Нашата борба

Духовната борба, за разлика од обичната војна, е борба против духовните поднебесни сили, т.е. против злото внатре во нас и против злото во светот, против нашето несовршенство, против гревот во сите негови појави, против гревовните искушенија и соблазни. Духовната борба е многу пострашна и пожестока од обичната. При обична борба ние се бориме со видлив непријател, којшто ни нанесува повреди на телото и предизвикува телесна смрт, а при духовната ние се бориме со нашиот исконски невидлив непријател – лукавиот, којшто ни нанесува повреди на душата со крајна цел да ја погуби. И токму поради тоа што е невидлив, тој е поопасен, бидејќи напаѓа со лукавство и измама. Тој е опитен во духовната стратегија, знае која точка ни е најслаба и упорно удира по неа. Тој и дење и ноќе, постојано жестоко војува со нас. Во борбата против нас, ѓаволот, иако е невидлив, зема најразлични форми и односи – нѐ застрашува со одвратни гревовни претстави и осквернувачки мисли, прелестни мисли и суетни желби. Секоја нечиста мисла, секое чувство на злоба, одмазда, омраза, лага, клевета, гордост и непријателство доаѓа од него. Непријателската демонска сила, која војува против нас, не е илузија, туку плод на самоизмама. Тоа е сосема очигледна реалност и тоа најдобро го знаат оние кои се соочувале со неа.

Силен е ѓаволот, но не е непобедлив. Страшна и жестока е борбата со него, но не е несовладлива. Зашто верен е Бог, Кој нема да позволи да бидете искушувани повеќе од силата ваша, и заедно со искушението ќе ви даде излез, за да можете да трпите (1.Кор. 10,13). Во таа жестока борба нашите слаби човечки сили се крепат од сесилната Божја благодат. Во тоа нѐ уверува еден од најголемите херои во духовната борба – светиот апостол Павле, кој сам, можеби како никој друг од луѓето, ги испитал пристапите на лукавиот и силата на Божјата благодат. Сè можам – вели тој – преку Исуса Христа, Кој ме крепи (Фил. 4,13), и Со благодатта на Бога сум тоа што сум (1.Кор. 15,10). А кога во најтешките пристапи на ангелот сатанин тој, во последното изнемоштување, три пати Го моли Господа да го отстрани од него, а Бог му вели: Доста ти е Мојата благодат, бидејќи Мојата сила наполно се покажува во слабоста (2.Кор. 12,9).

Божјата благодат е нашето прво оружје во духовната борба. Но, бидејќи Божјата благодат се дава на смирените (Јак. 4,6; Изрек. 3,34), првиот услов, кој треба да го исполниме за да ја добиеме Божјата благодат, а со тоа да се јавиме како победници во духовната одбрана, е да имаме смирение. Победува, следствено, оној кој е силен со Бога. Победи малото момче Давид и го порази Голијат, зашто излезе против него во името Божјо и со силата Божја (1.Цар. 17,45,50). Затоа и светиот апостол Павле ни вели: Браќа, потсилувајте се во Господа и во силата на неговата моќ! Облечете се во сето оружје Божјо, за да се одржите против ѓаволското лукавство (Ефес. 6,10-11). Апостолот ни говори да се вооружиме со Божјото оружје, бидејќи нашата борба не е против крв и плот, т.е. против луѓе, туку против поднебесните сили на злобата, и оттука оружјата на таа одбрана се духовни. А оружјата за кои ни говори светиот апостол Павле се: вистината, правдата, благовестието на светот, верата, словото Божјо, молитвата и постот, разбран во неговата вистинска и возвишена смисла.


Вистината – таа е непобедлива сила (2. Ездра 4,38-40). Затоа и светиот апостол Павле вели: Ние (христијаните) сме силни не против вистината, туку за вистината (2.Кор. 13,8). Нашиот непријател – ѓаволот – е татко на лагата и не стои во вистината (Јован 8,44). Ние проповедаме вистина и во нашата борба се бориме за вистината и победуваме со вистината.

Правдата – и правдата, како и вистината, е непобедлива. Порано или подоцна таа секогаш победува. Доказ за тоа имаме од фактот на Христовото несправедливо осудување и од Неговото Воскресение.

Мирот – благовестието на мирот е исто така моќно оружје во нашата борба за мир. Борбата за мир е една од формите на нашата борба против злото во светот, т.е. едно од оружјата на нашата духовна одбрана. Во таа колосална борба денес треба да се вклучи секој христијанин. Секогаш, но особено во денови кога мирот е загрозен, борбата за мир е нашата врховна наредба. Најпрво треба да го придобиеме внатрешниот благодатен Христов мир (Јован 14,27) – мир во нашите души, и тој мир потоа ќе се изрази во надворешни благодатни појави како: мир во семејството, мир во општеството, мир меѓу народот и мир меѓу народите. Свети Серафим Саровски нѐ советува: „Утврди мирен дух во себе и илјадници околу тебе ќе се спасат“.

