Колку е посовршена љубовта, толку е посвет животот

Од младоста сакав вака да размислувам: Господ се вознесе на небото и таму нè очекува. Но, за да бидеме со Господа, треба да бидеме слични на Него или да сме како деца – смирени, кротки и да Му служиме. Тогаш ќе се исполнат зборовите Господови: Каде што Сум Јас, таму ќе биде и слугата Мој и ќе бидеме со Него во Царството небесно. Меѓутоа, сега мојата душа е мрачна и не можам да се издигнам со чиста молитва кон Бога, немајќи солзи во себе со кои би ги оплакувал своите лоши дела. Пресуши душата моја и изнемошти од нечесниот живот…

Вознесение Господово

О, како би ја запеал онаа песна, која од младоста толку ја засакав, за тоа како Господ се вознесе на небото и колку нас многу нè љуби и желно нè очекува. Таа песна со солзи би ја слушал, бидејќи е тажна душата моја на земјата.

Што се случи со мене? Како ја изгубив радоста и дали повторно ќе ја добијам?

Плачете со мене сите ѕверови и птици, шуми и пустини. Плачете со мене сите созданија Божји и утешете ја мојата болка и тага.

Еве на што мисли мојата душа: Колку голема беше тагата на Мајката Божја кога остана на земјата по вознесението Господово, кога јас кој толку малку Го љубам Господа, а сепак силно копнее душата моја за Него?

Таа никаде не ја забележала тагата на својата душа и ние многу малку знаеме за Нејзиниот живот на земјата, но знаеме дека совршенството на нејзината љубов кон Синот и Бог не можеме да ја разбереме.

Срцето на Мајката Божја, нејзините мисли, целата нејзина душа, беа обземени со Господа. Меѓутоа, нејзе и беше дарувано уште нешто: таа ги љубеше луѓето и равносно се молеше за нив, за нови христијани, за Господ да ги укрепи. Таа се молеше за целиот свет, сите да се спасат. Во таа молитва Богородица наоѓаше радост и утеха тука на земјата.

Ние не можеме да го достигнеме совршенството на Мајката Божја, но го знаеме следново:

Колку што е љубовта поголема, толку е поголемо страдањето на душата.

Колку е потполна љубовта, толку е потполно сознанието.

Колку е поревносна љубовта, толку е поревносна молитвата.

Колку е посовршена љубовта, толку е посвет животот.

Никој од нас не може да ја достигне полнотата на љубовта на Мајката Божја. Нам ни е потребно Адамовото покајание. Но сепак, со помош на Светиот Дух Кој во Црквата нè поучува и ние делумно ја разбираме таа љубов.

Зар не гореа срцата наши (Лука 24,32), велеа апостолите, кога им се приближил Христос. Така душата Го спознава својот Господ и Го љуби, а сладоста на Неговата љубов е неискажлива.

На небесата сите имаат една љубов, а на земјата едни многу го љубат Господа, други – помалку, а трети воопшто не Го љубат.

Душата која е исполнета со љубов Божја, заборава и на небото и на земјата. Духот гори и невидливо Го согледува Саканиот и душата пролева умилни солзи и не може да Го заборави Господа ниту за момент, бидејќи благодатта Божја дава сила да Го љубиме Возљубениот.

O, во каква слава е Господ и со какви песни се велича на небесата и колку се слатки тие песни кои се излеваат од љубовта Божја.

Кој е достоен да ги слушне тие песни кои се пеат од Светиот Дух и со кои се прославува Господ заради Своите страдања и каква ќе биде радоста од слушањето на тие песни?

На земјата душата едвај да почувствува малку љубов Божја, а веќе од сладоста на Светиот Дух е во занес кон возљубениот Бог и Отец небесен.

Драги браќа, да се смириме за да се удостоиме со љубов Божја, за да нè украси Господ со Својата кротост и смирение, за да се удостоиме за небесниот дом што Господ Го подготвил за нас.


Извадок од книгата: Архимандрит Софрониј, Старец Силуан, Велес 2014, 389-391