Добар Рај, возљубен мој татко!

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено за време на Исходното последование на неговиот татко Борис Фидановски, во сечесниот храм на Св. Вмч. Недела во Битола, на 2 ноември 2023 лето Господово


Возљубени ужалени,

Сите ние добро знаеме дека животот се состои од еден збир на разделби. И секоја разделба со нешто убаво и добро е тажна, но особено тажна и болна е оваа, последната, кога нашите најблиски преминуваат од овој привремен и лажен свет, во идниот и вечниот. Но истовремено, оваа разделба е и најголема радост, пасхално веселие, бидејќи ние знаеме дека оние кои во Христа умираат, во Него и ќе живеат. Оние кои во овој живот чекореле по тесниот и оскрбителен пат, смирено носејќи го својот животен крст со надеж во Распнатиот на Голгота, со оваа разделба преминуваат местото на вечна почивка, каде што нема болка, ни тага, ни воздишка.

Собрани сме, значи, денеска за да го испратиме нашиот мил Борис во прегратките на Воскресителот Христос, Кој заради нас се распна на Страшната Голгота и со Своето сесветло Воскресение го отвори патот за сите Свои чеда до Царството Небесно.

Ми навираат солзи во очите, гледајќи колку многу монаси и монахињи го испраќаат сега. Тој сите нив ги нарекуваше и ги сакаше како свои чеда. Во пристапната беседа на мојата хиротонија така и кажав: ако мајка ми и татко ми некогаш мислеа дека изгубија еден син, денес имаат неколку десетици деца, многу верни синови и ќерки, бидејќи тие ги прифатија монасите и монахињите како свои родени чеда, во ништо не делејќи ги од мене. Оти, сродството во Христа го надминува секое друго роднинство и каква-годе приврзаност овде на земјата. И тоа сродство е поголемо од сѐ, бидејќи сите ние кои сме во Христа крстени и во Него живееме, умираме за стариот човек по Адама, а се соединуваме со Христа и воскреснуваме со Него.

Навистина тешко е да се каже нешто во ваков миг. Срцето ми плаче во моментов поради разделбата со татко ми. Но го чувме Евангелието на Спасителот на светот, Кој дојде да го спаси човекот: Јас Сум Воскресението и Животот; кој верува во Мене, и да умре – ќе живее (Јован 11,25). Да, тагуваме и плачеме, бидејќи, рековме, разделбата е тешка. Плачеше и Христос за Својот пријател Лазар. Иако како Бог знаеше дека ќе го воскресне, сепак, како човек, кога застана пред гробот на мртовецот, Исус просолзи. Заплака над целото човештво, зашто поради отпаѓањето на човекот од Бога, настапи смртта. Но кога со Христа и во Христа живееме, мили мои, ние ја надминуваме смртта и го живееме Царството Небесно уште одовде. Затоа и кога тагуваме за смртта на нашите блиски, ние Христијаните не тагуваме со очај и безнадежност, туку со сознание и цврста надеж за блажениот живот во Христа, Кој откако еднаш умре за нашите гревови и воскресна, повеќе нема да умира, смртта нема веќе власт над Него (сп. Ром. 6,9). Нема власт ни над оние кои се со Него.

Татко ми беше еден духовно силен човек. Вчеравечер со брат ми и со семејството евоциравме спомени за него. Секогаш знаеше да нѐ поучи на правилен начин. Со внимателност, со широчина, со мудрост. И го знаеше она што е најважно: да се моли. Се трудеше да биде во постојан разговор со Бога. Кога падна болен, извесно време поседе во Манастирот Пречиста кај Кичево. Сестрите го забележуваа како, седејќи сам во собата, ја кажува со часови Исусовата молитва. Но не само таму и не само кога беше болен. Всушност, тој цел живот ја практикуваше оваа таинствена молитва која го соединува човекот со Христа. Кога за прв пат ја прочита книгата Расказите на еден поклоник, помнам, врвеше низ тешки животни премрежија. Оттогаш тој целосно Му се предаде и се посвети на Бога и започна постојано да ја кажува молитвата.

Иако неодамна се разболи од тешка болест, воопшто не се измачи. Кога чувме дека има карцином, сите се молевме да не страда многу. И ете, по бескрајната милост Божја, само еден ден, вчера, имаше малку тешкотии и до вечерта Господ си го зеде во Своите прегратки, за да го одмори. Знам дека заслужува да биде со Христа…

Во Евангелието што го слушнавме, Спасителот Христос му се обраќа на светот: Вистина, вистина ви велам: кој го слуша словото Мое и верува во Оној Кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, туку преминал од смрт во живот (Јован 5,24). Со Своето Распетие на Крстот и со Своето тридневно Воскресение, Синот Божји повторно ги отвори Рајските Двери за сите коишто ќе го прифатат Неговото слово и ќе поверуваат во Него. Он со Својата смрт ја победи смртта, како што радосно пееме во тропарот на Воскресението и ја претвори во врата, премин во вистинскиот и вечен живот. Затоа според општиот типик на Православната Црква, кога се извршува чинот на исходното последование, се служи со отворени Царски Двери, бидејќи тоа го симболизира влегувањето на душата во вечниот живот. Но еве, од непознати за мене причини, во Битола се служело со затворени Царски Двери. Така барем ми рекоа свештениците. Дури ни мене, како на архиереј, спротивно на редот во Црквата, не ми беше дозволено да го прочитам Светото Евангелие од Царските Двери. Но сега нема да му даваме значение на тоа и доколку тука се крие некоја намерна причина, нема да го сметаме за лична навреда и однапред даваме прошка за тоа. Како и да е, татко мој најсакан, Христос Човекољубецот е Оној Кој денеска лично ти ги отвора Дверите на Царството Свое, коишто никој не може да ти ги затвори. Ниеден човек нема власт да ни ги затвори тие вечни Двери, бидејќи токму Христос, Синот Божји и Спасителот на светот, ни ги отвори преку Својот Чесен Крст и преку Својот Пресвет Гроб, испразнет со Воскресението. Прости ми мене, на твојот син, прости им и на сите што те нажалиле и нека добриот наш Христос ти подари добар Рај. Ти благодарам за сè, те сакам со сето свое срце и со вера и надеж го очекувам нашето повторно соединување.

А сега, тато, знаеме дека си со својот ангел пазител и нѐ слушаш и затоа монасите и монахињите сакаат да ти се обрат со едно проштално слово. Довидување!