Верата – зарем има помоќно оружје во нашата духовна борба од верата? Преку верата многумина победија царства, вршеа правда, од немоќни станаа крепки (Евр. 11,33-34). Ако верата има таква сила, ќе може и планини да преместува (Мат. 17,20; Map. 11,23; 1.Кор. 13,2); преку верата ќе можеме и ние да победуваме во нашата духовна одбрана.

Словото Божјо – тоа, според зборовите на светиот апостол Павле, е живо и дејствува и е поостро од секаков меч со две острици; и навлегува до разделување на душата и духот, до зглобовите и мозокот, и ги проценува мислите и намерите на срцето (Евр. 4,12). Словото, поради неговата сила да убедува, се користи како моќно средство во пропагирањето на една идеја и во агитирачките борби. Божјото слово е многу помоќно од секое човечко слово зашто е Божјо, зашто е слово на вистината. А вистината е непобедлива.

Молитвата – нејзината победничка сила е позната уште од Стариот завет. Да се присетиме само на војувањето помеѓу амаликијците и израилците во Рафидин: Мојсеј, пак, му рече на Исус: избери си луѓе силни, па излези и бори се утре против Амаликијците; а јас ќе застанам на врвот од гората и стапот Божји ќе ми биде в рака. И направи Исус, како што му рече Мојсеј, и излезе против Амаликијците; А Мојсеј, Арон и Ор се искачија на врвот од гората. И кога Мојсеј ги креваше рацете угоре – надвладуваа Израилците, а кога ги спушташе рацете надвладуваа Амаликијците. Но рацете на Мојсеј му отежнаа; затоа зедоа камен и го ставија под него, па седна на него: а Арон и Ор му ги потпираа рацете: еден од една страна, а другиот – од другата. Така стоеја рацете Мојсееви кренати до зајдисонце. И го победи Исус Амалика и неговиот народ со остар меч (2.Мој. 17,9-13). За силата на молитвата светиот апостол Јаков вели: Голема сила има усрдната молитва на праведникот (Јак. 5,16). Молитвата, особено Исусовата молитва, – била моќно оружје на православните свети отци и подвижници во нивната духовна одбрана.

Постот – и тој, исто така е проверено оружје во духовната борба. Преку постот најлесно се победуваат демоните. Зошто апостолите не можеа да го изгонат бесот од момчето? – поради слабата вера на апостолите! Но не само поради тоа. Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост (Мат. 17,21). Постот не е само воздржување од храна и пиење, но пред сè богомислие, духовна трезвеност, бодрење, стоење на „пост“ т.е. – стоење на духовна стража. Многу битки биле загубени, кога војската ненадејно напаѓала во ноќта, кога војниците спиеле. Затоа и Господ ни вели да бидеме секогаш духовно будни и светилниците да ни бидат запалени (Лука 12,35), зашто не го знаеме ни денот, ни часот, кога ќе бидеме нападнати или кога Синот Човечки ќе дојде (Мат. 25,13).

Вистинскиот пост ни помага и во борбата против лошите и нечисти мисли. Борбата против нечистите мисли е една од најкарактерните и најчестите појави на духовната одбрана. Зашто гревот прво се зачнува како мисла, потоа се пројавува како желба, а на крај се реализира и како дело. Лошите и гревовни мисли постојано не напаѓаат, но од нас зависи дали со нив ќе бидеме гостопримливи, или ќе ги прогониме уште во самиот почеток. Еден благочестив христијанин бил често пати вознемируван од нечисти мисли. Тој го помолил московскиот митрополит Филарет да го прими, за да се исповеда и да добие соодветен совет. Митрополитот ветил дека ќе го прими тој христијанин, кој бил угледен чиновник, и му определил ден и час. Во одреденото време чиновникот дошол. Митрополитот бил проѕорлив и однапред ја знаел намерата на својот посетител. Тој му порачал на прислужникот да му каже на посетителот: „Владиката денес е зафатен и нема да може да ве прими. Дојдете утре во истото време“. Другиот ден христијанинот пак дошол, но прислужникот пак му го кажал истото. Тоа се повторило неколку пати. Тогаш чиновникот длабоко огорчен, влегол кај владиката и го изразил своето огорчување од ваквиот однос. Митрополитот кротко му кажал: „Јас веќе Ви дадов одговор на прашањето, кое ве измачуваше. Се мачевте од нечисти мисли, кои често ве вознемируваат. Нели? Тогаш правете и вие така, како што постапив јас со Вас – Ви дојде ли некоја нечиста мисла, кажете: Сега сум зафатен. Дојди утре!“ Христијанинот останал збунет од прозорливоста на митрополитот Филарет, смирено му ја целивал раката, заблагодарил и заминал задоволен.

Кога го имаме предвид големото значење на Божјата помош, на постот и молитвата во таа духовна борба, да Го молиме Бога да ни даде сила, та да можеме со неговата благодатна помош да се подвизуваме во добар подвиг, за да го завршиме благопријатно текот на постот, верата да ја запазиме, главите на невидливите змии да ги згазиме, победници на гревот да се покажеме, та неосудени да стигнеме и да се поклониме на светото Воскресение. Амин!


Извадок од книгата: Пејач на покајанието