Да бидеме цветови на Христовата пролет

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Светата Литургија во Неделата на проштавањето, на 26 февруари 2023 лето Спасителово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Мили мои, Светата Црква нè подготвува за најголемиот празник во нашата христијанска вера, Света Пасха – Велигден. За да го постигнеме тоа и подготвени да влеземе во предворјето на ова торжество, нам ни се предлага чесниот пост како метод за севкупно воздржание, кој, почнувајќи од утре, ќе ни го покажува патот на искачување по лествицата на добродетелите. Воздржанието, општо земено, е нешто особено важно и мошне спасително. Пред малку го чувме Апостолот Павле како во своето Послание до Римјаните ги повикува Христијаните да се воздржуваат од срамни гоштевки и пијанство, од блуд и нечистотија, од препирки и завист, како и тоа, грижата за телото да не ја претвораат во похоти и страсти (Сп. Рим. 13,13). Апостолот бил богомудар и многу просветлен и одлично ја познавал човечката психологија, па затоа ги повикува верниците да се воздржуваат од страстите, како не би станале нивни робови. Оти, како што вели Спасителот наш Господ Исус Христос: Секој што прави грев, роб му е на гревот (Јован 8,34).

Да земеме за пример човек кој консумира алкохол повеќе од умереното. На почетокот, тој можеби пиел по малку, но со тек на време дозволил до толку да се острасти кон алкохолот, што дури и да стане негов роб. И кога на таквиот би му кажале да се обиде да се воздржува, тоа за него би било веќе невозможно. Тој би жртвувал многу нешта, својот мир, здравјето, спокојот на неговите најблиски, и сè друго, само за да не биде лишен од таа своја страст, затоа што е целосно поробен и не може така лесно да се избори со пиењето. Но, токму во воздржанието лежи силата на неговото избавување и спасение. Ист е случајот и со оној кој ужива во убави и обилни јадења, толку прекумерно, што тоа му станало страст. Кога би му рекле  да пости, тоа би му се чинели како смртна казна. Затоа што тој грижата за јадењето и за своето тело веќе ја претворил во похота. И доколку би му зборувале за убави и возвишени духовни нешта, како што е соединувањето со Бога, Светата Причест, обожението, прашање е колку од сето тоа би можел или би сакал да разбере и дури ќе се сомнева, бидејќи веќе е роб на чревоугодието. Сепак, кога би посакал и цврсто би решил да се бори со воздржание, Божјата благодат веднаш би го посетила, за да го поткрепи. Така е и со блудникот, со сладострасникот, со коцкарот, со зависникот. Ми се чини дека нема поголемо и пострашно ропство од тоа човекот, словесен по природа, да се потчини себеси и да робува на некаква бессловесна твар, како, на пример, наркотиците. За жал, злоупотребата на наркотични средства денес е многу застапена меѓу младите, кои уште недоволно свесни, паѓаат во замките на таа смртоносна, демонска страст. За тоа сведоци сме сите ние. И колку им е тешко на тие луѓе да се откажат од тоа погубно, пеколно ропство. Низ колку само маки треба да помине некој, кој – пазете! – се решил да се откаже од дрогата! Но што ако некој не најде во себе волја за таква одлука, што ако не се реши да покаже воздржание? Тој потполно ќе се уништи и себеси и својата околина, и најпосле ќе заврши со понижувачка и бедна смрт. Тој покрај привремениот живот, ја губи, за жал, дури и вечноста, за која сме создадени. Ако, пак, застане цврсто во воздржанието, ќе се ослободи од демонската зависност.

Немојте да мислите дека пушењето е помала и понеопасна страст од другите. Всушност, гледано од сите аспекти тоа е едно големо безумство. Од пушењето човек нема ама баш никаква корист. Покрај тоа што залудно троши пари кои би можеле да се употребат за нешто добро и полезно, тој уште и си го уништува сопственото здравје, а што е најстрашно – го загрозува и здравјето на ближниот, го загадува воздухот, ја труе целата природа. Од искуство знам дека пушачите се силно зависни луѓе. Колкупати им велам на оние што пушат: „Еве, сега е пост и доколку се исповедаш и престанеш да пушиш, ќе можеш да се причестуваш секоја недела и на празник. Светата Причест е најпотребното и најважното нешто; ќе ти биде убаво, духовно ќе напредуваш, ќе се радуваш, ќе се ослободиш…“ Но штом им спомнам за оставање на цигарите тие веднаш почнуваат да се колебаат, да се повлекуваат, затоа што таа безумна страст целосно ги обзела и не сакаат да се откажат од неа, па макар нека е и за најсветото нешто. Поважна им е цигарата од Светата Причест. Меѓутоа, воздржанието прави чудесни преобразби кај луѓето. Сум видел многу поранешни пушачи кои го возљубиле воздржанието, ги оставиле цигарите, па целосно се промениле на подобро.

