Ги сакам оние што мене ме сакаат, и кои Ме бараат, ќе најдат добрина (Мудр. Сол. 8,17). Убаво е да се биде со Него. Тогаш душата е весела и вели: „Господи мој, јас сум слуга Твој”.
Во овие зборови лежи голема радост: Ако Господ е наш, тогаш и сè што е Негово е наше. О, колку сме богати!
Голем и несфатлив е Господ, но заради нас толку се понизи Себеси, за сите да Го спознаеме и возљубиме, од љубов кон Него да заборавиме на земјата и да живееме на небесата, гледајќи ја славата Негова.
На Своите избраници Господ им дарува толку благодат што тие со љубов ја опфаќаат целата земја, целиот свет и нивната душа гори од желба сите луѓе да се спасат и да ја видат славата Господова.
Господ им рекол на Своите свети ученици: Деца, имате ли нешто за јадење? (Лука 24,41). Колку љубов се крие во тие нежни зборови – Господ нè нарекува Свои деца. Има ли поголема радост? За овие зборови треба да размислуваме, како и за страдањата Господови на крстот.
О, колку Господ ги љуби Своите созданија!
Ете, и нас Господ нè удостои да зборуваме за тоа и нашиот дух да се радува што Господ е со нас.
Смирено ве молам, молете се за мене и Господ ќе ве награди.
Братот Р. ми го раскажа следново:
Во една прилика, кога бил тешко болен, неговата мајка му кажала на татко му: „Колку се измачува нашето момче! Би се согласила мене да ме исечат на парчиња, само ако со тоа му помогнам и му ги олеснам страдањата“.
Таква е и љубовта Господова кон нас. Тој рекол: Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја, за пријателите свои (Јован 15,13). Господ толку се сожалил над луѓето што посакал да страда за нив, како родена мајка и уште повеќе. Но, без благодатта од Светиот Дух никој не може да ја разбере таа голема љубов. Светото Писмо зборува за неа, но ниту тоа не може да се разбере со умот, бидејќи во Светото Писмо зборува истиот Тој Свет Дух.
Извадок од книгата: Архимандрит Софрониј, Старец Силуан, Велес 2014, 391-393