Луѓето секогаш ќе зборуваат

Остави ги луѓето да зборуваат – тие секогаш ќе зборуваат и коментираат. Не живееме за да стекнеме добро име. Христос беше распнат како разбојник. Од Безгрешниот се возмутуваа, па зарем нема да бидат возмутени и од нас? Тие говореа против Христа и Пресвета Богородица, па зарем нема да говорат против тебе?


Прашањето не е што мисли светот за тебе. Ти гледај да бидеш ‘’вистинит’’ во животот, да имаш чиста совест дека не си погрешил, не си повредил, не си осудил, не си мразел, не си изневерувал, не си клеветел, не си се одмаздувал , не си понижувал, не си се исмевал, не си злоупотребувал (а ако си го направил сето ова, си плачел и си се покајал ); си понудил поткрепа, си излегол од својата удобност заради другиот, слушаше, прегрна, прости, услужи, жртвуваше, љубеше.
Светот нека зборува. Ти сакај ги луѓето дури и ако тие (т.е. светот) сакаат да зборуваат за тебе. Луѓето секогаш судат строго, не затоа што се праведни, а ти си грешен,но затоа што светот секогаш бара жртва, секогаш бара луѓе за да ги обвини за да го задоволи својот беден егоцентризам. И тоа е веројатно најголемата болест, најголемиот духовен рак во целиот свет.


Оној што се занимава со животите на другите покажува дека нема сила, храброст и мажевност да се справи со своите грешки, рани и темнини. Затоа тој постојано бара нови жртви за да ги коментира и осуди,мамејќи го на тој начин сопственото ‘’кукавичкото јас’’, дека наводно е подобар од другите, дека е „посвет“ од нив, повеќе морален и подостоен. Затоа и се меша во животот на другите, бидејќи неговиот живот е исполнет со здодевност и беда, со комплекси и несигурност. Но,ти не паѓај на оваа стапица. Не подражавај нешто толку деструктивно. Погледни на својот живот со искреност и интегритет. Види кој си без да се обидуваш да се скриеш зад туѓите грешки, зад животот на познатите и непознатите. Не паѓај во замката да го губиш времето анализирајќи ги животите на другите луѓе.Ти си одговорен за соствениот живот, ќе бидеш среќен, ако го поправиш сопствениот живот, ќе имаш мир ако прифатиш кој си за другите,и кои се другите за тебе. Луѓето секогаш со леснотија ќе зборуваат но ти со леснотија молчи, проштевај и љуби. Не зборувај но живеј. Живеј го овој Божји дар, живеј го со дух на благодарност, полн со љубов кон животот. Ништо помалку од тоа.

Оние што коментираат толку лесно со злоба и страст се претежно луѓе кои се декларирале како судии на Универзумот, наоѓајќи смисла не во животот, туку во смртта, наоѓајќи радост не во љубовта, туку во зависта. Ако знаеш кој си, тогаш никакви зборови не можат да влијаат врз тебе. Што и да каже другиот, нема да влезе во твоето срце; затоа што знаеш кој си,си ја видел најпрво својата темнина, но и светлината што ја имаш во себе. Не се плашиш од сопственото јас, си го запознал. Затоа е важно да научиш кој си и да го прифатиш она кое што си. Ова е претпазливост. Да ги знаеш своите добри и лоши страни. Тогаш, човечките зборови нема да влијаат врз тебе.

Ако познаваш личност која е опседната со животите на другите и е склона кон љубопитност, осуда, клевета и гнев, која лесно озборува и ги понижува животите на луѓето, одалечи се подалеку од него и моли се за него бидејќи тој е лукав, а не Божји човек.