Блудницата Го љубеше Христа и се стремеше да Го сретне таму каде што никаков грев не може да се допре, ниту да ја уништи светлината и красотата. Таму, во најдлабокиот и девствениот дел на суштествувањето, во човечкото срце. Блудницата ни покажа дека во срцето на ученикот може да се крие предавник, а во срцето на една грешна жена – целата убавина на земјата. Но каде се чуло, „една блудница“ да стане пример за верниците во Црквата?
Религиозните љубители на законот не можат да го поднесат тоа. Бидејќи тие научиле во својот живот да мерат со мерката на „треба“, со врските на законот, со поредокот на „прави, не прави“, а не на „биди“. Исполнувањето на Божјите заповеди, за нив е сокровиште, крепост на нивното „јас“ кое треба да се потхранува со себеутврдување со победи и успеси. „Благочестивите“ се стремат да Го победат Бога, а не да бидат победени од Неговата љубов. Царството Божјо за нив е достигнување, а не дар и милост.
Но Бог, Отецот на Христа, е необичен и парадоксален. Тој ги љуби ненадејните и неочекувани преобразби. Ете зошто Неговото Царство е потполно преобраќање на нашите сфаќања и верувања. Во Божјото Царство нема да има совршени, туку покајани; не беспрекорни, туку искрени; не тврдокорни, туку измачени од страдањата на животот. Сите смирени и страдални, изморени и измачени, разболени и натажени, сите распнати на земјата и во историјата ќе бидат обединети во Христа со Божјата радост и светлина. Никој нема да остане надвор од Женихот. Надвор од празникот на Божјата слава.
Додека тврдоглаво веруваме во нашите „добродетели“ и „морал“, во нашите победи и успеси, Бог ќе го полни небото со блудници и митари. „Вистина, вистина ви велам: Митарите и блудниците ќе ве испреварат во Царството Небесно“.