Срдечен прием во Венеција и поклонение на големи светињи

Вчера, на 25 април, нашиот возљубен Старец, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, заедно со дел од братството, го имаше благословот да биде срдечно пречекан и примен од Неговото високопреосвештено г. Поликарп, Митрополит на Италија и на Јужна Европа, во канцелариите на неговото седиште кај православната соборна црква во Венеција, посветена на светиот великомаченик Георгиј Победоносец. Овој свештен и велелепен храм има особено значење, бидејќи се смета за првата православна црква на Запад по поделбата на Црквата.

Старецот беше пречекан со вистинско евангелско гостољубие и братска љубов. Во топла и духовно исполнета атмосфера беа разменети поздрави, мисли и благопожелби за заедништво и сведоштво на православната вера во современиот свет. За посетата објави и свештената Митрополија на Италија на својот Фејсбук профил.

Потоа, во придружба на старешината на храмот, Неговото високопреподобие архимандритот г. Висарион, кој со голема љубезност беше наш водич, Старецот и браќата се поклонија на големи светињи што се чуваат во Венеција. Меѓу нив се чесните мошти на: светиот апостол и евангелист Марко, свети Јован Милостив, свети пророк Захарија – таткото на свети Јован Крстител, свето Александар патријарх Константинополски, светиот маченик Теодор Тирон, преподобниот отец наш Павле Тивејски – соподвижникот на свети Антониј Велики, и многу други свети угодници Божји.

Ова благословено поклонение претставува уште една жива потврда за непрекинатото духовно единство на Православието, кое, и покрај историските разделби и географските оддалечености, продолжува да сведочи за истата вера, истата благодат и истото предание – „вчера и денес и во векови Истиот“ (Евр. 13, 8).