Меѓу многубројните страсти и зависности, во нашево време особено е актуелно злословието. Исклучително страшна појава. Колку ли Христијани се дрзнуваат да судат, да клеветат, па дури одат дотаму што да фрлаат дрвја и камења по клирот на Црквата! И сето тоа на очиглед на сите, по социјалните мрежи. Пак ќе повториме дека Бог од ништо така не се гнаси, како од осудувањето. Затоа од тоа зло треба особено да се воздржуваме. Има, за жал, и таква појава, кога верници се поттикнати од некои припадници на клирот јавно да клеветат и да осудуваат други свештеници, владици, браќа и сестри. Декадентна состојба! Затоа, ако некогаш се најдеме во таква ситуација, да бидеме инструирани од припадници на клирот, за да зборуваме или пишуваме против некого во Црквата, треба со почит да им укажеме на тие клирици, па макар и колкав чин да имале, дека тоа не е добро: „Оче, или Владико, или брате, ние не смееме да се мешаме во вашите работи; во никој случај не е добро да го судиме клирот на Црквата, бидејќи според сите свети отци тоа е голем грев. Доколку вие имате нешто против некого од вашите браќа, некое недоразбирање, тогаш одете и лично кажете му и разберете се меѓу вас, но не мешајте нè нас верниците“. Оти, навистина е многу жално кога верници се занимаваат со клеветење, и тоа на социјалните мрежи, каде што секој, и упатен и неупатен, може да види и да прочита. Се распространува злословие и осуда, а тоа предизвикува голема соблазна. Клеветите и осудите им штетат не толку на оние за кои се наменети, колку на оние што ги предизвикуваат и пишуваат, како и на неупатените во Црквата. Денес луѓето Го бараат Христа, Кој насуштно му е потребен на светот. И во своето незнаење и неупатеност, влегуваат во интернет просторот со цел да прочитаат нешто убаво, а таму се среќаваат со секакви злословија против свештеници, духовници, владици. Многу страшно и соблазнително. Се соблазнуваат души што треба да тргнат по Христа. Како вели Господ во Евангелието: Тешко му на оној човек, преку кого доаѓа соблазната! (Матеј 18,7) Замислете, сега, каков грев носат тие што осудуваат! Кога нас нè злословуваат, во духовна смисла ни прават добро. Но што со оние кои допрва треба да Го најдат Христа, или со оние кои се нови во Црквата, или сè уште се недоволно утврдени? Наместо Христијаните да им Го сведочат Христа со добрина, со љубов, да им бидат патоказ на другите, тие, за жал, се занимаваат со осудување и така ги одвраќаат другите од Црквата и од Христа.

Па така, мили мои, гледате и самите колку погубни и тешки се страстите, на кои ние така лесно се оддаваме. На почетокот, можеби, брзоплето, без многу размислување, но со тек на време навистина се претвораме во нивни робови. А гревот е жесток господар: нè измачува и нè исмејува и нè одвраќа од намената за која сме сотворени, затоа што не ни дозволува да се соединуваме со Бога. Наместо нагоре, кон духовниот устрем, страстите нè влечат надолу, кон земјата и пропаста.

Никогаш да не забораваме дека овој живот е само патување кон нашата возвишена цел, соединување со Бога и живот во Царството Небесно. Токму затоа, пред најголемиот празник во кој е содржана целта на човечкиот живот – Светата Пасха која го претставува Царството Небесно, нашето потполно соединување со Бога – Црквата нè повикува на духовни вежби. Зборот аскеза токму тоа и значи: вежбање, вежба. Постот, пак, е една најубава арена за духовните вежби, за духовните постигнувања, коишто, се разбира, не треба да престанат со завршетокот на постот, туку да продолжат и во текот на целиот живот. Препораките што ги слушнавме од Апостолот Павле се искажани не само за одреден пост, туку се упатени кон сите Христијани и за сите периоди, за целото време. Црковната мисла нè повикува да бидеме воздржливи – секако во смирение и со умереност. Ние да царуваме над себеси, а не да дозволиме нешто друго да владее над нас. Да не им даваме простор на страстите и бездушните нешта да царуваат  со нас.

