Бигорски манастир и годинава привлече илјадници граѓани за да го дочекаат најзначајниот настан за еден христијанин, Христовото Воскресение. Секоја година, сѐ поголем број на луѓе од целата држава, но и од голем број на европски земји, доаѓаат специјално за Велигден.
Живописните богослужби за време на Страсната Седмица ги пренесуваат верниците за време на настаните кои се случиле од последната недела на животот на Исус Христос, толку реално, што истите и денес се случуваат во животот на секој еден од нас.

Секој си има своја Гетсиманија на плачот, каде што ги почувствал болките исто како и нашиот Спасител, предавството од блиските, невиното обвинување, страдањето, најпосле и утехата на Воскресението.
Во дворот на манастирот каде што секој камен „дише“ со молитва, Христовото Воскресение се објавува толку торжествено и громогласно, од кое се тресе цел Мијачки крај и се распукува како завесата на храмот, за време на распетието.
Бигорски манастир како илјадагодишен сведок на светлината, вечерта на Велигден повторно засветли и блесна од илјадници запалени свеќи кои ги озаруваа лицата, но најповеќе срцата на присутните.
Едно такво осветлено срце беше и на пејачот Даниел Кајмакоски, на кого оваа година во Бигорски манастир му била посебно убава, бидејќи го отворил срцето кон Бога. Тој целата Страсна Седмица ја помина во Бигорски, земајќи молитвено учество во сите богослужби.
„Навистина ја почувствував целата негова љубов и целата моќ на неговото Воскресение. Литургијата, службите, читањето на Евангелието беа едно такво задоволство за мене оваа година, затоа што Бог ми подари и концентрација и љубов Сам ми дозволи, не само да го разберам целото Евангелие, туку и да го одам тој пат, заедно со Исус, заедно со апостолите, заедно со секое Евангелие, и едвај се чекаше да дојде следното. Сакав да знам, што ќе кажат во следното Евангелие, навистина една таква концентрација.
Ние сите знаеме дека нашите Литургии траат долго и знае да биде напорно, но навистина кога човек ќе го отвори срцето, Господ дава сила и трпение за сето тоа, и е лесно да се издржи. Овој пат, пак ќе кажам, секое Евангелие беше една посебна приказна која те зема на тоа Исусово патување и сите негови маки и сите негови моменти до самиот негов крај, и потоа нормално неговото Воскресение кое ние како верници го доживуваме како една преголема количина на љубов која ја споделуваме сите меѓу нас.
Нормално е кога ќе добиете една таква количина на љубов, вие тоа не можете да го сокриете. Тоа се гледа во насмевката, тоа се гледа во солзата, тоа се гледа не само во сопствените насмевки и солзи туку и во солзите на Старецот, владиката г. Партениј и на радоста на монасите. Е тоа е причината зошто јас, посебно за вакви празници сакам да бидам во Бигорски,“ вели Кајмакоски за еМагазин.мк.
Тој додава дека таму се случува една таква размена на енергија и колку се исполнуваш со енергијата на монасите и на Старецот, и на Господ, толку им враќаш и на нив.
„Овде би сакал да кажам нешто важно, а тоа е, колку монасите се радуваат кога ќе им дојдеме, тие живеат за тој момент. И ние како верници, но и тие кога ќе им појдеш, кога ќе ги посетиш и за празници, или кога поминуваш случајно и кога не се големи празници, секоја една посета многу им значи, а тие ни враќаат со толку љубов. Посебно им значи кога заедно со нив ќе тргнеш по тој пат, по патот на верата.
За нив нема ништо поубаво од тоа, кога заедно со нив ќе ја издржиш цела служба и на целата Литургија додека трае, да бидеш покрај нив и заеднички го споделувате тој момет.
Јас тоа го гледам во нивните очи и знам дека на крајот на денот, ние сите сме луѓе. Знам дека и на нив сигурно понекогаш им е тешко, но кога ќе нè видат нас дека заедно одиме по тој пат, уште толку добиваат енергија и ја враќаат. Сите кои одат во Бигорски го знаат тоа, и може да го потврдат ова што го кажувам,“ додава Кајмакоски.
Тој се заблагодари на Владиката Партениј и на монасите за нивната љубов, вложениот труд и енергија за целата церемонија околу прославата на Христовото Воскресение.
„Тие вложуваат труд не само во самите служби и Литургии, туку вложуваат труд и во тоа, ние да се чувствуваме убаво, како и во зачувување на нашите традиции, културни, верски и црковни вредности. Сите ние треба да сме многу благодарни што постојат тие луѓе, кои себеси си зададоа задача да ги почитуваат верските и црковните правила, како што биле некогаш. Со самото тоа и ние добиваме прилика да слушаме, гледаме и уживаме во стари православни, а и македонски традиции.
Тоа е неверојатен подарок и гест кој ние го добиваме од монасите и Старецот Партениј, бидејќи многу труд треба да се вложи не само во знаењето, туку и во чувањето. Во еден свет кој брзо се менува, за жал не секогаш во добра насока, имаме такви ангели кои за животна задача си поставиле нам да ни пружат љубов, дом, топлина, прегратка, едно уво кое секогаш има време и трпение да нè слуша, за нашите убави и лоши работи. И покрај целиот труд кој го вложуваат, секогаш имаат насмевка, љубов и трпение за да нè слушаат, а и да уживаат со нас во празниците.
Јас сум им благодарен на Господ, на монасите и на Старецот Партениј што постои едно такво место, што ние сите верници како од Македонија така и од други држави, можеме на едно место да ја почувствуваме таа Божја љубов, да си ги исчистиме срцата од лоши работи, да се наполниме со љубов, да ја понесеме таа енергија низ цела година, секаде каде што одиме и да ја споделуваме со луѓето, со нашите најблиски,“ дополнува Кајмакоски.
Неговата порака е дека верата е највредното и најубавото нешто што го имаме, бидејќи ни кажува какви треба да бидеме како луѓе и колку треба да сакаме, а преку верата има убави примери за тоа.











