Понеделник вечер – Прва солзна молитва

Понеделник вечер

Прими го молењето од мојата осквернета и нечиста уста, на сите и на сè Владетелу, човекољубив Исусе Христе. Од мене недостојниот и неразумен не гнаси се и за Твојата утеха недостојна не покажувај ја душата моја, зашто се приближив до адот. Како изгубена овца побарај ме, зашто и покрај сè, усрдност во мене нема, ни помисла да се поправам себе. Од сластољубие сум заслепен, помрачена е душата моја и од страсна опиеност бесчувствено стана срцето мое. Сета своја беда, сето лукавство, сета неразумност Тебе ти ја исповедам, Господи, Спасителу на светот. Ти ја исповедам исто и сета сладост и милост, на она што Ти по Својата благост го направи со мене, Човекољупче. Од младоста своја Те гневев и непријател на доброто му постанав, на секакви пороци изумител, спремен на секој грев. Но Ти, Владико, Сине Божји, по големото милосрдие свое, на лукавствата мои не погледна. Со благодатта Своја, Владико, главата ми ја подигаш, но таа пак се ведне под товарот на гревовите мои. Благодатта Твоја одново и одново кон живот ме влече, а јас најусрдно кон смртта се стремам, зашто погубната навика моја во слабоста и против мојата волја кон себе ме привлекува.

Ужасна е таа навика и страшна, со нераскинливи врски умот ми го врзува, и тие врски секогаш, како оној што ги посакува, ме покажуваат. По навика во мрежите се заплеткувам и јас, бедниот, на тоа што сум заплеткан, се радувам. Тонам во неподнослива длабина и заради тоа се веселам. Непријателот секојдневно оковите ми ги обновува, а јас се радувам. Оф, колкава подмолност на непријателот! Не ме врзува со врски што не ги сакам, туку, напротив, секогаш такви окови и мрежи ми става, кои јас со големо задоволство ги примам, оти знае дека волјата гревовна ми е посилна, па за миг во оковите што ги сакам ме заковува.

Се срамам и презирам што со сопствените желби сум врзан, за плач и воздишки достоен станав. Можам за миг врските да ги скинам и од сите мрежи слободен да бидам, но победен од слабостите и на страсните навики доброволен роб бивајќи, не сакам тоа да го сторам. И тоа што е пострашно, што со солзи на срам лицето мое го покрива, со желбите на непријателот мој јас се согласувам. Тој ме врзува, а јас со страстите што го радуваат се умртвувам. Можам врските да ги раскинам, но тоа не го правам; можам замките да ги избегнам, но не сакам. Има ли нешто подостојно за плач и лелек? Кој срам е потежок од овој? Тешко мене, поголем срам нема од тоа желбите на непријателот да ги исполнуваш.

Се доведов во состојба, јас грешниот, оковите свои да ги гледам, а од страв да ги прикривам. Ме разобличува совеста моја: „Зошто, беднику, не се вразумиш? Не знаеш ли дека Страшниот суд е пред врата? Како јунак стани и оковите свои раскини ги! Ти власт имаш да врзуваш и раскинуваш.“ Така постојано совеста ме разобличува, но јас од мрежите и оковите не сакам да се ослободам. Секој ден тагувам и воздивнувам, а со истите тие страсти сум врзан. За жалење сум и беден, за животот свој ни бар малку не се трудам, ниту, пак, што пребивам во мрежите на смртта, се плашам. За оние што гледаат од надвор, телото во побожен изглед ми е облечено, но душата моја во бесрамни помисли е заробена. Од надвор се трудам побожен да бидам, а внатре пред Бога сум гадост. Во односот со луѓето говорот ми е сладок, а самиот со горчина и лукави желби сум преполн.

