Како да го зачуваме душевното смирение среде соблазните на нашето време?

Сите сакаат да имаат смирение, но не знаат како да го постигнат. Паисиј Велики се гневел и барал од Господа да го избави од гневливоста. Господ му се јавил и му кажал: „Паисиј, ако сакаш да не се гневиш, ништо не посакувај, никого не осудувај и не мрази, па нема да се разгневуваш.“ Така секој човек, ако ја сече својата волја пред Бога и пред луѓето, секогаш ќе биде мирен во душата. Кој сака да ја исполнува својата волја, тој никогаш нема да здобие смирение.

Душата којашто и се предала на волјата Божја, лесно ги поднесува сите неволји и болести, затоа што и боледувајќи, се моли и Го созерцува Бога: „Господи, Ти ја гледаш мојата болест. Ти знаеш колку сум грешен и немоќен. Помогни ми да истрпам и да Ти благодарам за Твојата благост“. И Господ ја олеснува болеста, и душата Ја чувствува Божјата помош, радувајќи се и благодарејќи Му на Бога.

Ако те снајде некоја неволја, тогаш размислувај: „Господ го гледа моето срце, и ако Му е угодно, тогаш ќе ми биде добро и мене, и на другите“. И така, твојата душа секогаш ќе биде во смирение. А доколку негодувате: „Ова не е така, а она не е добро“, никогаш нема да најдете смирение во душата, дури и да постите и многу да се молите.

Апостолите целосно и беа предадени на волјата Божја. Така се чува смирението. На тој начин и сите свети, големи луѓе ги трпеа сите неволји, предавајќи и се на волјата Божја.

Господ нè љуби! И затоа од ништо не треба да се плашиме, освен од гревот. Заради гревот ја губиме благодатта, а без благодатта Божја непријателот ја прогонува душата како што ветрот го развејува сувиот лист или чадот. Секогаш треба да се сеќаваме дека демоните паднаа заради гордоста. И дека непрестајно се трудат и нас да не повлечат со себе. И многумина ги излажале. А Господ рече: „Научете се од мене на кроткост и на смирение, и ќе најдете спокој за душите ваши“.

О Милостив Господи, дарувај ни го Твоето смирение, како што им го даде на Светите Апостоли: „Мирот Свој ви го давам“.

Господи, дај ни и нам да се насладиме од Твоето смирение. Светите Апостоли го добија Твоето смирение излевајќи го врз сиот свет. И спасувајќи го народот, не го губеа мирот, а тој дури и не се намалуваше во нив.

Како да го зачуваме душевното смирение среде соблазните на нашето време?

Судејќи според Писмото, и според карактерот на денешниот народ, ние живееме во кончанието на светот. Затоа, треба да го зачуваме душевниот мир без кој што не можеме да се спасиме, како што кажа големиот молитвеник на руската земја, преподобниот Серафим. Додека живеел, заради неговите молитви, Господ ја чувал Русија. По него постоеше и друг столб, којшто досегал од земјата до небото, отец Јован Кронштатски. Ќе се задржам на него. Тој е наш современик, и сведок сум на неговата молитва, додека другите светители не сум ги видел.

Се сеќавам, по Литургијата, кога му ја дадоа запрежната кола, тој сакаше да седне, но го опкружи народ, барајќи благослов. И во толкавиот метеж, неговата душа непрестајно престојуваше во Бога. Тој не се расејуваше и не го губеше душевниот мир. Се прашувам како го постигнуваше тоа?

Тој го љубеше народот, и не престануваше да Му се моли на Господа за него:

„Господи, дарувај им го Твојот мир на Твоите луѓе“.

„Господи, дарувај им Го на твоите слуги Твојот Свет Дух, за да ги стопли нивните срца со Твојата љубов, и да ги упати кон секоја вистина и кон секое добро“.

„Господи, сакам Твојот мир да биде во сиот Твој народ, кого Ти крајно го возљуби, давајќи го Својот Единороден Син за да го спасиш светот“.

„Господи, дарувај им ја Твојата благодат, за да Те познаат во мирот и во љубовта, и да Те возљубат“. И да речат како и Апостолите на Тавор: „Добро ни е Господи, да бидеме со Тебе“.

Така непрестајно молејќи се за народот, тој го зачувал духовното смирение. Ние пак, го губиме, затоа што во нас нема љубов спрема луѓето. Светите Апостоли и сите Светии сакаа да се спаси народот и бивајќи меѓу луѓето, огнено се молеа за нив. Светиот Дух им ја даваше силата да го љубат народот. Ако и ние, не го љубиме братот, не можеме да имаме смирение.

Размислете за ова!

Слава Му на Господа, што не нè остави сираци, туку ни го даде Светиот Дух на земјата. Светиот Дух ја учи душата на неискажлива љубов спрема народот и на сожаление спрема сите заблудени. Господ се сожали над заблудените и го прати Својот Единороден Син да ги спаси. И Светиот Дух не учи исто така, да ги сожалуваме заблудените, коишто заминуваат во пеколот. Оној што не го стекнал Светиот Дух, нема потреба да се моли за непријателите.

Преподобен Паисиј Велики се молел за својот ученик, којшто се откажал од Христа. Додека молитвел, му се јавил Господ и му кажал: „Паисиј, за кого се молиш? Па тој се откажа од Мене!“ Но, преподобниот продолжил да го сожалува својот ученик, И тогаш, Господ му рекол: „Паисиј, ти ми се вподоби Мене во љубовта.“

Така се стекнува смирението, и освен овој, не постои друг пат.

