Евхаристиското тајнодејство е, пред сè, заедничка и соборна молитва. Publica et communis oratio (јавен и на заедницата говор), по зборовите на Св. Кипријан Картагински – „и кога се молиме, не се молиме само за поединецот, туку за целиот народ, затоа што сите ние, целиот народ, сме едно…“ Се молиме за целиот народ и се моли целиот народ… Тоа се искажува уште низ надворешната форма на молитвословието: се молиме… „Молитвите на благодарењето исто така се заеднички“, забележува Св. Јован Златоуст. Нив ги принесува тајнодејствителниот свештенослужител, но ги принесува од целиот народ, од Црквата, од собранието на верните. Во името на Црквата, во името на целиот црковен народ тој го принесува светото вознесение; и не се моли од себе самиот, туку од народот – како што од народот ги принесува и Даровите на предложението на олтарот: „Уште Ти ја принесуваме оваа разумна и бескрвна служба и Те молиме, призиваме и преколнуваме: испрати ни го Духот Твој Свет на нас и на овие предложени Дарови…“, додека народот го поддржува ова таинствено (попрво одошто „тајно“) молење и призив со својата согласност: „Тебе Ти пееме, Тебе Те благословуваме, Тебе Ти благодариме, Господи и Те молиме, Боже наш…“ Тоа не е пасивно согласување, ниту молитвена продажба – тоа е сведоштво на неразделното еднодушие и истоветност во молитвата. Црквата говори низ устата на свештенослужителот. И само свештеникот смее да ја вознесува молитвата на народот, оти единствено тој со благодатта Божја е облечен со правото и смислата да зборува во името на сите. Тоа право и тој дар тој не го стекнува ниту го добива од народот, туку од Светиот Дух, со чинот на наследното свештеноуправување; но го добива заради народот, како некој корифеј на црковен хор – го поседува како дар на служење, како еден од многубројните црковни дарови.
Молитвеното „ние“ не означува само множина, туку, пред сè – духовно единство на присутната Црква, неразделна соборност на молитвеното обраќање. „Ти Кој си ни ги дарувал овие заеднички и согласни молитви“, се обраќа Црквата во една од евхаристиските молитви. Оти молитвата на верните мора да биде „симфонична“, мора да се принесува „со една уста и со едно срце“ – но не со едноставно меѓусебно сложување на поединечните, лични и издвоени молитви, туку со ослободувањето на секоја од тие молитви од нејзината лична ограниченост, со тоа што таа престанува да биде само лична и станува заедничка и соборна, т.е. никој да не се моли само за себе, туку чувствувајќи се како член на Црквата и со свест за себеси како за еден од органите на црковното тело. Тоа се дава низ мир и низ љубов. Затоа во литургискиот чин претходно и се изговара молитвата на принесувањето, повикувајќи се на љубовта, како и на молитвата на целивот: „Да се возљубиме еден со друг…“ Под тоа не се подразбира немоќна и исклучителна, само човечка љубов, туку онаа новата љубов, на која учеше Спасителот – љубов за Христа и во Христа, и љубов заради Христа – не природна привлечност, туку благодатна сила, која во нашите срца ја излива Светиот Дух (Рим.5,5). Во Црквата љубовта се преобразува, здобива онтолошка полнота и реалност. Затоа и станува можно „да се љубат ближните, како себе самите“ – така да се љуби можно е само во Христа, Кого погледот на верните Го открива во секој ближен, во „еден од овие малите“ и единствено со силата на жртвената љубов Христова. Таа љубов не трпи ограничување и граници, не може и не сака да биде затворена и осамена. Секое лично добро престанува да биде пожелно и пријатно. Тоа е и сличноста со љубовта Христова, којашто никого не издвојува од својата полнота. Вдахновен за ова зборува и Св. Јован Златоуст, толкувајќи ја молитвата Господова. „Да биде волјата Твоја, како на небото така и на земјата!“ Тоа значи дека „како што на небото, велиме ние, нема ниеден грешник, така нека го нема ни на земјата, туку во секого всади го стравот Свој и сите луѓе направи ги ангели, па макар тие биле наши непријатели и противници…“ Со таква љубов треба да се пристапува кон страшното евхаристиско тајнодејство, „оти пред нас лежи жртвата на очистувањето заедничка за сиот свет“, забележува Св. Јован Златоуст. И се откри заедничкото царство…
