Старецот Пајсиј нагласуваше дека нашите дела имаат вредност само ако се направени од љубов кон доброто. Секогаш нè поттикнуваше да се подвизуваме без да бараме лична полза и не со егоистична цел. Дури и нашата вера во Бога мора да произлегува од чиста љубов кон доброто. Обично ни велеше:
Нема достоинство оној човек, кој бара чудо за да поверува во Бога. Доколку посака, Бог, само со едно натприродно чудесно јавување, видливо за целиот свет, може да направи сите луѓе веднаш да поверуваат во Него. Меѓутоа, Он не го прави тоа, зашто не сака да врши насилство над човековата слободна волја – тогаш човекот не би верувал во Бога од љубов или благодарност заради Божјата крајна добрина, туку, поради Неговата натприродна сила и моќ.
На Бога му е најугодно и најмногу вреди, кога Го сакаме поради Неговата добрина.
Христос се воплотил и бил исмеван, камшикуван и распнат поради Својата безгранична љубов кон човечкиот род. Он и Својата крв ја пролеал заради нас. Сите тие факти секому јасно покажуваат дека Он е вистинска љубов. Поттикнати од вистината дека „Бог е љубов“ (1. Јов. 4, 8) треба за возврат и ние Него да Го сакаме, да веруваме дека Он е наш Бог и „дека надвор од Него не знаеме за никакво друго добро“.
Доколку некој, гледајќи ја Христовата љубов и жртва, не верува дека Он е наш Бог и бара чуда за да поверува, тој никогаш не ќе може ниту навистина да Го засака, ниту вистински да поверува во Него.
Отец Пајсиј ми раскажа еден настан од своето детство:
„Кога бев дете и кога мојата душа беше сè уште чиста, многу Го сакав Христа. Обично шетав низ шумата носејќи дрвен крст во рацете, пеев, се молев посакувајќи да станам монах.
Родителите ми велеа дека првин морам да пораснам, па дури тогаш да одлучам да одам во манастир. Еден ден, додека, како обично што се шетав низ шумата, сретнав еден човек од нашето село. Кога виде дека носам крст, ме запраша:
– Крстот на нашиот Христос, – одговорив.
Бидејќи во главата немаше ниту една позитивна мисла, ми рече:
– Арсениј, ти си будала. Па зарем веруваш во тоа? Бог не постои. Тие побожни приказни ги измислиле поповите. Ние сме настанале од мајмун. Христос бил обичен човек како и сите ние.
Кога заврши, стана и си отиде. Неговите искривени помисли ја исполнија мојата детска душа со мрачни облаци. Останувајќи сам во шумата, почнав да помислувам дека Христос можеби и не постои. Тогаш, бидејќи се чувствував збунето и очајно, Го молев Христа да ми даде некој знак дека постои, за да поверувам во Него. Меѓутоа, Он не ми одговори.
Се почувствував исцрпен и легнав на земјата да се одморам. Одеднаш, во мојата невина душа се појави една добра мисла, исполнета со љубов и благодарност:
„Зарем Христос не е нај добриот човек кој некогаш живеел иа земјата? Никој никогаш не открил никакво зло во Него. Не ме интересира дали Он е Бог или не. Бидејќи Он е најдобриот човек кој некогаш живеел на земјата и јас не познавам подобар од Него, ќе се обидам да Го подражавам и да го следам она што Он го кажал во Евангелието. Бидејќи Он е толку добар, јас и својот живот ќе го положам за Него, ако биде потребно“.
Помислите на неверие исчезнаа и мојата душа се исполни со неизмерна радост. Силата на тие добри помисли го растераа сомнежот. Кога почнав така да верувам во Христа и одлучив да Го засакам со целото срце, се случи чудо од небесата и го потврди она што беше одговор на мојата благодарна мисла.
Тогаш си реков: „Повеќе не сакам некој да ми кажува дека Христос не постои!“
Бидејќи расказот на старецот за помислата со љубов и благодарност не ми беше доволна, јас, обземен од љубопитност го замолив да ми раскаже повеќе за чудото што се случило во шумата.
Отец Пајсиј се најде во непријатна ситуација и ми рече дека не може да ми зборува за тоа. На тој начин ми укажа, дека ни јас не треба да барам чуда, туку да бидам задоволен од чувството на некористољубива љубов и благодарност, зашто тоа е клучот што ги отвора вратите за секое добро.
Подоцна отец Пајсиј ми рече дека тогаш Го видел Господа.
А другото е користољубив поредок и произлегува од односот: „Што ќе ми дадеш ако го направам тоа и тоа?“ или, пак, „ќе направам така ако ми го дадеш ова и ова!“
Извадок од книгата: Јеромонах Христодулос, Велес 2009, Старец Пајсиј Светогорец, pp. 53-55