Пред нас се открива едно исклучително свето време

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Умилителната вечерна на проштавањето, на 5/18 март 2024 лето Спасителово

Возљубени,

По Божјата милост и благослов еве сме во навечерието на Светиот и Велик Пост. Светата Црква на оваа специфична богослужба, наречена Умилителна вечерна на проштавањето, со своите вдахновени песнопенија нѐ повикува на покајание, на прошка, на желба за восовршување во сите христијански добродетели. Пред нас се отвора еден навистина свет и свештен временски простор, посветен за подготовка за највозвишениот христијански настан – Воскресението Христово, Пасхата Господова, преминот од смрт во живот.

Христос нѐ повикува: „Дојдете и сретнете се со Мене“. Ова е смислата и целта на нашето суштествување. Он дојде на овој свет, стана човек, еден од нас, за да нѐ прегрне и да ни даде можност да станеме богови по благодат. Секој од нас има неизмерна вредност во очите Божји, зашто, како што Самиот Он вели во Светото Евангелие, една човечка душа е поскапа од целиот свет, оти на душата, по благодатта Божја, ѝ е подарена бесмртност.

Но канејќи нè, Христос истовремено нè предупредува, за кога ќе појдеме на средба со Него, да не се покажеме неподготвени. Токму затоа Црквата нѐ подготвува, преку подвизи и добродетели, достоинствено и со просветлена облека да застанеме на Големата вечера во Царството на нашиот Спасител. Впрочем, ние во текот на животот, на секоја Света Литургија, сме удостоени да седнуваме на таинствената Вечера. Следствено, да се трудиме да ја зачуваме чиста нашата светла облека што ја добивме при светата тајна на крштението. Како Христијани, облечени сме во облеката на спасението, облечени сме во Самиот Христос и призвани на вечен живот. Сите сме деца Божји и пријатели Христови и како такви поканети сме на духовно веселие, на чудесната вечера Господова, не како слуги, туку како синови и наследници. Удостоени сме да седнеме заедно на трпезата со Него. Во ова се открива величието на Христовата милост и љубов кон секого од нас.

Затоа, возљубени, нека нашите стремеж и труд во текот на оваа Света Четириесетница бидат насочени кон богоугодни дела, кон подвизи кои ќе нè доближат до вистинската радост во Господа. Нека претстојниот пост ни биде време на длабоко согледување и себеиспитување и на радување и благодарност за дарот на Воскресението Христово. Слушнавме сега како завршија молитвите за благослов на постот: „Удостој нѐ сите нас во мир да го дочекаме исполнението на сите добри дела, да се поклониме на спасителните Твои страданија и на светото Воскресение“, но и „на крајот на нашиот живот да добиеме, заедно со сите што Тебе Ти благоугодиле, вечна радост во Тебе, Бога и Спасителот наш“. Значи, да го минеме овој пост со правење добри дела, за достојно и во радост да го пречекаме Воскресението, но и на крајот од нашиот живот да влеземе во вечната радост на Господа. Оти, еден ден, слично како овој пост, и нашиот земен пат ќе заврши во вечната радост на Воскресението Христово, во крајна средба со Христа. Секој Велик Пост е како еден микрокосмос на човечкиот живот, како еден цел животен пат во мало. Утре почнува првата недела од постот и можеби уште веднаш премногу ќе се преокупираме со земните грижи: што ќе јадеме, што ќе пиеме, кои посни рецепти да ги пробаме и сл. Но, времето брзо минува и одеднаш ќе стасаме до Крстопоклоната недела, половина од постот ќе биде зад нас, па ќе дојде и Цветници, и ете, Христос ќе чека да влезе во срцата наши. На Велики Четврток ќе седнеме на таинствената Вечера со Господа, и Он ќе ни ги измие нозете. Како ќе го стори тоа? Со Своето несфатливо смирение. Он пред сите се смирува, со нежност и љубов го чека нашето покајание, со трпение ги чека нашите срца да се отворат кон Него.

