Светол понеделник: Пасхална литија и водосвет

Во овие светли денови на Христовото Воскресение, ни се дава во изобилие да ја живееме и да се причестуваме со Божествената светлина. Таа не е обична светлина, не е светлина што доаѓа од сонцето и згаснува со ноќта, не е сетилна, материјална, создадена. Не. Таа е вечната светлина. Таа светлина е Самиот Бог. „Јас сум светлината на светот“ (Јован 8, 12). Таа светлина од гробот ни засветли! Нашиот воскреснат Спасител и Господ Исус Христос – „Светлина од Светлината, Бог вистински од Бога вистински“, „Светлината милна на светата слава“ – тивка, животворна, сепреобразувачка, вечна, незалезна. Таа е „вистинската Светлина, Која го осветлува секој човек што доаѓа во светов“ (Јован 1, 9). Тој е изворот на животот и светлината, затоа нашиот живот и нашите дела треба да бидат светлина. „Ова е веста што ја чувме од Него и вам ви ја соопштуваме: дека Бог е светлина, и во Него нема никаква темнина“, затоа „Оној што вели дека е во светлина, а го мрази својот брат, тој е сѐ уште во темнина. Кој го љуби својот брат, тој обитува во светлина“ (1 Јован 1, 5 и 2, 9).

„Отецот е светлина, Синот е светлина, Светиот Дух е светлина; и ова е една светлина – проста, несоставена, безвремена, совечна, еднаква по чест и еднаква по слава. Покрај тоа, и сè што произлегува од Него е светлина, бидејќи ни се дарува како од светлина: животот е светлина, бесмртноста е светлина, изворот на животот е светлина, живата вода е светлина, љубовта, мирот, вистината, вратата на Царството небесно – самото Царство небесно е светлина; брачната одаја е светлина, свадбената одаја, рајот, рајската наслада, земјата на кротките, венците на животот – самите облеки на светителите се светлина. Христос Исус, Спасителот и Царот на сè, е светлина; лебот од Неговото пречисто тело е светлина, чашата на Неговата чесна крв е светлина, Неговото воскресение е светлина, Неговото лице е светлина; Неговата рака, прстот, устата – се светлина, Неговите очи се светлина; Господ е светлина, и Неговиот глас, како светлина од светлина; Утешителот е светлина. Бисерот, зрното синапово, вистинската лоза, квасецот, надежта, верата – се светлина“

Св. Симеон Нов Богослов

Денес, на вториот ден од Светата Пасха, ние не само што го повторуваме радосниот поздрав извикувајќи: „Христос воскресна!“ – туку сме повикани да станеме носители и сведоци на таа светлина. Зашто, Христос воскресна и ние ќе воскреснеме! Светлината на Воскресението не е далечна, ниту недостижна. Таа е присутна во секое добро дело, во секој чин на љубов, во секое простување. Таа се раѓа таму каде што човекот избира живот наместо очај, вера наместо страв. Таа заблескува најпрво во срцето, па се пројавува и надвор.

Воскресението не е само настан од минатото, туку жива реалност – светлина што продолжува да свети во светот и денес, а и во веки. Во таа пасхална светлина, радост и благодат, во нашата свештена обител на Чесниот Претеча и денес беше отслужена света и светла пасхална Утрена и Литургија, со која тајноводеше и претстоеше нашиот старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, низ кого како силен медиум на Христовата благодат и светлина ни се излева постојано на сите благодат врз благодат. По Литургијата беше извршена традиционалната пасхална литија со водосвет, со пеење на пасхалните песнопенија и поросување на посевите, овошките и животните, за благослов и плодоносие. На крајот, по враќањето во манастирот, се поклонивме на светите мошти што се чуваат во нашата Обител, коишто беа изнесени во дворот за поклонение.

Нека оваа светлина, што од гробот засветли, остане во нас како непрестаен извор на вера, надеж и љубов, водејќи нè кон живот вечен.