Ако некој многу се моли и пости, но не ги љуби непријателите, тој не може да има душевно смирение. Јас не ќе можев да зборувам за тоа, ако Светиот Дух не ме научеше на љубовта!

Грешната душа, заробена од страстите, не може да е смирена и да се радува во Господа, дури да ги има сите земни богатства, и да царува над сиот свет. Ако на таквиот цар, којшто се весели со своите кнезови и којшто седи на престолот во сета своја слава, му речат: „Цару, ти сега ќе умреш“, тогаш, неговата душа ќе се возмути и ќе затрепери од страв, согледувајќи ја својата немоќ.

Има бедни луѓе, коишто пак, се богати само со љубовта спрема Бога. Ним, ако некој им рече: „Ти ќе умреш сега“, мирно ќе одговорат: „Нека биде волјата Господова. Слава Му на Господа, што Си спомна за мене, и што сака да ме земе таму каде што прв влезе разбојникот“.

Има бедни луѓе, коишто не се плашат од смртта, туку мирно ја чекаат, како и Праведниот Симеон, којшто ја испеал песната: „Сега го отпушташ Твојот слуга со мир Владико, според зборовите Твои“.

Каков мир имаше во душата Праведниот Симеон, можат да сфатат само оние што во својата душа го носат мирот Божји; или барем некогаш го почувствувале. За тој мир Господ им кажа на Своите ученици: „Мирот Свој ви го давам“. Кој го има тој мир, спокојно преминува во вечниот живот и вели:

„Слава Ти Господи што сега и јас доаѓам при Тебе и вечно во мирот и во љубовта ќе Го гледам Твоето Лице. Твојот тивок, кроток поглед ја привлече мојата душа да тагува по Тебе“.

Братот треба да го вразумуваме, но со љубов! Ако душата се возгордее, ако некого осуди, ако се вознесе над братот или го вразумува братот нападно и без љубов, ако се прејадуваме или ако мрзливо се молиме, ќе го загубиме мирот. Но, ако се навикнеме да се молиме усрдно за непријателите, љубејќи ги, смирението секогаш ќе опстојува во нашите души. А ако го мразиме братот или го осудуваме, тогаш нашиот ум ќе се помрачи, загубувајќи ги мирот и смелоста пред Бога.

Душата не ќе биде смирена ако не го учи законот Божји и дење и ноќе, зашто е напишан со Духот Божји. А Духот Божји од Писмото преминува на душата, чувствувајќи насладување и благопријатност. И таа веќе не го љуби земното, зашто ја опустошува душата. Тогаш таа паѓа во униние, и подивува, немајќи потреба да Му се моли на Бога. Непријателот пак, согледувајќи дека душата не е во Бога, ја колеба и влијае според својата намера. И наметнува разни помисли, така што целиот ден го поминува во метеж, не можејќи чисто да Го созерцува Господа.

Тој што во себеси го носи мирот на Светиот Дух, го излева и врз другите. А оној што во себе го носи злиот дух, тој пак, го излева злото.

Светиот Дух е во љубовта!

Така вели Писмото. Тоа го докажува и опитот.

Душата не може да има мир ако од Господ, од петни жили не бара да ги сака сите луѓе. Он знаеше дека ако не ги љубиме непријателите, нема да имаме смирение во душата. И затоа ни ја даде заповедта: „Љубете ги вашите непријатели“. Ако не ги љубиш непријателите, тогаш душата ќе биде спокојна само повремено, Но, ако ги љубиме, мирот ќе опстојува во душата и дење и ноќе.

Чувај го мирот здобиен од благодатта на Светиот Дух во душата. Не го губи заради дребникавите нешта.

Ако спрема својот брат се однесуваш смирено, Господ ќе ти даде неспоредливо повеќе. Ако го нажалиш брата си, и твојата душа неизбежно ќе ја снајде неволја.

Ако ти дојде блудна помисла, веднаш избркај ја, зачувувајќи го смирението во твојата душа. Ако ја примиш помислата, душата ќе ја напушти љубовта спрема Бога, загубувајќи ја смелоста во молитвата.

Ако ја сечеш својата волја, ќе го победиш непријателот, и како награда ќе го добиеш душевниот мир. Додека, спроведувајќи ја својата волја, ќе бидеш победен од непријателот, и униние ќе ја мачи твојата душа.

Среброљубецот, не може да Го љуби Бога и ближниот. Умот и срцето на таквиот човек се оптоварени од алчноста, така што отсуствуваат духот на покајание, и скрушеноста заради гревовите. И неговата душа не може да ја дознае сладоста на мирот Христов.

Душата што Го познала Господа, секогаш се стреми да Го созерца Него во себеси, оти Он во душата доаѓа тивко, смирувајќи ја, и сведочејќи за спасението без зборови.

Царевите и владетелите на народите, да ја почувствувале љубовта Божја, никогаш нема да војуваат. Војната се случува заради гревовите, а не заради љубовта. Господ не создаде од љубов и ни заповеда да живееме во љубов, славејќи Го Него.

Доколку владетелите ги исполнуваат заповедите Господови, а народот и потчинетите ако ги слушаат во смирение, тогаш на земјата ќе има голем мир и среќа. Но, заради властољубието и непослушанието на горделивите, страда целата вселена.

Те молам, Милостив Господи, дај му на сиот народ од Адама до кончанието на вековите, да Те познае Тебе, Твојата благост и милост. Дај им на сите народи да се насладуваат од Твојот мир, да ја видат Светлината на Твоето Лице. Твојот тивок и кроток поглед ја привлекува душата.


Извадок: „За Мирот“, од Старец Силуан, Таговна радост, радосна тага, Струмица 2000, стр: 71-83