Молитвата како милостина (прв дел)

Никој да не помисли дека може да живее живот без да наиде на тешкотии. Какви и да сме, свети или грешни, ќе се соочиме со тешкотии. Таква е природата на нашиот живот. Тешкотиите ни се дадени, и секако, Бог не е виновен за нив, ниту, пак, Он ги испраќа за да нѐ искушува, како што многумина наивно велат: „Бог ни испраќа искушенија и тешкотии, за да нè испита.“

Како Бог да не знае какви сме, па сака малку да нè „провери“ за да дознае. Бог не нè искушува во таа смисла, и кога велиме „имам искушение“, тоа значи дека станувам подобар. Искушението ме прави подобар; „искушан“ значи „испитан“.

Природата на нашиот живот е таква затоа што, по падот на човекот во грев, во него навлегле болеста, страдањето и смртта. Самата смрт е нешто ужасно за човекот. Таа ни е одбивна, бидејќи не е во нашата природа. Ние не сме создадени за да умираме и не ја сакаме смртта, но таа постои и ќе постои сè додека, при Своето Второ доаѓање, во последниот ден, Бог целосно не ја уништи. Дотогаш сите сме, без исклучок, подложни на пропаѓање и смрт.

Времето што ни истекува секој ден, секој миг – што е тоа, ако не смрт? Кога го започнав ова излагање беше 7:30, а сега е 7:35 – поминаа пет минути. Тие пет минути се одземени од нашиот живот, никогаш повеќе нема да се вратат. Станавме пет минути постари, поблиску до пропаѓањето.

Таква е реалноста. Но кој може да нѝ донесе избавување од неа, која е толку тешка и нè води во очај? Христос. Единствено Он може да ни даде одговор, бидејќи само Он ја победува смртта и му овозможува на човекот да ја надмине. Како? Преку Своето Воскресение, Своето доаѓање, преку предвкусот на Неговото Царство.

Изненадувачки е колку силен и моќен може човек да стане во тешкотиите, благодарение на Божјата благодат. Ги посетив сите семејства кои пострадаа во авионската несреќа во 2005 година (тогаш, при падот на кипарскиот авион кај Атина, загинаа 121 лице). Видов дека речиси сите тие семејства беа полни со сила. Во најтешкиот момент, тие луѓе буквално ја црпеа Божјата утеха од својата внатрешност и не паднаа со духот.

Во Паралимни (град на Кипар), каде што сретнав две семејства, најсилен впечаток ми оставија две мајки кои изгубиле по пет члена од своето семејство – своите деца со нивните семејства: татко, мајка и три деца. Петмина едната, петмина другата. Бев ужаснат. Тие едноставни жени, речиси неписмени, а каква само сила и мудрост имаа! Наместо ние да ги утешуваме нив, на крајот тие почнаа да нè тешат нас.

Тоа остави огромен впечаток врз мене. Бев со еден свештеник од Австралија, кого го поведов за да не го оставам сам. Сиот вознемирен, пред да појдеме да ги посетиме тие луѓе, ми рече:

     – Што ќе им кажеме? Како да ги утешиме?

Подоцна, кога си заминуваше, рече:

     – Отидовме да ги утешиме, а на крајот ние самите ја примивме утехата!

Оти тоа беа луѓе со огромна сила, со бескрајно трпение, кои секое искушение што ги снаоѓаше го примаа со благодарност кон Бога.

Со други зборови, прашањето е: како ги дочекуваме тешкотиите.

Нека никој не мисли дека во животот нема да наиде на нив; треба да бидеме подготвени и да знаеме дека сигурно ќе поминеме низ тоа. Таков е животот на сите луѓе: верници и неверници, млади и стари, богати и сиромашни, свети и грешни. Без исклучок, на сите.

Вистинската умешност е во тоа како човек ги совладува тешкотиите: ако научиме да ги прифаќаме со трпение, сила, молитва и надеж во Бога, тогаш тешкотиите се претвораат во утеха за нас. Тогаш нема да потонеме, туку ќе останеме над водата. Во душата нема да има темнина, и тивката Христова светлина секогаш ќе свети во нашето битие, бидејќи таму каде што е Бог — сè е исполнето со утеха и љубов.

Дури и ако сме во адот, доколку Христос е со нас – и адот станува рај. А ако сме во рајот, но Христос не е со нас – тогаш рајот станува ад. Зашто Он е сè за нас: Он е Светлината на светот, Животот на светот.

Кога ќе нè снајдат тешкотии, или кога ќе видиме други во мака, треба внимателно да пристапиме кон тоа. Пред сè, потребна е молитва за нашите браќа кои се во неволја. Знаете ли зошто е важно да се молиме за луѓето што страдаат? Молитвата за другите има огромно значење и голема сила.

Кога ќе чуеме за некое зло, проблем или тешкотија, дури и ако упатиме само две зборчиња молитва, тоа веќе има голема сила.

