Света Пасха – трет ден во Рајчица

Победоносниот восклик на Црквата, со кој пред целата вселена е објавен конечниот триумф над оковите на злото и смртта , продолжува незапирливо да одекнува низ времето, преобразувајќи го секој земен миг во предвкус на вечноста. Оваа Пасхална радост е жива реалност и постојана теофанија, светлина што изгреа од Живоносниот Гроб и ги озарува нашите лица со сјајот на надежта. Таа нè потсетува дека патот кон небото започнува сега и овде, во литургиското единство на верата и во сепобедната сила на љубовта која ја проголта омразата. Токму во таа неискажлива радост на Пасхата што нема крај, ние ја препознаваме вистината дека секоја Литургија е наш Емаус: секој пат по кој Христос незабележано оди покрај нас станува пат на надежта, каде што ослепените очи повторно прогледуваат во светлината на Неговото Воскресение.

Во овој сепразничен трет ден од Воскресението Христово, кога целата твар како со еден здив дише и трепери од допирот на Нераспадливоста, храмот на Светиот Великомаченик и Победоносец Георгиј во Рајчица, тој силен сведок на пасхалната благодат и убавина, прозвучи со силна евхаристиска благодарност. Богослужбеното торжество го предводеше нашиот возљубен Старец, епископот Антаниски г. Партениј, кој е постојан сведок и неуморен проповедник на воскресната благодат. Тој уште еднаш нè воведе на она место каде што секој страв исчезнува, а смртта е веќе далечно минато: во мистичната одаја на Горната соба, при воскреснатото Слово Божјо, Кое е Алфа и Омега на нашето постоење. Таму, во тој свештен амбиент, во кој Емаус престанува да биде далечна историска адреса и станува жив настан, уште еднаш пристапивме кон заедничката Чаша, станувајќи реални соучесници во триумфот на Неговата сеприсутна љубов. Така, соединети со Животот, во нашите срца уште еднаш силно одекнаа зборовите на Псалмопеецот, кои се наша единствена вистина: „Ова е денот што го создаде Господ, да се зарадуваме и да се развеселиме во него!“ Зашто Воскресението е единствениот здив со кој Црквата живее, а Пасхата е онаа неискажлива радост која никогаш нема да има крај.

Христос Воскресе!