Молитвата  – еден од начините за покајание

Молитвата е едно од возвишените расположенија, кои ги преживува душата. Во време на молитва душата се вознесува кон небесните висини, обземена од сладоста на таа блискост, која се востановува помеѓу неа и Бог. Таквата душа заборава сè што е земно, суетно, сè што ја влече кон земјата и гревот. Со молитва и преку молитвата човекот ја добива онаа чистота на духот и срцето, која му подготвува блаженство. Поради тоа, молитвата зазема прво место во религиозниот живот на човекот. Молитвата е душа на верата. Ако престанеме да се молиме, што ќе остане од верата? „Во тешките моменти на животот“, – вели Лермонтов, „кога срцето е притиснато од тага, една чудна молитва ме избавува од лошата состојба и како чудо, од душата се симнува тежок товар; измачувачкото сомневање, кое до тоа време го глодеше сознанието и ја измачуваше совеста, одлетува некаде далеку. Човекот е подготвен да верува. Не! Тој верува, подготвен е да заплаче, исполнет од радоста на едно чудно расположение – а, на душата ѝ е неискажливо лесно“.

Молитвата е најудобниот начин за покајание. Тука не се бара плач, солзи, признавање на гревот пред луѓето, ниту пак правење милостина. Потребно е само едно: да се молиме Бог да ни ги прости гревовите. Нема полесен и поубав начин од тоа за грешната душа!

Да се молиме на Бога. Моли се секоја минута и секој час – не биди мрзлив. Бог нема да се одврати од тебе, Он ќе ја чуе твојата молитва. И, кога ќе дознаеш дека Бог ја слушнал твојата молитва, ти повторно моли се.

„Молитвата може да се нарече жила, нерв на душата. Телото се држи од жилите. Со нивна помош телото се движи, стои исправено, стегнато и стројно, но ако ги пресечеме жилите, сета хармонија на телото се разрушува. Така и душата, со посредство на молитвата се држи во усогласеност, хармонија и стројност. Со посредство на молитва, многу лесно се извршува подвигот на благочестието. Но, ако ја лишуваш душата од молитвата, ќе бидеш исто што и рибата лишена од водата. Рибата живее во водата, а душата со молитвата. Со молитвата се добива простување на гревовите. Затоа, во Господовата молитва е кажано: И прости ни ги долговите наши, како што им ги простуваме и ние на нашите должници“.

Свети Јован Златоуст

Во историјата на човечкиот живот има многу примери, од кои се гледа, дека преку топлата молитва на мајката се спасуваат чедата. Света Моника, мајката на блажениот Августин, постојано се молела на Бога да го вразуми нејзиниот син, да му ги прости гревовите, да го поврати во мајчината прегратка и да го спаси од калта на расипништвото во кое потонал. Долги години се молела светата мајка. Нејзината топла, полна со вера молитва ѝ била најсилната утеха во несреќата. Мајчината молитва ги искупува гревовите на развратниот син. Овој син не само што се преродува, не само што се оттргнува од гревовите на својата младост, туку станува и еден од најбележитите умови на човештвото и еден од великите Отци на христијанската црква. Искупен и спасен преку молитвата на мајка си, блажени Августин на молитвата ѝ одделува посебно место во животот на човекот, како средство, преку кое Бог ги простува гревовите на човекот.

И така, од кажаното до тука станува јасно, што е покајание и на колку начини можеме да се покаеме. Првиот начин е да ги осознаеме и исповедаме гревовите, вториот начин е да плачеме за своите гревови, третиот – смирението, четвртиот – милостината, петтиот – молитвата. Секој христијанин треба да си одбере еден од тие начини за да се покае. Горделивиот да се покае преку смирението, мрзливиот кон молитвата – преку молитвата; среброљупците – преку милостината; жестоките по срце – преку исповедање на своите гревови. Но, најспасително ќе биде, ако ги користиме сите тие начини, имено кога устата се моли, очите нека плачат, рацете нека даваат милостина, срцето нека се смири, а душата да ги исповеда гревовите. Ако не се покаеме, следствено се знае, што ќе биде: ќе загинеме. Ако не се покаете, се вели во евангелието од Лука, сите така ќе изгинете (Лука 13,3).

Сега е време за покајание и духовно исправување. Амин.



Извадок од книгата: Пејач на покајанието