Знаете ли какви чуда сум имал прилика да видам по молитвите на другите? Чуда! Промени кај луѓето, пресврти во настаните. Молитвата може да ја промени историјата на целиот свет. Ако постојат луѓе што се молат со сила, тие можат да сменат сè.
Се сеќавате што му рекол Бог на праведниот Авраам за Содом? Дека нема да го уништи градот ако во него се најдат десет праведници (Битие 18, 32). Во тој разговор Авраам се „спогодувал“ со Бога, но на крајот во градот не се најдоа нѝ десет праведници.

Гледате ли – кога во некое место има луѓе што се молат, тоа место ја акумулира силата, енергијата од Бога, зашто молитвата е како магнет што ја привлекува Божјата благодат, Божјата грижа, а таа грижа го покрива целиот свет, Бог му дава сила, го поддржува и му дава утеха и моќ на човекот. Каде што нема молитва, таму нема ни утеха, ни сила. Затоа, и покрај сите наши маки и сите тешкотии во кои се наоѓаат нашите браќа, ние нема да паднеме со духот, туку ќе се молиме. Тоа е многу важно.
Кога молитвите на нашите браќа се со нас, тоа е голема сила. Светото Писмо зборува за тоа: целата Црква ревносно се молеше за светиот апостол Павле додека беше во затвор, сите се молеа за него, и Бог го заштити (Дела 16). Тој беше апостол и поседуваше духовна сила, но сила имаа и молитвите на христијаните.
Особено кога сите се молиме заедно. Кога сме сами, Бог, се разбира, нè слуша, но заедничките молитви, молитвите на мнозина за другите, имаат огромна сила. Тоа е забележано, па дури и научно докажано. „Беше спроведен следниот експеримент,“ вели еден побожен психијатар. „Болните беа поделени во две групи од по 50 лица. За првата група беа назначени уште 50 луѓе кои се молеа за нив секој ден, а за втората група не се молеше никој. На болните не им беше кажано дека се дел од експериментот. Очигледно беше дека оние за кои некои се молеа беа поиздржливи и нивната здравствена состојба значително се подобри.“
Видете, дури и во такви случаи молитвата има сила, а колку повеќе тогаш има сила заедничката молитва на сите нас, како Црква, како Телото Христово! Заедничката молитва за нашите ближни има огромна духовна моќ.
Затоа не треба да бидеме рамнодушни кога, на пример, Црквата нè повикува да се помолиме за нешто; велат, „во одреден ден ќе се служи молебен, бдение или Литургија поради тоа и тоа“. Да одиме и да се помолиме како едно тело, свесни дека сме членови на Телото Христово, не изолирани поединци, не индивидуи, не атоми (од грчки „ἄτομος“ – единка), кои не можат да се споделат со другите, туку личности што во љубов заедничарат со браќата. Да побрзаме кон заедничките молитви, кон заедничкото богослужение, бидејќи таму ќе ја добиеме силата како Црква.
Самиот Христос ни рече: „Зашто каде што се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас меѓу нив“ (Матеј 18, 20).
Ако Христос е со нас, тогаш Тој ги слуша нашите заеднички молитви.

Никогаш нема да го заборавам следниот настан. Се сеќавам, кога бев на Света Гора, во Новиот скит, спроти мене живееше еден старец, подвижник, кој страдаше од некоја болест. Неговиот живот се ближеше кон крајот. Тоа е пустина, и тој се мачеше без никаква медицинска помош. Се прашувавме што да направиме и се загриживме за него, додека тој во маки го завршуваше својот земен пат.
Нашиот старец нѝ рече:
„Отци, да се собереме во храмот и да се помолиме на Бога, за Он да му помогне на тој старец што се наоѓа на крајот од својот живот.“
Така се собравме и се помоливме со Исусовата молитва:
„Господи Исусе Христе, помилуј и помогни му на Твојот слуга!“
Кога стигнавме до последниот јазол на бројаницата и ја завршивме молитвата, нè повика братот што се грижеше за болниот:
„Отци, дојдете, побрзајте!“
Старец Калист се упокои…
Оваа молитва има сила и не треба да се занемарува.
Многу е важно да ги бараме молитвите од нашите браќа. Не е ништо лошо да му кажеме на братот: „Знаеш, помоли се за мене“, или: „Утре ќе имам тежок ден, помоли се за мене!“ Да појдеме во храм, да ги замолиме светиите и свештениците да се помолат за нас – тоа е важно. И тие се молат за нас, а и ние за нив. Така стануваме едно Тело и учествуваме во заедничката борба на сите луѓе, на целиот Адам, како што велеше старец Паисиј.
