Светлиот и светлоносен ден на Воскресението силно ни свети во сите овие пасхални денови, и навистина посакуваме да трае за навек. Оваа седмица е предвкус на Осмиот, Невечерен ден на Царството небесно; таа се нарекува Светла и Обновителна. „Светла“ – затоа што ја живееме несоздадената светлина на благодатта од Воскресението, и „Обновителна“ – затоа што преку Животот, Кој засветли од гробот, се обновуваат душите наши, но и целата природа и времето.
Христијанската душа не може да ја занемари или да ја заборави Мајката на Светлината, Мајката на Животот, Мајката на Спасителот наш Господ Исус Христос – пресветата, пречиста, преблагословена Богородица и секогашдева Марија. Во овој Светол петок таа ја чествува неа заедно со споменот на нејзиниот Живоприемен источник близу Константинопол, во Балаклија. Всушност, преку лековитата вода од Балаклија, Црквата ја чествува и онаа која на светот ни Го донесе Спасителот наш. Од Неа потече непресушниот извор на милоста, состраданието, љубовта, радоста и животот.
Во Обителта на Пречистата Мајка Богородица над Кичево, каде што дел од сестринството, под раководство на нашиот возљубен Старец, се подвизува во подвигот на љубовта и послушанието, празнично се прослави овој светол ден на Богородичниот извор, со света архиерејска Вечерна, Утрена и Литургија, предводени од Неговото Богољубие, епископот г. Партениј.
Бројниот народ што притекна на богослужбата, заедно со монасите, монахињите и многубројните дечиња, претставуваше вистинска радост за душата. Особена чест и радост предизвика и присуството на градоначалникот на градот Кичево, г. Александар Јовановски, пратеникот г. Ѓорѓија Сајкоски, дописниот член на МАНУ проф. д-р Сашо Цветковски, како и други претставници на локалната и државната власт, кои зедоа учество во празничното литургиско собитие.
По завршувањето на Божествената Литургија следуваше традиционалната литија до местото викано Господинец, близу под манастирот. Токму таму, во 1558 година, со маченички крај Христа Го посведочија трите цвета на Пречистанската Обител – светите преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј. Таму им биле отсечени главите, во близина на изворот кој постои и денес.
Како и секоја година, се изврши пасхален водосвет, по што беа попрскани, за благослов и плодност, градините, посадите, овошките и животните, за кои со љубов се грижи манастирот. Одењето во литијата има и длабоко симболично значење – таа го претставува духовното патување на човекот кон Изворот на Животот, кон Бога. Движењето, пак, заедно сведочи дека спасението не е осамен, индивидуален и атомистички пат, туку заедничко одење во љубов, вера и надеж, а крајната цел – благодатна заедница со Бога и со ближните.
По враќањето во манастирот беше послужена општа трпеза за сите присутни, по која, пак, во дворот на манастирот настапи фолклорниот ансамбл „Свети Јоаникиј Ракотински“ од општина Сопиште, Скопско, со неколку свои традиционални ора, карактеристични за нивниот крај, претставувајќи ни ја нивната народна традиција и култура.
Христос Воскресе!
На крајот од светото богослужение Старецот ја се осврна и на неодамнешните конзерваторско-реставраторски активности спроведени во манастирот:
Возљубени, би сакал да кажам збор-два и за овој прекрасен иконостас, како и за иконите и живописот од XIX век, дело на големиот Дичо Зограф, кој го насликал олтарот на овој прекрасен преродбенски манастир. Имено, овој манастир одиграл огромна духовна, но и национална улога во будењето на нашиот народ во XIX и почетокот на XX век – време особено значајно за нашата историја.
Дичо Зограф творел насекаде низ Балканот. Бил прочуен и извонреден мајстор, така што токму тој го украсил овој прекрасен и голем олтар, за кој слободно можеме да кажеме дека е еден од најзначајните од тоа време, зашто ова е една од најголемите манастирски цркви во денешна Македонија.
Живописот на Дичо Зограф не е класична фреска изработена врз свеж малтер, што е особено трајно. Тој, како и повеќето зографи од неговото време, сликал врз веќе подготвен малтер, техника позната како al secco, која е многу почувствителна и потешка за зачувување и одржување.
