Еднаш рано наутро, ме посети еден младич чукајќи по железната рачка на портата. Фрлив едно око да видам кој е, бидејќи не беше време да отворам. Кога видов еден младич со светол лик, сфатив дека има духовни интереси и прекинав со работата со којашто бев зафатен.
Му понудив водичка и дискретно го прашав за да научам нешто за неговиот живот, бидејќи имаше духовна содржина, и момчето едноставно ми го отвори своето срце.
– Јас, оче мој, повеќето од годините на мојот живот ги поминав во затвори, сега сум 26 години.
–Го прашувам: – Добро, а што толку направи младичу?
И започна да ми објаснува:
– Уште кога бев мал, болував кога гледав несреќни луѓе и ги познавав сите кои се тие, не само од мојата парохија, но и од други парохии. Свештеникот на нашата парохија, бидејќи постојано собираше пари и градеше зданија, сали, сиромашните семејства беа сосема заборавени. Јас не судам дали биле неопходни работите што ги прави или не, но забележував дека многумина се многу несреќни.
– Значи, скришно одев и крадев пари од црквата, купував јадење и скришно го оставав пред домовите на сиромашните луѓе, а веднаш потоа одев во полиција и им кажував дека јас ги украдов парите од црквата, случајно да не би фатиле некој неправедно, без да им кажам ништо друго.
– Потоа ме тепаа и пцуеја. (скитнику, крадецу, итн.). Јас молчев и ме затвораа во затвор. Ова со години се повторуваше.
– Целиот град а и во други градови ме имаа научено и ме нарекуваа постојано „скитник и крадец“; јас молчев и се чувствував добро. Еднаш лежев цели три години во затвор. Другпат, ме затвараа и кога ќе го фатеа виновникот, ме пуштаа. Така ги поминав сите овие години, затоа ти реков оче мој, дека повеќето од годините на мојот живот ги поминав по затвори.
Штом го ислушав со внимание му реков да не го повторува ова што го прави, без разлика колку добро и да изгледа. Да оди во друг непознат град да најде работа – бидејќи имаше познавање и од водоводџиски работи – за да помага колку може и од неговиот недостиг, бидејќи таквата помош има поголема вредност. И кога некој нема ништо што би му дал на еден сиромав, а болува неговото срце, тогаш тој прави поголема милостина, бидејќи прави милостиња со крвта на срцето, бидејќи ако имаше нешто и даваше, ќе чувствуваше и радост, додека пак кога нема што да даде, чувствува болка во срцето.
Тогаш си замина радосен и ми вети дека ќе го послуша мојот совет.
Оттогаш поминаа седум месеци и еве го ми пишува од затворите на Коридало. Бев зачуден. Го отворам и читам писмото во кое ми го говореше следното:
„Секако, оче мој, ќе бидеш во недоумение, како после толку твои совети, и после ветувањата кои што ти ги дадов, пак ти пишувам од затвор. Да знаеш дека овој пат служам една казна која што веќе ја имав отслужено. Дојде до некаква грешка. Слава на Бога што не постои човечка правда и на тој начин духовните луѓе не ја губат небесната плата“.
Кога ги прочитав овие нешта се восхитив на младичот колку ревносно и топло го примил духовниот живот и како толку длабоко ја усвоил најдлабоката смисла на животот!
Потоа си велам во помислите:
„Големите крадци многупати не ги затвораат ниту еднаш во затвор. Додека овој сиромашкиот двапати за истата казна“!
Извадок од книгата на Св. Пајсиј Светогорец “Ωφέλιμες διηγήσεις” Издание на свештената обител на Св. Иларион, Промахи Аридеја