Што ке правам во денот на Судот, кога Бог ќе ме разоткрие пред сите? Голем страв срцето непрестајно ми го измачува, зашто во оковите на безбројни беззаконија мои сум врзан. Самиот знам дека таму казнет ќе бидам, ако овде Судијата со солзи не Го смилостивам. Но Ти, Владико, милоста Своја ни во гневот не ја штедиш, зашто моето обраќање го чекаш; Ти не сакаш никого во огнот геенски да го видиш, туку сакаш сите вечен живот да добијат и да се спасат.

Затоа надевајќи се на милоста Твоја, Господи, Исусе Христе, Сине Божји, кон Тебе припагам и Тебе ти се молам: „Погледни на мене и помилуј ме. Душата моја од мракот на беззаконието изведи ја и нека зрак на светлина во мојот разум заблеска, додека не сум влегол во идниот, за мене страшен живот, каде невозможно ќе ми биде за своите лоши дела да се покајам. Голем страв ме обзема мене, бедниот и заблудениот; како потполно неспремен и од покровот на добродетели соголен да појдам? Страв и трепет ме обзема зашто гледам дека во доброто ревност немам, туку сум поробен од лоши помисли, зашто ги слушам демоните што со сластољубие во пропаст ме водат.

Доколку не ја испитам совеста своја, во многу нешта си се чинам добар. Се уподобив на неработниот и мрзлив трговец, кој во еден ден сиот свој имот и добивка ги губи. Така и јас, бедниот, во мноштво разоноди што во лоши дела ме вовлекуваат, небесните блага ги губам. Сам во себе чувствувам дека секој час искраден бивам, и несвесно со она што го мразам се бавам. Ме чуди слабата моја волја во неволјите, кога најмногу грешам. Ме чуди покајанието мое, кое во бедемот на воздржанието утврдено не е, зашто тоа не го допушта непријателот на душата моја. Секој ден почеток на градбата поставувам и со сопствени раце, сиот свој труд повторно го рушам. Уште во мене прекрасното покајание добар почеток не поставило, а погубната немарност крај нема. На слабостите свои постојано им робувам и на радост на непријателот мој, сè што му е по волја усрдно вршам.

О, кога главата моја би била изобилна вода, а очите мои извори на солзи (Ер.9,1), за пред милосрдниот Бог непрестајно да плачам, та Он испраќајќи ја на мене грешниот благодатта своја, да ми ја избави душата, што од бесното море со гревовни бранови разбранувано, постојано е напаѓана. Земаат замав барањата мои, на рани се уподобија што никаков мелем веќе не ги лечи. Жената блудница, од ужас обземена наеднаш усрдна и целомудрена постана, зашто својот срамен грев го замрази, за идниот вечен срам и казната во неиздржливи маки спомнувајќи си. А јас дека ќе ги оставам гревовните страсти секојдневно ветувам, но не само што не ги оставам,туку како безумен, до гревовните навики цврсто се држам. Во надеж дека ќе го дочекам покајанието живеам, и измамен од суетните ветувања секогаш велам:„Ќе се покајам“, но сè до сега непокајан останувам. Само на зборови усрдно се каам, а со делата свои многу далеку од покајанието се наоѓам. На крај и својата сопствена природа ја заборавам, зашто грешам упорно и свесно зло правам.

Исав место за покајание не најде, зашто со упорност гревот на себе го навлекуваше, грешејќи не поради моментен занес или заблуда, туку свесно, после поуката, родителите ги нажали и од Бога не се посрами. Ни Јуда предавникот за покајание место не најде, зашто додека живееше со Господа грешеше, а знаеше што прави, бидејќи на себе благодатта ја вкуси. А што ли ќе ме снајде мене, при испитувањето на гревовите мои, свесно направени? Се знае дека оној што помисли зло еднаков е на оној што го сторил. Со што ќе се оправдам во безбројното мноштва на беззаконијата свои? Хам, кој сакаше само таткото свој да го исмее, беше отфрлен. Соучесниците Корееви ги проголта земјата, иако ништо баш не рекоа, ниту направија. И оние што беа во времето на Илија слично пострадаа. И Саул, прифаќајќи ја помислата за идолослужење, отфрлен беше. И Ахитофел кој само даде совет, во грев умре. И синовите Аронови згрешија и казнети со смрт беа. И Сапфира со мажот, поради занемарување, време за покајание немаше. Своето дело го разгледувам, на својата согласност внимание насочувам и превласт на правосудието очекувам, признавајќи ја неговата видлива праведност.