Живописот во олтарот беше во особено тешка состојба. Имаше сериозно распаѓање, бидејќи во олтарот владееше голема влага. Затоа, со блаженоупокоениот дедо Тимотеј се договоривме, и тој ни даде благослов, најнапред да се отстрани влагата од подот и да се обнови подната конструкција. Потоа започнавме потрага по сериозна и стручна фирма којашто ќе може да ја изврши таа сложена работа за реставрација и заштита на ѕидниот живопис. И, слава Му на Бога, таква фирма се најде. Со Божја помош, живописот за следните сто години ќе биде сочуван.
Гледате како денес изгледа прекрасно – како токму сега Дичо Зограф повторно да ги насликал овие свети ликови. Ова особено го истакнуваме, бидејќи денес со нас е и почитуваниот градоначалник на Кичево, таткото на градот, г. Александар Јовановски, како и пратеникот од Кичево г. Ѓорѓија Сајкоски и други претставници од државната и локалната власт.
Овде е присутен и проф. д-р Сашо Цветковски од МАНУ, истакнат стручњак за сликарството од XIX век, а особено за делото на Дичо Зограф. Тој има напишано томови книги за неговото творештво, и се надеваме дека, со помош на благоверни луѓе кои ќе посакаат да помогнат, ќе напише и книга токму за оваа реставрација.
Тој е човекот што најмногу ми помогна со својата стручност, покажувајќи и докажувајќи дека реставрацијата е навистина стручно изведена. Целата документација беше уредно подготвена, преведена од англиски и грчки на македонски јазик, и испратена во МАНУ. Потоа беше претставена и во Министерството за култура.
И треба да се истакне дека, колку што знам, за првпат едно вакво големо меѓународно реставраторско дело беше платено со црковни средства – односно со манастирски средства, кои дедо Тимотеј ги собирал за манастирот.
Затоа, градоначалниче, пратениче и сите претставници на македонската власт, ве замолувам да ги поддржувате вашите сестри монахињи, бидејќи тие се овде за вас. Откако дојдоа, макотрпно работат на сите полиња. Така беше и за ова големо дело – реставрацијата на овие драгоцени живописи, кои претставуваат национално богатство.
Гледате и колкава промена има на иконостасот. Порано беше од обични талпи, а еден благочестив човек од Скопје посака да биде изработен резбан иконостас – и не само резбан, туку и позлатен со 24-каратно злато. Тоа беше голем и скап потфат, кој се изработуваше три и пол години.
Иконите на Дичо Зограф на иконостасот, исто така, постепено се реставрираат со манастирски средства и со трудот на сестрите. Затоа им е потребна вашата поддршка – за да се радуваме не само на овие материјални богатства, кои, секако се и духовни, туку и на живото Божјо дело што стои пред нас, а за кое се надеваме дека ќе остане да сведочи и понатаму.
Оти, најмногу се радуваме што сестрите постигнаа толку големо духовно и евангелско дело. Имено, иако Кичево не е толку голем град, денес можеме слободно да кажеме дека тоа води во духовноста во однос на други градови. Погледнете ги овие наши млади, кои секогаш ги украсуваат певниците во храмовите. Не само во Кичево, туку се поканувани и надвор, бидејќи ја негуваат нашата автентична култура и музика.
Тие го чуваат источното црковно-народно пеење, кое е дел од нашето духовно и културно наследство, а од него е вдахновена и голем дел од нашата народна музика.
Затоа ви благодарам, градоначалниче, пратениче и сите претставници на власта, што денес присуствувавте на оваа света Литургија. Можеме слободно да се гордееме со ова дело што е направено, зашто ретко кој град и ретко кој манастир може да се пофали со ваква голема реставрација.
Се надевам дека ова дело ќе го претставиме и пред нашиот премиер, и пред министерот за култура, и дека ќе ги доведете да дојдат и да видат што е создадено овде.
Да сте живи, здрави и благословени. На здравје светата Причест.































