Кадијата и отец Василиј

Еднаш, на посета кај отец Василиј (подоцна Старец Јероним Егински) дојде еден Турчин, кој беше испратен од својот кадија (судија) за да го покани во неговиот дом.

Отец Василиј малку се вознемири. Не беше навикнат да оди во посети само заради љубезност, па затоа почна да размислува дека можеби се работи за некое искушение. Но се помоли на Бога и отиде кај кадијата, кој срдечно го пречека во својата гостоприемна соба. Седнаа и кадијата ја започна својата дискусија:

„Ефенди попе, јас сум Турчин, мухамеданец. Но од платата што ја примам задржувам само онолку колку што е најнеопходно за моето семејство, а другото го давам како милостина. Им помагам на вдовиците, сираците и сиромашните, им давам мираз на бедните девојки кога се мажат, им помагам на болните. Строго ги држам постите, се молам и се трудам да сум доследен на верата. Исто така, кога судам се трудам да сум справедлив, не попуштам никому, макар и да е на некоја многу моќна позиција. Ти, пак, што велиш: доволно ли е сето тоа за да го стекнам рајот, како што велите вие, Христијаните?“

Отец Василиј се восхити многу од она што му го кажа Турчинот, така што почна да размислува за ликот и примерот на стотникот Корнилиј (Дела, 1), правејќи споредба помеѓу нивните животи. Сфати дека пред него стои праведен и добронамерен човек и дека можеби и нему му се дава мисија подобна на мисијата на Апостол Петар кон стотникот Корнилиј. Одлучи да ја посведочи христијанската вера.

-Ефенди, имаш ли деца?

-Да, имам.

-А слуги имаш?

-Имам и слуги.

-Кој подобро ги исполнува твоите заповеди, децата или слугите?

-Се разбира слугите, зашто децата честопати не ми се послушни и го прават тоа што го сакаат, додека слугите прават сѐ што ќе им кажам.

-Кажи ми, ефенди, ако умреш, кој ќе те наследи: твоите слуги што верно ги исполнуваат твоите заповеди, или твоите деца, кои не те слушаат?

-Па се разбира, децата, само тие имаат право на наследство, а не слугите.

-Е па добро, ефенди, сѐ што правиш ти е добро. Но сето тоа е доволно само за да бидеш ставен во редот на добрите слуги. Но ако сакаш да го наследиш Рајот, Царството Небесно, треба да станеш син. А тоа е можно само преку Крштението.

Турчинот се восхити од примерот што му го кажа отец Василиј. Зборуваа уште долго време, та на крајот кадијата посака да ги проучи основите на Христијанската вера, а потоа и се крсти.