Зошто во заблуда ме доведува ликот кој на себе го зедов, кога добродетелите ми се туѓи и зло правам пред Бога Кој сè гледа? Фарисеите праведно разобличување претрпеа од Христа Спасителот, Кој нивното однесување лицемерно го нарече. И јас се почесто во таква заблуда се наоѓам, зашто разобличен од својата совест негодувам, и тоа разобличување немилосрдно ми изгледа. Вистината е горка за оние што се трудат да ја скријат. Ако мојата надворешност ја тргнам, во мене црви ќе се покажат. Ако маската од прав и пепел од себе ја симнам, околината ќе види дека во гроб лежам. Испитувајќи ги плодовите на моите дела, ликот фарисејски ќе го забележат. А ако тоа овде не се разоткрие, тогаш со оган на Судот ќе се испита, како што апостолот вели (1. Кор. 3, 13).

Подај ми ја, Господи, Својата рака за помош, мене кој лежам во прашина, зашто сакам да станам, а не можам. Бремето на гревот ме притиска и навиката зла ме држи. Со очите гледам а како по мрак да одам; раката своја како во најдлабок мрак ја подигам, но целиот сум раслабен. Безгрижен сум, а сепак од себе незадоволен. Завет давам дека ќе се сменам и постам, но непрестајно се сопнувам; славољубив сум многу, а не се трудам на Бога да Му угодам.

Како да се осмелам и прошка на старите гревови свои да побарам, кога од поранешното свое однесување ни малку не отстапувам? Или како од себе стариот гнилежен човек да го соблечам, кога желбите на старите искушенија не ги отфрлам? Тешко мене, како разобличувањето на беззаконите свои дела и помисли ќе го истрпам? Помилуј ме Боже, по големата Своја милост, и поради големата Твоја добрина. Устата моја недостојна и срцето нечисто и душата од гревови потемнета повикуваат кон Тебе Владико, по благоста Своја услиши ме и молењето мое не отфрлај го, зашто Ти не ги отфрлаш молбите на оние кои искрено се каат. Но моето покајание е нечисто, а не чисто. Еден час се каам, а два Те гневам. Молитвата моја во стравот Твој утврди ја Господи, на каменот на покајанието утврди ја душата моја. Нека светлината на благодатта Твоја ја победи темнината во мене. Смилувај се на молитвата моја Господи добар, не заради праведноста моја зашто во мене ништо добро нема, туку по милоста Своја и по големата и неискажлива благост Своја, подигни ги членовите мои уништени од гревот. Просвети ми го срцето од лукава желба помрачено. Од секакво лукаво дело спаси ме, за непријателот до крај да не ме совлада. Не одвраќај го лицето Свое од мене, и не кажувај ми: навистина ти велам, не те познавам.

Спаси ја од смрт бедната душа моја Господи, Ти Кој власт имаш над животот и смртта. Зашто си рекол Владико: Барајте и ќе ви се даде (Мт. 7, 7). Господи од секој грев пред крајот мој очисти ме, и дај ми Човекољупче, низ целиот свој краткотраен живот да излевам солзи за очистување на душевната нечистота моја, за да би можел овде, од многуте мои долгови барем некои да отплатам и таму спасение да најдам, под покровот на сесилната рака Твоја, кога секоја душа ќе затрепери, пред страшната слава Твоја.

О, Владико Единороден Сине Божји, услиши и прими го молењето на грешниот и недостоен слуга Твој, спаси ме без да бараш за возврат, по самата благодат Твоја, зашто Ти си милосрден и Човекољубив Бог и Тебе слава и благодарност и поклонение Ти принесуваме, заедно со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и во век и веков. Амин.