За бракот

Сврзани со врските на бракот, ние взаемно си служиме еден на друг и со рацете, и со слухот, и со нозете. Бракот го прави и немоќниот двојно посилен, им носи голема радост на добронамерните и тага на недобронамерните. Заедничките грижи на сопружниците им ги ублажуваат маките и заедничките радости за нив се попрекрасни. За еднодушните сопружници и богатството станува попријатно, а при немаштија самата еднодушност е попријатна од богатството. Сопружничките окови им се катанец за целомудрието и желбите, како печат на неопходната приврзаност. Единствено кротката кошута (Изрек. 5, 19) им го грее духот со своите потскокнувања, така што пијат едно питие од изворот домашен, од кое надворешните не вкусуваат, кое не истекува никаде и од никаде притоки не добива.

Сочинувајќи една плот тие имаат и една душа, и преку взаемната љубов подеднакво еден кај друг поттикнуваат усрдност кон благочестието. Зашто бракот не оддалечува од Бога, туку напротив, повеќе приврзува кон Него, бидејќи има повеќе побуди. Како што малиот кораб и при слаб ветер се движи напред, оди брзо по водите поради високо подигнатите платна, дури и рацете без усилби со ударите на веслата брзо го движат, за разлика од големиот кораб што лесен ветрец не ќе го помрдне од местото, туку напротив, кога тој натоварен ќе влезе во морето, само силен и опитен ветар може да го придвижи, така и оние што не стапиле во брак, како необременети од животните грижи имаат помала потреба за помош од Великиот Бог. А оној кој е должен да се грижи за својата возљубена сопруга, имотот и децата, и кој го врви безграничното животно море, има потреба од поголема помош од Бога и од своја страна исто така повеќе Го љуби Бога.

Ете ги плодовите на бракот! А животот без љубов е нецелосен, суров, безначаен, бездомен и обично скита по пусти места; не спасува од страданија, нема на кого да ја потпре изнемоштената старост, не прави родителите да оживеат во своите деца, не го поткрепува животот со пријатни врски. Неврзаните со брачни врски не наоѓаат утеха ниту во народните собири, ниту на прославите, туку се мрачни и туѓи на светот; иако родени за живот, не ја сакаат самата суштина на животот и во срцето немаат еднодушност со луѓето.

А доколку некој од усрдност кон добродетелта ја презре сопружничката љубов, нека знае дека добродетелта не е туѓа на таа љубов. Во древноста бракот бил почитуван не само од благочестивите, туку и од тајновидците на Христовите страданија, и пророците, и патријарсите, ерарсите, и победоносните цареви украсени со секакви добродетели биле плод на сопружничката љубов. Зашто добродетелните биле родени не од земјата, како што се вели за импозантното племе на џиновите, туку сите тие се и рожби, и слава на бракот…