Во текот на изминатата седмица прекрасните богослужби со своите стихири ни го покажуваа патот на покајание, нè повикаа да се подготвиме за средбата со Христа. Не смееме неподготвени да пристапиме на светата Вечера. Господ направи сè заради нашето спасение. Ни ја остави Црквата, која е Негово тело, составено од нас како членови Негови. И навистина жално е да се однесуваме немарно и неодговорно, без никаков труд и подвиг, зашто неминовно ќе дојде време кога ќе треба да седнеме заедно на Неговата трпеза, за Он да нѐ измие и да нѐ причести со Себе. И доколку ние не сме се подготвувале соодветно, со воздржание, молитви, милосрдие и љубов, ќе се покажеме нечувствителни, а со тоа и крајно недостојни. Слично на апостолот Јуда, кој се надеваше само на земските нешта и не го сфати духовниот значај на Христа. Тој не се врзуваше за личноста Христова, туку за придобивките од Него, и кога накрај сите негови намери и замисли за Христа како за земски цар пропаднаа, тој се дрзна кон продажба и предавство, Го продаде за пари. Така и ние, доколку се надеваме на светот и на силниците во него, неминовно ќе се разочараме. Па дури и земската Црква, со своите архиереи и свештеници, некогаш може се покажува силна и во световна смисла, со светска моќ, но тоа не треба никако да нѐ заведе. Оти, не секогаш Црквата била силна со световна власт, туку имало многу периоди кога била прогонувана. Световната, пак, моќ е причина кон Црквата да се прилепуваат луѓе што имаат користољубиви побуди. Кога учениците видоа голема моќ и власт во Христа – како им заповеда на ветровите, ги стишува бурите, чекори по водата, нахранува илјадници без никакви ресурси – некои од нив посакаа да Го крунисаат за земски цар. Сепак, кога дојде време на притесненија и страдања, кога дојде Крстот, сите Го оставија. Човекот тешко прифаќа крст, преферира инстант радости и бара експресен влез во Царството небесно, без да разбере дека патот кон вистинското Воскресение и кон вечниот живот води токму преку крстот и болката.

За жал, сведоци сме дека денес Христијаните сѐ повеќе стануваат жртви на негативните ефекти на глобализацијата, губејќи ги светопреданиските основи на својата вера. Набљудуваме како многумина гласно се бунат против оваа глобализација, но коректно е да се запрашаме: колку силно таа се одразила и на нас, дали и ние самите не сме претрпеле измени поради неа? Колку нашиот христијански идентитет останал недопрен? Тешко е да се најде денес автентичен Христијанин – таков кој се кае, кој живее во Христа, кој искрено љуби. Оти, знакот за препознавање, лозинката Христова која е? По тоа сите ќе познаат дека сте Мои ученици – ако имате љубов помеѓу себе! (Јован 13,35) – вели Он.

Сега стоиме на прагот на едно исклучително свето време, кое завршува со најсветлиот празник. Поканети сме да ја искусиме благодатта којашто доаѓа со тој величествен ден, да се соединиме со Христа. Не да Го жалостиме, туку да бидеме како апостолот Петар, трудејќи се да подражаваме во неговото горко покајание а не во моментот на неговата слабост кога се одрече од Христа. Да се стремиме да станеме добри Христијани, во кои нема суд и осуда, злоба и завист. Да не им забележуваме дури и на оние кои не сакаат да постат. Не смееме никако да ги осудуваме. Сигурно од утре многумина од вас дома ќе седнат на истата трпеза на која вие ќе јадете посна храна, а некој спроти вас ќе јаде мрсно. Но немојте да се возмутувате. Оние кои не постат, можеби во моментот сеуште не се подготвени да ја разберат тајната и величието на постот, но под влијание на вашите трпение, смирение и љубов, еден ден и тие можеби ќе зачекорат цврсто по Христа и ќе станат дејствителни Христијанин.

Од сѐ срце ви посакувам вам присутните, како и на сите Христијани, да имате богоугодна и душеполезна Четириесетница. Постот има голема сила; тој може да го смири светот, да Го смилостиви Бога. А како што гледаме, тоа му е толку потребно на овој наш вознемирен свет, каде луѓето војуваат едни против други, народи затануваат против народи, онака како што е предвидено дури и во Откровението. Нашата мисија е да бидеме свесни за Христовиот повик, да се подготвиме за средба со Него. Он е секогаш подготвен да нѐ пресретне, секогаш е исполнет со љубов кон нас. Само посакува да нѐ прегрне со Својата благодат, да нѐ направи вистински радосни, да нѐ одмори од нашите тешки искушенија. Затоа и ни вели дека Неговиот јарем е благ и Неговото бреме е лесно. Доколку со трпение, со вера во Христа и со благодарност ги носиме животните страданија и маки, коишто се олицетворение на крстот, постојано ќе ја имаме Неговата помош. Неговата утеха е секогаш со нас, таа нѐ прави бестрашни против злото и силни да ги победиме сите искушенија, и накрај, да извојуваме најголемата победа – да се соединиме со Неговото светло и славно Воскресение.

Бог да ви даде на сите духовни и телесни сили за успешно подвизување во посното време и да си се собереме повторно сите на Света Пасха во овој свештен храм. Простете ми и добра Четириесетница!