Во литургиската молитва постои соборен полет и смелост. „Уште ти ја принесуваме оваа словесна служба за целиот свет“, се моли Црквата. Литургиските молби го опфаќаат целиот свет, како да тој веќе го добил благословот Божји. Во своите молитви Црква тежнее кон поединечното набројување на сето она што ја сочинува – прославените и немоќните, живите и преминатите. Во тоа именување на сите оние, за коишто црковниот народ треба и сака да се помоли се осветува и утврдува начелото на личноста. Евхаристиското именување на живите и преминатите го означува втемелувањето на секоја единка во едното и соборно тело на Црквата. „И подари им место и престојувалиште во Царството Твое“, како што се вели во старата александриска Литургија. Ние се молиме на Бога да ги исполни пропустите и празнините во нашето сеќавање: „И оние, коишто не ги спомнавме заради незнаење или заборавеност, или заради мноштвото имиња, спомни ги Ти Самиот, Боже, оти ја знаеш сечија возраст и име, оти секого го знаеш од утробата на мајката негова…“ Преку заедничката молитва за „секоја душа христијанска“ и за сите упокоени, со надеж за воскресение за живот вечен, ние сведочиме и го потврдуваме својот стремеж кон сеопфатната молитва за секого без исклучок. И тоа не е сè, оти евхаристиската молитва со својата грижлива љубов ја опфаќа сета полнотија и сета сложеност на животните положби и состојби, сета сложеност на земската судбина. На целиот живот се призива благодатта и милоста Божја. Бидејќи сè е опфатено и прегрнато со љубовта Христова: „Ти Самиот биди им на сите сè, Ти Кој го знаеш секого и молитвата негова и долгот и потребата негова…“ Целиот живот се созерцува во Христа. И Црквата се моли: „Спомни ги Господи, оние што Ти ги принесоа овие дарови, и оние за кои и преку кои Ти ги принесоа. Спомни ги Господи, оние кои донесуваат плодови и прават добро во светите Твои Цркви, како и оние што се сеќаваат на сиромасите… Спомни ги, Господи, благочестивите и благоверните цареви… Спомни го секое началство и власт… Спомни го, Господи, овде присутниот народ, како и оние кои од оправдани причини се отсутни, помилуј ги и нив и нас по мноштвото на Својата милост… наполни ги нивните ризници со секое добро, браковите нивни сочувај ги во мир и слога, децата одгледај ги, младината воспитај ја, малодушните утеши ги, расеаните собери ги, заблудените обрати ги…, измачуваните од нечисти духови ослободи ги. Плови со оние што пловат, патувај со патниците, вдовиците штити ги, сираците заштити ги, затворениците ослободи ги, болните исцели ги. Спомни ги, Господи, оние кои се по судовите, и оние во затворите и во рудниците и оние што се во жалост, потреба и опасност и сите на коишто им е потребно Твоето големо милосрдие – и оние кои нè љубат и оние кои нè мразат и оние кои нас недостојните нè замолија да се молиме за нив. И сиот народ Твој, Господи, спомни го и излиј ја на сите Твојата богата милост“. Таа молитва се вознесува по осветувањето на Даровите, пред лицето на Самиот Христос. Тоа срдечно спомнување се завршува со молење за еднодушие и мир, мир за целиот свет: „Прекрати ги раздорите меѓу Црквите, изгасни ги непријателствата меѓу народите; со силата на Твојот Свет Дух што поскоро сотри го еретичкото бунтување; сите нас прими нè во Царството Твое, покажи нè како синови на светлината и синови на денот, дарувај ни го мирот Твој и љубовта Твоја… и дај ни со една уста и едно срце да го славиме и воспеваме пречесното и величенствено име Твое…“ Така целиот народ се моли и за целиот народ се принесува молитва.
Тоа не е само единство на молитвата. Во Евхаристијата невидливо, но вистински се открива полнотата на Црквата. Секоја Литургија е врзана за целата Црква и се врши во нејзино име, а не само во името на присутниот народ – како што и свештенослужителот има полномоштие да тајнодејствува со силата на апостолското преемство, па со самото тоа во името на апостолите и во името на целата Црква, и на крајот – во името на Самиот Христос. Оти секоја „…мала црква“ не е само дел, туку е целата Црква во соборен облик, неразделен од нејзиното единство и полнота. Заради тоа во секоја Литургија таинствено, но реално, соприсуствува и соучествува целата Црква. Литургиското свештенодејство на некој начин е обновено Богојавленије. Ние во него го созерцуваме Богочовекот Христос како Основател и Глава на Црквата, а со Него – и целата Црква. Во евхаристиската молитва Црквата станува свесна за себе и се созерцува како единствено и целосно Тело Христово. Надворешното обележје на тоа созерцувано единство се честиците, коишто во текот на проскомидија се полагаат на дискосот околу Светиот Агнец, подготвен за осветување. „Во таа божествена служба и во вршењето на светата Проскомидија“, објаснува свети Симеон Солунски, „ние на некој начин Го гледаме Самиот Исус и ја созерцуваме сецелата и елинствена Негова Црква. Во средиштето на сè ние го гледаме Него, Светлината вистинска и животот вечен… оти Он Самиот е овде присутен во вид на леб во средината. Честицата од десната страна Ја претставува Неговата Мајка, а онаа од левата – светителите н ангелите; а пак оние долу – побожниот собор на сите кои веруваат во Него… Ова е голема тајна. Бог меѓу луѓето и Бог меѓу боговите коишто ја здобиле обоженоста од вечниот по природа Бог, Кој заради нас се овоплоти. Овде е идното царство и откровението на вечниот живот“.
