитвите и подвизите на древните Отци и запечатени со сведоштвото на Христовите маченици.

Денеска, пак, се случи нешто што зборовите можат само делумно да го наговестат. Имено, со благослов на нашиот почитуван надлежен архиереј, Неговото високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, и со благонаклонета дозвола на Понтификалната базилика „Свети Николај“ во Бари, нашиот старец и владика г. Партениј отслужи Божествена Литургија во криптата на храмот, токму на местото каде што во свето безмолвие и чудодејствие почиваат чесните мироточиви мошти на нашиот отец меѓу Светиите, Николај, Архиепископот Мирликиски Чудотворец.

Во подземните бедра на древната барска базилика, во мистичната полутемнина на криптата, каде што воздухот е проткаен со благоуханието на светите мошти и со молитвените воздишки на неброени столетија, Преосвештениот Антаниски ја принесе бескрвната Жртва за живот на светот, над самиот чесен гроб на Светителот. Со Старецот сослужуваа неговите браќа свештенослужители, отците Доситеј, Кирил, Анатолиј и Ефросиниј. Богослужбата беше збогатена со умилителното и благодатно пеење на дел од псалтите од хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, како и на нашите студенти по православна теологија при Универзитетот во Атина. А меѓу нив, заедно со сестрите монахињи и со многубројните притекнати верници, како невидлив, но жив и присутен домаќин, соучесник, сослужител и сомолитвеник беше и самиот Чудотворец – оној кого Црквата со возвишен глас го воспева како „правило на верата и образ на кротоста“, како брз застапник и топол молитвеник пред Престолот на Пресветата Троица.

Тешко е со човечки збор да се искаже со каква благодат нѐ осени Духот Свети во тие благословени мигови. Чесните мошти на Светиот се израдуваа, срцата на верните затреперија: Великиот и вечен Архијереј – Христос, преку рацете на Својот смирен слуга и епископ, повторно им се даруваше Себеси на Своите чеда, токму онаму каде што еден од најверните Негови слуги непрестајно ја лее својата топла молитва за светот. Присуството на свети Николај беше навистина живо, речиси опипливо, како нежна татковска рака положена врз рамо, како невидлива прегратка којашто го запечатуваше таинството со љубов и благослов.

Оти за Старецот, оваа света Трпеза над чудотворните мошти на свети Николај не беше само црковен олтар; таа беше и жртвеник на една лична свештена благодарност, која уште од детството зрее во неговото срце кон Чудотворецот, пред истиот тој пастир добар кој своевремено татковски го прими и го прегрна во Својата атонска обител Григоријат и го удостои со неискажливиот благослов за рамноангелниот монашки живот. Затоа тој, со душевен восторг и со преисполнето срце со благодарност, во благодатта на најсветите мигови Божествената Евхаристија се помоли за сите: за монасите и монахињите, за своето духовно стадо, за насадите на Божјото лозје во нашата татковина, за добротворите и пријателите, за оние што нѐ љубат и нѐ мразат, за оние кои тагуваат и за оние кои се радуваат, за живите и за упокоените. Сите беа споменати во таа Евхаристиска Чаша, сите беа положени пред стапалата на Чудотворецот, за тој со својата застапничка љубов да ги прегрне пред лицето на Спасителот Христос.

Се вративме од базиликата на Мирликискиот Архиепископ со очи што сè уште гледаа подалеку од она што се гледа, и со души во кои уште одѕвонува величието на едно благодатно присуство. И со едно тивко, но длабоко уверување дека свети Николај не остана само таму, долу, под мермерниот свод на својот саркофаг, туку се врати и со нас, во нашите срца. За да нè води и понатаму по стрмните, но светли патеки на Царството, сè до оние последни брегови, каде што земните патувања спокојно завршуваат и каде што започнува вечниот ден на невечерната Пасха.

Христос воскресе!