Христијаните во светот – III дел

Во секој случај Христијанинот живее во своето време во светот и заедно со други луѓе. Едно е да бидеш социјален човек, друго, пак, да бидеш световен човек. Од едно погрешно разбирање од страна на Коринтјаните, кога им било кажано дека не треба да учествуваат, така да се каже, во световни настани, тие помислиле дека треба да избегаат во планините. Внимавајте, монаштвото е нешто друго. Сега не зборувам за него. Друго е монаштвото, од кое отсуствува не социјалниот, туку само световниот елемент. Тука треба да направиме јасно разграничување помеѓу социјалниот и световниот елемент.

Социјалниот елемент ќе биде „да се радуваш со оние кои се радуваат и да плачеш со оние кои плачат“. Тоа е на пример да појдеш во болница за да посетиш болен. Или да појдеш во домот во кој што страдаат, како што се вели во Еклезијаст.

Тоа се нарекува социјален елемент. Ако пак одиш на игранки и забави и секакви светски пројави, тоа се нарекува световен елемент. Социјалниот човек, значи, не е световен. И уште повеќе, световниот човек не е социјален.

Световниот човек, кој што во животот обиколува по разните световни збиднувања за да се насладува, не оди на местата каде што имаат тага, болка и болест, вели дека е премногу чувствителен, дека срцето не може да му издржи… дека е…! И дури да претпоставиме дека ќе даде некакви пари за бедните, о… тој ќе ги даде само преку таканаречените забави со добротворна цел; Ќе игра за да ги даде своите пари! Но тој не е социјален човек. Тој се лаже себеси ,ако си мисли дека е социјален човек. Тој е едноставно световен човек. Христијанинот локално е во светот, но според своето однесување е надвор од него. Затоа поради таквото несфаќање на Коринтјаните, свети Павле морал да истакне во своето прво Послание: Ви пишав писмото свое да не се мешате со луѓе кои блудствуваат, но не и воопшто со блудниците од овој свет, или со користољупци, или со грабачи, или со идолопоклоници, зашто инаку би требало да излезете од овој свет. Тоа значи: во писмото ви напишав да не се мешате со блудници и неморални луѓе, но тука ги немам во предвид сите блудници по светот воопшто. Зашто ќе треба да појдеме кај месарот, кај бакалот, кај пекарот, а тие можеби си ги изневеруваат своите жени, можеби се расипани, можеби се крадци, може да се грабачи, може да се и идолопоклоници –  тоа не е битно. Ќе појдам кај пекарот за леб и кај бакалот за храна. Но, вели свети апостол Павле, ако не сакате да општите со тие кои се во светот, треба да излезете, би требало да го напуштите светот, да заминете во планината. Тоа воопшто не го мислев. Тоа што го мислам, додава апостол Павле е дека не треба да општите со оној кој се нарекува брат, а има репутација дека е порочен, алчен, или што и да било друго.


Ова тој го кажува за да ги запази своите Христијани, да не се осквернат, т.е. да не бидат повлечени во истите гревови, а истовремено и да му даде пример на оној брат за да го вразуми. Така што можам да живеам во градот во кој што сум се родил, град кој можеби е пагански и отстапил од Бога – не е битно. Тројцата Отроци и Даниил, како можеле да живеат во Вавилон и во дворецот на Навуходоносор? Како можеле Товит и неговото семејство да живеат во грешната Ниневија? И многу други – ќе спомнам само имиња – познати од Светото Писмо. Како живеела Естер, таа јудејска царица, внимавајте царица! – која го имала за сопруг персискиот цар, чиј што дом бил харем? Таа ја сочувала верата на Отците; во нејзина чест во Стариот Завет има и книга наречена Естира.

 
Излегувањето на Христијаните не е според местото, туку според однесувањето (според наравот, начинот на живот). Гледате ли? Гледате дека ние не го напуштаме своето место, туку нешто се случува внатре во нас? Треба да разбереме дека мора да го одвоиме во себе световното мислење, од она христијанското. Тоа се две потполни различни нешта.

(Продолжува…)