Книга над книгите

Си бил во Индија некој цар кој сакал да се прослави како голем мудрец и вљубеник во книгите, па на многу од своите чиновници им дал обврска да му набават што повеќе книги за неговата библиотека. Чиновниците се потрудиле и за неколку години набавиле голем број книги, кои исполниле повеќе големи одаи во царската палата. На почетокот царот настојувал да ја прочита секоја нова книга, но набргу тоа станало невозможно, бидејќи новите книги биле набавувани побрзо отколку што тој стигнувал да ги прочита претходните. Освен тоа, изгубил и волја да ги чита. бидејќи во прочитаните наоѓал дека писателите за една и иста работа не само што меѓусебно не се сложуваат, туку и директно се побиваат: еден за една работа тврди дека е вистина, друг вели дека е тоа лага. Па тогаш каде е вистината? се прашувал царот. Затоа тој престанал и да чита и да набавува нови книги. Бидејќи бил при крајот на животот и имал малку време за читање, тој побарал од управителот на својата библиотека, од сите насобрани книги, да му најде една која би можела да ја содржи во себе сета мудрост на останатите книги, па да ја прочита само неа, да не се мачи со останатите книги. На тоа управникот на библиотеката му одговорил дека таква книга не постои. Но во тој час во царскиот двор дошол христијански мисионер, кој слушнал за големата љубов на царот кон книгите, па дошол да му понуди на царот една ретка книга, каква што тој досега ниту видел ниту набавил.

Царот го одбил со образложение дека тој во својата библиотека има толку книги, што ни за три животи не би можел да ги прочита. Бидејќи му останало уште малку од животот, тој би можел да прочита само една, во која би била собрана целата мудрост на светот. Меѓутоа таква книга немало во неговата голема библиотека.

– Царе, токму таква книга јас ти носам и ти нудам, извикал радосно мисионерот. Тоа е книгата на книгите. Тоа е Радосната вест од небото на земјата. Во неа се содржи сета мудрост која му е потребна на човекот за среќен живот, не само во овој, туку и во оној свет. Во неа Бог им ја открил на луѓето Вистината, по која тие со векови попусто трагале и им го покажал патот на спасението, по кој толку многу копнееле.

Откако го слушнал тоа, царот се согласил и го купил Евангелието од мисионерот. Кога го прочитал рекол дека тоа е навистина Книга над книгите, дека таа вреди повеќе отколку целата негова библиотека.