Еден монах – духовно чедо на Старец Пајсиј, дошол во каливата на Чесниот Крст. Старецот бил во дворот и непрестајно воскликнувал: „Слава Тебе, Боже“. Повторувајќи ги овие зборови, тој се свртел кон своето чедо и му рекол:
– Вака на човек може да му стане незгодно, во добра смисла на зборот.
– На кој човек, Старче?
– Јас мирно си седев во ќелијата, а таа дојде и ми го раздвижи секојдневието. Добро си живеат таму, горе.
– Старче, за што зборувате?
– Ќе ти раскажам, само никому ни збор за тоа.
И старецот го раскажа следното:
„Неодамна излегов од Света Гора во врска со еден проблем на Црквата и повторно се вратив. Во вторникот, некаде околу 10:00 наутро, бев во ќелија и ги читав часовите. Наеднаш слушнав тропање на вратата и женски глас: ’По молитвите на светите отци наши…‘
Од каде на Света гора жена? – Се зачудив јас, но истовремено, почувствував во срцето некаква Божествена сладост. Прашувам:
– Кој е таму? И слушам одговор:
– Ефимија.
– Каква Ефимија? – си помислив – Да не случајно некоја се преоблекла во машко и дошла на Света Гора? Што да правам сега? А таа повторно тропа. Јас одново прашувам: Кој е таму? И таа повторно одговори:
– Ефимија.
Не знаев што да правам и не ја отворав вратата. А кога таа тропна по трет пат, вратата сама се отвори, иако беше затворена однатре со резе. Слушнав чекори во ходникот, излегов и видов пред мене жена завиткана со марама, слична на шал. Покрај неа стоеше еден човек сличен на евангелистот Лука, но наеднаш го снема. Жената зрачеше со светлина и поради тоа бев уверен дека ова видение не е од лукавиот. Сепак, ја прашав:
– Која си ти?
– Маченичка Ефимија – ми одговори таа.
– Ако си ти, – ѝ реков, – маченичката Ефимија, дојди да ѝ се поклониме на Света Троица. Што правам јас, ти повторувај по мене.
Влегов во храмот и направив земен поклон со зборовите: ’Во името на Отецот‘. Таа ги повтори овие зборови и се поклони. ’И Синот‘, – реков јас. ’И Синот‘ – повтори таа со нежен глас. Зборувај погласно, – реков јас, – да те чујам, – и таа ги повтори зборовите погласно.
Стоев во црквата, а таа во ходникот. Поклоните ги правеше не кон храмот, туку кон мојата ќелија. Отпрвин се зачудив, но потоа се сетив дека над влезот од мојата ќелија, стоеше една малечка икона од Света Троица, залепена на штичка. Кога и по третпат се поклонивме со зборовите: ’И Светиот Дух‘, јас реков:
– Сега, јас тебе ќе ти се поклонам.
Се поклонив пред неа, ѝ ги бакнав нозете и челото, Потоа, светата седна на клупата, а јас на сандакот, и таа ми го разреши црковниот проблем што ме мачеше.
Тогаш ми раскажа за својот живот. Јас знаев дека во Црквата постои светителка Ефимија, но не се сеќавав на нејзиното житие. Кога таа ми раскажуваше за нејзините страдања за Христос, јас не само што слушав за нив, туку и како да ги гледав, доживував тие мачења. Ме опфати трепет, ужас! Ах, какви сè маки преживеала!
– Како ги издржа тие маки? – ја прашав јас.
– Да знаев во каква слава пребиваат светиите, ќе направев сè што можев, ќе побарав да бидам ставена на уште поголеми маки, – одговори таа.
После ова три дена не правев ништо, освен што скокав од радост и непрестајно Го славословев Бога. Не можев ни да јадам, ништо, ништо… само славословие – непрестајно“.
Во едно од писмата, Старецот вели:
„Во сиот мој живот јас нема да можам да го отплатам својот голем долг кон светата Ефимија, која иако непозната за мене и без никакви обврски кон мене, ми направи толку голема чест…“
Раскажувајќи за тој настан, Старецот со смирение додаваше:
„Света Ефимија ми се јави, не затоа што бев достоен за тоа, туку затоа што ме мачеше едно прашање поврзано со состојбата на Црквата. А освен тоа, имаше уште две причини“.
Старецот бил трогнат од тоа, што „светата беше толку кревка, слабичка… Како само издржала толку страшни маки? Разбирливо ќе беше да беше крупна, силна жена… А таа, само една душа на неа“.
Во таа состојба на рајска радост, Старецот составил и стихира во чест на света Ефимија (подобна на „Со какви пофални венци…“):
Со какви пофални венци да те прославиме Ефимијо, која одозгора слезе и го посети окајаниот монах, што на Капсала живееше. Трипати на вратата негова тропна, и при четвртиот самата чудесно се отвори, и влегувајќи со небесна слава, Христова маченичке, се поклонивте заедно на Троицата Света.
И егзапостилар (Подобен: „Учениците се собраа“):
Великомаченичке славна Христова Ефимија, те љубам многу – многу, после Светата Панагија…
Секако, Старецот не ги составил овие стихири за литургиско користење. Тој дури не ги ни пеел во присуство на непознати луѓе.
И покрај тоа што немал желба да патува во светот, Старецот бил принуден да го наруши своето правило, и повторно заминал во Суроти. Раскажувајќи им на сестрите таму за она што се случило, тој ги направил сопричеснички на својата небесна радост. Со помош и под раководство на Старецот, сестрите нацртале икона на света Ефимија со онаков изглед со каков што му се јавила.
Самиот Старец, пак, изгравирал своерачно икона на света Ефимија на парче челик и со помош на таа матрица правел дрвени иконки, кои потоа ги раздавал на поклониците во нејзина чест. При гравирањето на матрицата, Старецот никако не можел да ги изгравира прстите од левата рака на Светителката. „Многу ми се смачи постојано да ѝ ја сечам раката, – раскажувал Старецот, – но потоа во работата вложив добра помисла: „Можеби тоа е зашто и јас бедниот ја измачив со своите ’проверки‘“.
Во Минејот, под датумот 27-ми февруари, старецот допишал: „†Света Ефимија!!!!!!“
Јеромонах Исак, Житие на старец Пајсиј Светогорец, Света Гора, 2006. Стр. 220-224.