Знаете ли каква корист добива човекот што се моли за другите? Голема корист, затоа што тоа е заповед за љубовта, тоа е вистинска љубов. Така го носиш бремето на својот брат, на целиот свет. Ќе видите колку благодат прима човекот во својата душа кога се моли за браќата, за упокоените, бидејќи ним тоа им е потребно повеќе отколку на живите, за да им се приближи Божјата благодат, за Бог да им помогне, да ги укрепи и да им даде утеха со Своето присуство во духовниот свет каде што се наоѓаат.
Освен практичната вежба во љубовта преку молитвата, милосрдието, давањето поддршка и секоја друга форма на дејствителна љубов – што произлегува од сето тоа? Духовна корист. Ние ја гледаме суетата на сè човечко, гледаме што е човекот, што е овој живот, и си велиме: „Што навистина има вредност во овој живот во кој се наоѓаме? Што е тоа што навистина останува?“
Многу често се жалиме: „Ах, тој и тој ме навреди, неправедно ме обвини! Тој и тој е богат, а јас сум сиромашен! Тој ми ги зеде работите!“ И уште многу други нешта што секојдневно нè оптоваруваат. Но, помисли на крајот на сето тоа, зашто сè има крај без исклучок. Сите ние ќе застанеме пред Христос, и таму ќе се види кој бил мудар, а кој неразумен, кој успеал, а кој не, кој бил навистина богат, а кој всушност сиромашен.
Што се вели во Откровението?
Бидејќи си беден и гол, дојди за Јас да ти дадам од Моето богатство, Моја облека. Тоа што имаш ти – сѐ е лажно, суетно, минливо и нема вредност. Ти си гол, беден и мртов, „носиш име дека си жив, а мртов си“. (Откр. 3).
На крајот, еве што е најважно: да разбереме дека сме живи само тогаш кога се наоѓаме близу до Бога; дека сме богати кога сме блиски до Бога, Кој е богат; и дека напредуваме кога живееме во близина на Бога. Сè друго е несигурно, суетно и празно. Зашто смртта неумоливо му се приближува на секого, порано или подоцна, дури и во длабока старост, не е важно. Затоа да бидеме разумни и да почнеме да го гледаме овој живот не според сегашните околности, не велејќи: „Ах, сега ми е убаво!“, туку според она што ќе дојде на крајот. Крајот го украсува делото; на крајот се суди за сè што му претходело. Крајот го потврдува успехот или неуспехот на човекот.
Бидејќи често се наоѓам по раскошни салони и куќи, и тогаш секогаш се сеќавам на ќелијата на старец Пајсиј — во која немаше ништо. Знаете ли што значи тоа „ништо“? Апсолутно ништо, во буквална смисла на зборот. Неколку кутии, прекриени со стара, износена облека што ја нашол некаде – тоа му беа „диваните“.
Знаеше шеговито да каже:
„Овие дивани ги нарачав специјално од Франција!“ – и сите се смеевме.
Кога првпат одев кај него, бев млад свештеник, и тој ми велеше:
„За тебе, попе, имам посебна фотелја. Седи таму, тоа место го чувам за официјални гости!“
А што мислите, што беше таа „фотелја“? Гајба за овошје, прекриена со парче стара облека, а друго парче висеше закачено на ѕидот, за да не ти биде студено кога ќе се потпреш.
Немаше ништо. Иконите му беа хартиени, завиткани во целофан. Наместо маса, имаше едно мало столче, старецот ја ставаше летвата на колена и на неа пишуваше. Сиромаштија во сè. Но не затоа што не можеше да има повеќе, туку затоа што не сакаше. Ако сакаше, можеше да стане богат милионер, но тоа воопшто не го интересираше.
Целото негово „богатство“ се собираше во еден сандак: малку грав, малку ориз, и понекогаш нешто сушено овошје или локум што ќе му донесеа од манастирот – со тоа ги служеше гостите. Немаше ништо, дури ни обично тенџере. Работи што за нас се најнормални, за него беа луксуз.
Еднаш старецот му подготвил чај на еден човек. И знаете ли во што? Во конзерва. Ставал неколку тревки, ги варел, па кога ќе го истурел чајот во друга конзерва, со чајот паѓале и тревките. Следниот пат човекот му купил мала цедилка. А старецот му рекол:
„Па добро, чедо мое, зошто ми ја донесе? Зар овде сакаме раскош?“
„Старче, тоа е само мала цедилка за чај, не е тоа никаква раскош! За да не влегуваат тревките во чајот…“
А тој му одговорил:
„Зошто да ја чувам? Ќе треба да ја мијам, ќе ми треба клинец да ја закачам, па чекан да го закачам клинецот, па место каде ќе ја чувам… Што ќе ми е сето тоа? Земете си ја вие цедалката, мене не ми треба.“
Така, обичните нешта за него беа вистинска раскош.
