Единство во Бога – III дел

Света Троица е истовремено извор на сета заедница но и на сета разграниченост, додека азиските религии ставаат акцент на единството, а  модерните западни, на разграничувањето. Токму поради Света Троица, напиша свети Дионисиј Аеропагит, „сите нешта се и обединети и разграничени, и идентични и спротивни, и слични и неслични, така што спротивностите можат да бидат во заедница и обединетите членови да избегнат слевање.“ Нашето сфаќање за човештвото, како и за Црквата, произлегува од тајната на Света Троица. 

Во Христа, преку Светиот Дух, Троичната заедница е пренесена на човештвото. „За сите да бидат едно; како што си Ти Оче во Мене и Јас во Тебе, така и тие да бидат во Нас“, се молеше Христос. Изразите како што и и тие се суштински за нашето спасение. Во Христос ние сите сме едно тело, сите сме „членови еден на друг“. И Христос го сака секој од нас, го прима секого како едно уникатно „јас“. Духот ја гарантира нашата заедница – Павловиот израз „заедница на Светиот Дух“, може да се најде во речиси сите Христијански Литургии.

Но, истовремено, јазиците на Педесетница се разделија, по еден јазик слезе на секого од Апостолите, како божем да го осветува неговиот уникатен карактер и да го одвиткува бескрајниот опсег на неговата дадена слобода. Така личноста, која е создадена, но се развива во процесот на деификацијата, се прикажува како само едно делче од вселената и од човештвото, биолошка индивидуа, социолошки условена на различни начини. Во „Божествената Светлина“ која што го осветлува нејзиното внатрешно битие, личноста го надминува светот и општеството, не за да ги напушти, туку да ги ослободи, просветли и повторно понуди. Бидејќи личноста е според образот Божји и е истовремено и таинство и љубов. 

Патријархот продолжува: За да бидам свој, ми требаш ти. Ако не се погледнеме еден друг во очи, не сме вистински човечни.

„Благословено е Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух“. Светата Литургија започнува со ова троично благословување. Во Црквата, човекот е повикан да разбере што е тој, и според тоа – што треба да биде, преку учеството во Троичната заедница.  Да го земеме во предвид симболичното прикажување на Света Троица во иконата на Авраамовото гостопримство, особено како што е претставена во познатата икона на Андреј Рубљов. Кај дабот мамре Авраам пречекува три „Личности“ или три „Ангели“. Книгата Битие наведува дека понекогаш се тројца, но исто така понекогаш е само еден, и тоа е Господ. Во центарот на претставата, на масата, што има изглед на олтар околу кој Тројцата се седнати, стои пехар со храната што Авраам им ја понуди на своите гости и која во стилизирана форма, изгледа ја претставува Евхаристијата односно Светите Дарови. Така оваа икона е претстава не само на Света Троица, туку и на Црквата. Секоја Личност или Ангел е наведната со смирена нежност кон другите Двајца, така истакнувајќи ја нивната еднаквост и едносушност. 

Во Светиот Дух, Троичното „единство во различност“ е пренесено на „единството во различност“ на човечките личности. Тројцата во Троичната заедница се Еден единствен Бог: Во Црквата секоја личност си наоѓа свој уникатен неспоредлив карактер во овој „Уникатен Човек“ Кој е Христос. Во Бога, секој од Тројцата е потполно слободен во единството т.е. во љубовта. Исто е и во Црквата. Не може да има контрадикции – освен доколку ја предадеме Црквата – помеѓу слободата и авторитетот, помеѓу себе-реализирањето и заедницата. Не тоталитарен колективизам, ниту разделувачки индивидуализам, туку фундаментално суштинско единство, кое се нуди и секогаш се открива во слободата на љубовта. Таков е моделот што треба да му го понудиме на светот.

За да станеме она што треба да сме, светотаински во Христа, раководени од Духот, за да можеме да одговориме на призивот што нѐ дефинира, тоа значи дека треба да сме обединети со себе си и со другите, преку надминување на самиот себе. Поединецот во краен случај е биолошка категорија, подложна на смрт. Личносноста, од друга страна, дури и кога не може да биде разграничена, е духовна категорија неделива од Бога и од ближниот. Љубовта е дел од самата структура на личноста. Оваа заедница на конкретното со универзалното ја сочинува самата тајна на Црквата.