Мир на тебе…!
Пишуваш еднакво за своите маки и жалости, сегашните и идните. Што да кажам на тоа? Одговор дава Светото Евангелие. Богочовекот својот жалосен земен живот го завршил на Крстот по сите подбивања и удирања. Благоразумниот разбојник, по лежењето во затвор, го завршил животот на крст. Другиот, пропаднатиот (непокајан) разбојник, преку истото тоа мачење на крст преминал во вечна мака… Ова е слика за целиот човечки род. Во духовниот свет постојат посебни духовни закони како што постојат посебни (природни) закони и во видливиот свет. Основниот закон е: „Потребни се многу маки за да се влезе во Божјото Царство“. „Ако сака некој да оди по Мене, нека се одрече од себе и нека врви по Мене!“ вели Господ. Слушаш ли? Кој сака – следејќи го Христа – да го достигне Божјото Царство, должен е, низ големи и долготрајни маки, да ги загуши во себе сите грди груби манифестирања на „стариот човек“ и да трпи секакви жалости и болести.
Бесконечната Божја Премудрост на секој човек му праќа, поради негово исцеление, очистување и спасение, крст во склад со неговиот карактер, својства и сили. Ако ние без негодување го носиме својот крст, се каеме поради своите гревови и не се оправдуваме себеси, тогаш ќе влеземе како благоразумниот разбојник во Божјото Царство.
Ако негодуваме и хулиме на луѓето и на Бога, ќе загинеме во големи маки, без надежта за спасение, која ја олеснува жалоста, и ќе загинеме заедно со злобниот разбојник. Изборот е во нашите раце. И ние треба да бидеме благоразумни. Крстот е за сите неизбежен. Ќе си олесниме со вера во Господа, со борба против гревот, со покајание, простувајќи им на сите ближни, без негодување поднесувајќи ги жалостите и маките, и со молитва кон Господа. Љубовта Божја сака да се спасиме и не допушта да нè снајдат маки кои ги надминуваат нашите сили. Маките и жалостите се неопходни, но човекот може да ја види нивната неопходност по очистување со покајание и воздржување од гревот и читање на Светото Писмо.
Прости ми. Господ нека те утврди, благослови и заштити од секое зло.
Извадок од книгата: Игумен Никон Воробјов, Со трпение спасувајте ги своите души, Скопје 2011, стр. 60