Да се радуваме со радосните и да плачеме со тажните

Како можеме да бидеме постојано во огнот на пеколот и на страстите, а да примаме истовремено од Светиот Дух сведоштво за нашето спасение? За ова нè просветлува внатрешната состојба Христова на Голгота. Првин, Му вели на разбојникот: Денес ќе бидеш со мене во рајот. Подоцна вели: Зошто ме остави. Овие два моменти не прават ништо друго освен еден момент. Под вид на различни форми оваа состојба Христова на Голгота е секогаш присутна во човекот и ја преобразува самата содржина на неговиот живот. Да се радуваме со радосните и да плачеме со тажните, – вели Апостол Павел. За нас овие зборови се непоимливи.

Не треба да тврдиме дека го повторуваме опитот на Свети Силуан, Свети Исак Сирин, Свети Симеон Нови Богослов, Свети Григориј Палама или Свети Серафим Саровски. Во духовниот живот не постои истоветно, идентично повторување, туку едноставно истоветност на Духот во обем во кој се исполнува словото: држи го својот ум во адот и не очајувај.

Не треба никогаш да се споредуваме себе си со ниедна личност. Секој од нас, колку и да е малечок, голем е пред Вечниот. Бог остварува со секое човечко битие срдечна и единствена врска.

Заради која причина последиците од непослушноста Адамова се толку погубни? Зошто духовниот во Христа живот, во овој свет зема трагична форма на една борба гради во гради со смртта? Зошто созданието Божјо е поврзано со ова одрекување, смртта, со оваа борба полна со болка? Зошто сè што е создадено не води хармонично кон восовршување на човековото битие како образ Божји? Зошто сум должен да се борам против нешта кои ме убиваат, без да имам сила за тоа? Не разбирам. Во мерата во која Христос и Светиот Дух се за мене решение на сите проблеми кои ме надминуваат, живеам во незнаење или познание на многу нешта. Христос е темел на мојот живот.

Начинот на кој делува ме привлекува. Не го разбирам тоа што го рече, но тоа што го рече ми е доволно. Ќе разберам, кога ќе поминам од овој евет во одандестраното.

Зошто Гетсиманија и Голгота се неопходни за спасение на светот? Судирот на Христа со светот е потполно непоимлив.

Кога ги гледаме страданијата на милиони човечки битија не можеме да останеме бесчувствителни. На кој начин можеме да им послужиме? Во христијанскиот поглед на свет оваа трагедија на земјата е последица на непослушанието. Адам ја побара божествената состојба, вечниот живот, сечејќи ја врската со својот Отец и Создател. Христос -Човекот, прв во историјата на човештвото се качи на Голгота; ја избра најмачната смрт, за да го избрише ова проклетство. Да се реши некој да го следи Христа, значи да се изложи себе си на страданија. Тоа е неизбежно! По мерата во која сме една клетка во големото тело на човештвото, од почетокот на создавањето на светот и во мерата во која животот на светот поминува во нас, ја живееме трагедијата на човештвото како наша трагедија.

Кога го читаме Евангелието, реакциите на Христа за сè што се случува околу Него нè зачудуваат. Во моментот кога Јуда оди да го предава, Он вели: Сега се прослави Синот Човечки. Во секоја Литургија го славиме токму овој момент, го повторуваме во нашата свест. Ако некоја непријателска воена сила нè зароби за да нè убие, ќе бидеме ли и ние способни да кажеме: Сега и јас се прославувам и Бог се прославува низ мене. Сите го познавате ова собитие. Тоа е содржина на секојдневниот наш живот.

Земете го вашиот крст и следете Ме

Постојат многу чувствителни и интересни страни во нашиот духовен живот. Можеме, се разбира, да се лишиме од нив ако се запреме на надворешните тешкотии. За да го промениме нашиот живот потребен ни е подвиг; потребно е да научиме да го преместуваме нашиот дух од општите и страсни работи кон Бога. Така нашиот живот може да стане многу интересен, макар и да е поврзан секогаш со некоја мачна усилба. Оваа болка не треба да се обидувате да ја избегнете. Живејте ја! Токму со неа се изразува нашиот копнеж да Го следиме Христа.

Многу е тешко да изразиме што значи земете го вашиот крст и следете Ме. Кога го претпочитаме Христа, треба да имаме на ум дека се работи за љубовта на Отецот, за љубовта на Христа, за љубовта на Светиот Дух во овој свет што страда.

Ако не постои воскресение, тогаш христијаните се најбедните на светот, вели Апостол Павел. Зошто? Затоа што љубовта Христова во овој свет е секогаш распната. Нашиот живот ќе биде едно непрестано страдание сè додека светот не се спаси во целост.


Извадок од книгата: Архимандрит Софрониј (Сахаров), За духот и животот, Скопје 1996, 35-39.