Тоа не е само слика на свештен символизам. Литургиското спомнување има тајнодејствителна сила – заради тоа и се врши само за верните, за членовите на Црквата (макар што Црквата се моли и за оние кои се „однадвор“, кои отстапиле и кои не Го бараат Бога – но не на светото Вознесување). Бидејќи, продолжува Свети Симеон Солунски, „честицата којашто се принесува за некого, лежејќи до Божествениот Леб додека над него се врши осветувањето, се менува при допирот со осветениот и кога се полага во путирот, се соединува со Крвта. Заради тоа и на душата за која што се принесена, слегува благодат. Овде како да се врши духовно причестување, па ако човекот е побожен, или ако е грешен, но се покајал, тогаш тој невидливо, со душата ја прифаќа заедницата со Духот…“ На тој начин низ евхаристиското спомнување јакне онтолошкото сраснување на верните во Христа. Тоа не е магиско делување, тоа е делување на спасоносната крстна благодат, којашто секој ја усвојува и ја прима по мерката на својата чистота и заслуги, оти причестувањето со Светите Тајни може да биде и на осуда. Човек единствено со љубов ја усвојува љубовта на снисходливиот Бог. Христос не им се дава само на оние коишто телесно се причестуваат со Телото и Крвта Негова од рацете на свештенството; низ евхаристиското тајнодејство Он им се дава Себеси и на оние кои се отсутни – „онака како што тоа само Он го знае“. Тоа и е духовно или „мислено“ причестување. Смислата на причестувањето – тоа е соединувањето со Богочовекот преку Неговото тело, и тоа не само телесно соединување, туку исто така и душевно и духовно. И обратно, секое соединување со Христа е своевидно причестување, па со самото тоа допир со Неговото прославено и пречисто Тело. „Секој спокој на душата и секоја награда за добродетелта, и голема и мала“, вели Св. Никола Кавасила, „не е ништо друго, туку овој леб и оваа чаша, со којашто во иста мера се причестуваат и живите и мртвите – секој на за себе својствен начин. Така во Евхаристијата се отклонува границата на смртта, границата на смртното разделување, починатите се соединуваат со живите во евхаристиското единство, во единството на Христовата трпеза. Евхаристиското спомнување не е само сеќавање туку – видување, созерцување на апостолската заедница во Христа. Затоа и се принесува и молитва за сите, оти „во таа свештена жртва сите заедно – и ангелите и светите луѓе – се соединиле со Христа и се осветиле во Него и низ него се соединуваат со нас“, вели Свети Симеон Солунски. Секој пат кога ја вршиме евхаристиската служба, ние го созерцуваме и го доживуваме тоа совршено единство и се молиме во името на сето повикано и спасено човештво. Се молиме како Црква – се моли сета Црква.
Евхаристијата е своевидно онтолошко откровение за Христа и за Црквата – за Христа во Црквата. „Тајните ја претставуваат и Црквата“, вели Св. Никола Кавасила, „бидејќи таа е телото Христово и членовите меѓу себе“ (1. Кор. 12,27). Потоа додава: „Тајните не укажуваат на Црквата како символи, туку онака како што срцето укажува на органите, како што корењето на дрвјата укажува на гранките, или, по зборовите Господови, како што со виновата лоза се укажува на ластарите; оти овде не е само еднаквоста на називите, или сличноста на облиците, туку истоветноста на делата… Кога некој би можел да ја види Црквата Христова на начинот на кој таа е соединета со Христа и учествува во плотта Негова, не би ја видел поинаку освен како Тело Господово… Оти верните, низ оваа крв, веќе живеат со живот во Христа, вистински соединети со таа Глава и облечени во тоа Тело“.
Извадок од: „Домострој: списание за православна духовна култура“, Скопје 1997, 41-46.