Oгласително слово за почетокот на Светата и Велика Четириесетница [2023]

† ВАРТОЛОМЕЈ

По милоста Божја

Архиепископ на Константинопол – Нов Рим

и Вселенски Патријарх

до сета полнота на Црквата,

благодат нека биде и мир

откај Спасителот и Господ наш Исус Христос,

а од нас благопожелби, благослов и прошка

Фото: Стефан Рајхл

Сечесни браќа Архиереи и благословени чеда во Господа,

Според благоволението и благодатта на сесожаливиот и седарител Бог, минувајќи веќе низ благословениот период на умилителниот Триод, влегуваме во Светата и Велика Четириесетница, во стадионот на страстоубиствениот пост и на „сечесното воздржание“, во кого се открива длабочината на богатството на нашето православно Предание и недремливата грижа на Црквата за духовниот напредок на нејзините чеда. Како што потсетува Светиот и Велик Собор на Крит (јуни, 2016), „Православната Црква, којашто неотстапливо соодветствува и со апостолските одредби и со соборските канони и со севкупното светоотечко предание, секогаш ја возвестувала врховната важност на постот за духовниот живот на човекот и за неговото спасение“ (Значајноста на постот и на неговото запазување денес, § 1).

Сите нешта во животот на Црквата имаат непоклатен теолошки темел и сотериолошка насока. Православните Христијани се подвизуваат со „добрата борба“ на подвигот и на постот, „во сè благодарејќи“ (1. Сол. 5,18). Црквата ги повикува своите чеда да се затрчаат по долгата патека на подвижничките вежби, којашто води до Светата Пасха. Ова претставува средишно искуство на животот во Христа, оти вистинскиот аскетизам никогаш не е смуртеност, бидејќи се напојува од очекувањето на воскресенското веселие. Химнологијата нè упатува кон „пролетта на постот“.

Во оваа смисла, далеку од примките на неоплатонскиот дуализам и на отуѓувачкото „плотоубиство“, неразумно е вистинскиот аскетизам да гледа на уништувањето на „лошата плот“ заради духот и заради ослободување на душата од измачувачките окови. Како што е нагласено, „подвигот, во својот автентичен израз, не се свртува против телото, туку против страстите, чијшто корен е ‘духовен’, зашто ‘првоострастен’ е умот. Телото, поскоро, не е големиот непријател на подвижникот“.

Подвижничкиот труд настојува кон надминување на егоцентризмот, заради љубовта „која не бара свое“, и без која човекот останува заробен во себеси, во „прождерувачкото его“ и во својата ненаситна похота. Егоцентричниот човек се збрчкува во себе, ја губи својата креативност, според она извонредното: „сè што даваме се умножува, сè што чуваме за себе е изгубено“. Заради оваа причина, мудроста на Отците и искуството на Црквата го поврзуваат периодот на постот со „обилието на милостивоста“, со дела на добротворение и човекољубие, коишто се показател за надминување на себељубието и за егзистенцијална полнота.

Целосноста е во секое време обележјето на животот во Црквата. Литургискиот живот, подвигот и духовноста, пастирската грижа и доброто сведоштво во светот, се израз на вистината на нашата вера, взаемно поврзани и меѓусебно надополнувачки елементи на нашиот христијански идентитет, со заедничка точка на насочување и правец: Царството на Есхатонот и исполнувањето и полнотата на Божјиот Домострој во него. Додека црковниот живот, во сите свои пројави го одразува и отсликува Царството што доаѓа на Отецот и Синот и Светиот Дух, постои таинството на Божјата Евхаристија, она кое, како што со нагласок подвлекува неодамна преселениот при Господа, блаженоупокоениот Митрополит Пергамски Јован, „ја изразува Црквата во нејзината полнота“. „Чистото општење“, оцрковувањето на нашето суштествување, како учество во Божјата Евхаристија, е „крајот“ на постот, „венецот“ и „наградата“ на аскетските борби (в. Јован Златоуст, Беседи за Исаија, 6: за Серафимите, PG 56, 139).

Денес, во епоха на обесветување на животот, каде што човекот „оддава големо значење на крајно незначајни нешта“, нашата христијанска мисија е покажување во пракса на егзистенцијалната длабочина на православниот „триптих на духовноста“: на неразбиено единство на литургискиот живот, на аскетскиот етос и на солидарноста, на квинтесенцијата на вреднувачкото востание во просторот на наравот и на културата, којашто е содржана од верата во Христа и од богомдаруваната слобода на чедата Божји. Го сметаме за особено важно тоа да ја живееме Светата и Велика Четириесетница како откровение и доживување на вистинската смисла на слободата „со која Христос нè ослободи“ (Гал. 5,1).

Со овие мисли и чувства на љубов и чест, ви посакуваме вам, на Сечесните во Христа браќа и на сите чеда на Мајката Црква по сета екумена, добро трчање по стадионот на постот, призивајќи ја врз сите вас благодатта и милоста на Оној Кој секогаш го возвеселува народот Свој во подвижничките борби, на Христа Бога, Чијашто моќ на Царството нека биде благословена и препрославена, сега и секогаш и во вековите на вековите. Амин.  

Света и Велика Четириесетница 2023

† Константинополскиот
огнен пред Бога молитвеник за сите вас