А еве, верувајте ми, би ги заменил сите салони на светот за таа негова ќелија – бедна и скромна, но исполнета со Бог. Дури и прашината во неа беше осветена; сè таму беше проникнато во Божјо присуство.
Ми раскажуваа што направиле некои луѓе од Америка: го зеле парталчето со кое старецот ја бришел обувката пред да влезе во ќелијата, ја исекле на многу мали парчиња и ги поделиле на верниците. Тие парчиња платно луѓето ги чувале со вера и побожност, и преку нив се случувале чудеса. Тогаш си велиш: „Ете што значи човек Божји!“ – дури и прашината од неговите нозе ја почитуваат.
Кој, значи, навистина успеал? Оној што живеел во дворци? Сеќавањето на него одамна се изгубило – прашање е дали и неговите деца воопшто го спомнуваат. Или, пак, тој крајно сиромашен и необразован подвижник во планината, кој бил исполнет со Божји благослов, со радост, мир и оптимизам, и кој буквално бил извор од кој течеле радост и утеха? И сите ние одевме кај него, како жедни страдалници, за да се напиеме од таа духовна вода, одевме кај тој сиромав, кој често немаше ни што да јаде, но кај него се наситувавме со духовна храна.
Се сеќавам, еднаш кога појдов во Солун, купив малку млеко во прав за старецот, затоа што имаше проблеми со желудникот, и му го однесов.
„Што е тоа?“ – ме праша.
„Геронда, тоа е за вашиот желудник. Малку вода, една лажичка прашок, и добивате млеко.“
„Добро, остави го таму.“
По една-две години, случајно работев нешто кај него и на истото место го најдов пакетчето со млеко, недопрено, исто како што го оставив.
„Благословен старче, што е ова? Го оставивте млекото тука?“
А тој ми рече:
„Да сакав, сам ќе си го купев. Не сум ти побарал да ми донесеш. Јас немам, не затоа што не можам да имам, туку затоа што не сакам. Решив животот да ми биде таков. Да сакав, можев да живеам поинаку.“
Ова, се разбира, не го кажувам за да го имитираме, затоа што во светот во кој живееме не можеме, ниту треба да правиме такви нешта, поради нашите обврски. Но барем нашето срце нека биде слободно, разумно и мудро, за да разбере што е навистина важно во животот. А во крајна линија – важен е само Бог.
И затоа не треба да го мериме животот според светските и човечките мерила, туку според она што Бог нѝ го дал. Ќе бидеме навистина среќни само кога Бог ќе биде со нас.
Ти велиш: „Не успеав во едно, не успеав во друго, не станав тоа што сакав, само сонував…“ А зошто воопшто си сакал такво нешто? Сето тоа е минливо и суетно. Постигни го она што има вистинска вредност.
Дали си стигнал до Бог?
Дали Го имаш Бог во срцето?
Дали Го очекуваш Неговото Царство?
Ете, тоа е што има вредност – сè друго е минливо и краткотрајно.
Но добро, додај го и сето останато, па што ќе добиеш? „Оние што имаат, нека бидат како да немаат“ (1 Кор. 7, 29). Нема долго да го имаш тоа, ќе го изгубиш, нема да ти остане до крајот на животот. Дури и најскапоцените нешта и најмилите лица нема да ти бидат потпора во часот на неволја. Бог е Оној Кој секогаш ќе биде со тебе. Тој ти е потребен. Христос ти е потребен. Него треба да Го бараме.
Сите тешкотии во нашиот живот нè учат дека, на крајот, единственото што навистина ни е потребно е Христос. Како што велел старец Порфириј: „Христос е сè!“ Кога Го имаш Него — ништо повеќе не ти треба. А кога Го немаш Христос, тогаш сè ти недостасува. Колку и да имаш од земните добра, сепак не е доволно, зашто не можеме да најдеме мир во она што е лажно.
Затоа, да имаме надеж во Христос и љубов кон Него, и да се научиме да се молиме за другите луѓе, за целиот свет, за упокоените, за секој страдалник, без разлика дали го познаваме или не. Да се молиме за потребите на нашите браќа, и таа духовна милостина ќе се врати во нашата душа како Божја награда.