Пред нас е, мили мои, најблагословениот период, духовната пролет на Црквата, Светата Четириесетница. Постот е свето време, време за духовни вежби и практикување на доброто; време во кое треба засилено да се оддадеме и на духовната аскеза, како би можеле да Му угодиме на Бога, да се соединиме со Него. Притоа, духовното богатство што ќе го стекнеме во текот на постот, треба да трае и понатаму, да продолжи и во животот. Би можеле да речеме дека постот е налик на една духовна работилница, во која ја поправаме и надоградуваме сопствената душа. За време на великопосните богослуженија се употребува книгата Посен Триод, преполна со покајничка и созерцателна поезија којашто многу ни помага во спознавањето и очистувањето на себеси. Во овој период, доколку одиме во храмовите, ќе ни се даде можност да се поучуваме од таа чудесна и вдахновена поезија на светите отци и ќе ни биде полесно да разбереме зошто толку ни е потребно воздржанието.

Во Евангелието што го чувме премалку, Бог нè повикува на проштевање едни со други. Во некоја смисла, постот, кој е од голема духовна полза за нас, е истовремено и еден наш своевиден дар за Бога. А Господ вели дека доколку некој сака да Му принесе на Бога дар, претходно треба да се измири со својот брат, односно со сите луѓе. Предание и заповест на Црквата е пред постот, сите, еден со друг, да си проштаваме и да бараме прошка. Луѓето честопати велат: „Но јас не му згрешив ништо; тој другиот ми згреши мене, ме повреди. Затоа тој треба да дојде кај мене и да ми се извини. Јас нема потреба да пристапувам и да му барам прошка, бидејќи ништо не му згрешив“. Меѓутоа, ајде да се запрашаме: Христос згреши ли со нешто? Се разбира не. Човекот беше тој кој згреши, а безгрешниот Бог дојде и стана дури и човек за да ни прости, да нè спаси. Он прв му пристапи на паднатиот човек. Прв ја протегна Својата рака, за да го искупи човекот. Безгрешниот Самиот дојде кај грешните и го повика човекот на помирување.

Следствено, мили мои, добро е и ние да побараме прошка. Ако си Христијанин и ако се трудиш во светотаинскиот живот на Црквата и знаеш за обожението, тогаш ти си тој кој треба да побара прошка, па дури и да не си згрешил и со самото тоа ќе дадеш добар пример дека си ученик на Господ, Кој е љубов и Кој ни кажа дека по љубовта ќе нè препознаваат дека сме Негови ученици. Да Го молиме Господ да ја засили во нас желбата да се покаеме, желбата да станеме вистински Христијани, а тоа најдобро се постигнува со добродетелта на воздржанието, со тој прекрасен и благословен подвиг, кој Црквата особено ни го предлага во Светиот и Велик Пост. Воздржанието, ќе повториме, му е насуштно потребно на секого од нас. Одлика на епохата во која живееме е невоздржанието. И затоа гледаме како злото напредува на сите страни. Луѓето не сакаат да се воздржуваат од страстите и затоа настанува хаос. Најпрвин во семејството, а потоа и во целиот свет, кого го претворивме во едно неиздржливо и тажно место за живеење. Но, ние, Христијаните, сме тие кои треба да бидеме благовесници на Христовата пролет. Единствено Христос му дава духовно здравје на човештвото. Ние треба да бидеме Негови следбеници и благовесници, цветови на христијанската пролет. Христијанството е пролет и воскресение на овој свет. Господ да ни даде сили овој пост да го поминеме во благословеното воздржание и таа благословена самодисциплина да научиме да ја применуваме до крајот, така што и ние да се спасуваме, а да дадеме и на други пример за спасение.

Простете ми за сè што сум згрешил со збор, дело и помисла и нека ни е убав и благословен Чесниот Пост, та да си ја дочекаме сите заедно Светата Пасха во радост и во духовно веселие. Амин.