Така се учиме делотворно да ги љубиме своите браќа и да се поддржуваме меѓусебно, сфаќајќи дека не сме изолирани поединци затворени во своите мали светови, кои велат: „Ах, добро е што тоа зло не се случи во мојот дом, што јас не сум засегнат, што не страдаат моите пријатели и роднини, што тоа не се случува во мојот град или мојата земја.“

Не е важно каде се случува злото – тие се нашите браќа, едно тело сме. Кога се молиме за браќата што страдаат, што чувствуваат болка, искушенија и маки, тогаш на дело учиме да ги доживуваме другите како вистински браќа, а сите луѓе како една заедничка фамилија, како едно тело. Зашто тоа навистина и сме, како синови на Адам и на Бог, сите сме браќа по тело, бидејќи потекнуваме од еден Бог, од еден прародител Адам и од Ева, и сите сме повикани во Царството Божјо.

Многу е важно да се вежбаме во молитва за другите луѓе. Да посветиме барем два збора во молитва за нашите браќа што се наоѓаат во маки и искушенија. Дури и ако не сме чуле за некој конкретен настан, да не забораваме дека такви луѓе има и да не мислиме дека тоа не постои.

Кога навечер ќе застанеме на молитва, да помислиме колку луѓе во тој момент лежат по болници, во операциони сали, колку семејства имаат проблеми со децата, со брачните другари, колку луѓе гладуваат, им се случуваат несреќи, маки, искушенија – да вознесеме за нив молитва исполнета со болка и љубов. Така реално ќе помогнеме, најнапред на самите себе, а потоа и на нашите браќа што страдаат. Немојте да мислите дека Бог не слуша – Он ги слуша нашите молитви што ги вознесуваме и за другите луѓе.

Ќе ви наведам еден пример, нешто што се случило во Русија. Еден несреќен свештеник имал тешка страст – сакал да пие. Знаете, таму климата е сурова, луѓето имаат склоност кон алкохол, и поради студот пијат повеќе отколку ние овде. Поради климата пијат вотка и други силни пијалаци. И така, еден свештеник, којзнае од какви причини, пиел прекумерно, се опивал, а кога ќе се опиел, почнувал да се однесува неразумно и да прави секакви недолични нешта. Парохјаните отишле и се пожалиле на митрополитот, а овој, по неколку разговори, опомени и казни, на крај бил принуден да ја доведе работата во ред. Затоа, по уште еден поголем инцидент, го повикал и му рекол:

     – Ти не се поправаш и повеќе не си достоен да бидеш свештеник. Го навредуваш Бога, ги соблазнуваш луѓето и затоа отсега повеќе нема да служиш, нема да свештенодејствуваш, бидејќи не може свештеник да оди пијан наоколу и да шири соблазна.

Што му останало нему? Се смирил и одговорил:

     – Добро, владико, нека биде така како што мислиш ти! Јас навистина ја имам таа страст, тој проблем, и затоа повеќе не можам да бидам свештеник.

Навечер, во својата одаја, митрополитот се помолил и легнал да спие. Но никако не можел да заспие, зашто слушал негодување, мноштво гласови. Се запрашал: „Што е ова? Што се случува?“ Се потрудил да разбере и одеднаш му станало јасно: тие многубројни повици биле упатени кон него, затоа што му забранил на свештеникот да служи. „За што се работи?! Па тој навистина е човек недостоен за свештенството!“ – размислувал, неспособен да сфати што се случува. Целата ноќ ја поминал во таква внатрешна борба, а наутро го повикал свештеникот и му рекол: „Дојди овде! Кажи ми, со што се занимаваш?“

     – Владико, зар не знаеш со што се занимавам? Ти го знаеш мојот живот, затоа и ме казни.

     – Не, не, има уште нешто. Што друго правиш?

     – Ништо добро не правам, владико мој. За жал, јас сум пијаница и не сум достоен да бидам свештеник. Но сепак, ноќе одам на гробишта и служам помен за сите упокоени, се молам на Бога за сите тие луѓе. Го молам да ги спаси сите нив, а по нивните молитви да ме спаси и мене самиот. Ете, тоа е сè. Ништо повеќе.

Владиката тогаш разбрал дека сите тие гласови всушност биле души на упокоените браќа, кои ги примале молитвите од свештеникот, а кога биле лишени од нив, почнале да негодуваат.

Гледате ли како дури и на еден недостоен свештеник, навистина недостоен, кога се моли за другите, Бог ги прима неговите молитви?! Затоа никој од вас нека не каже: „Јас не сум достоен да се молам за другите.“ Не! Ние сме должни да се молиме за другите, тоа е дело на љубовта, тоа е милостина. Поважно е да се помолиш за некого, отколку да му дадеш десет лири. Се разбира, ако има потреба, ќе му ги дадеш и тие десет лири, ако ги имаш, но и кога ги немаш и не можеш да му дадеш, или кога нему не му се потребни, молитвата што ја вознесуваш за него вреди многу повеќе.

На крајот на краиштата, колку пари можеш да дадеш? Не можеш да им дадеш на сите во светот, можеш на пет, десет, сто или илјада луѓе, а што ќе биде со останатите?

Нашата молитва, браќа, е милостина за целиот свет. Таа го опфаќа целиот свет и многу помага. Ви зборувам од искуство, бидејќи и јас често ги чувствувам молитвите на другите луѓе и знам дека токму тие ни помагаат во нашето дело, нè покриваат и ја привлекуваат Божјата благодат.

Важно е да се молиме за другите, бидејќи на тој начин излегуваме надвор од границите на своето „јас“ и стануваме соучесници во болката на нашиот брат, додека тој преку тоа добива голема сила за да ја продолжи својата борба.