Молитвата на Џовани Папини

Џовани Папини (1881-1956). итал. писател и новинар, академик

Живеј меѓу нас, близу до нас, на Земјата, која е Твоја и наша земја. Истата таа земја која Те прими како Дете меѓу децата и Те осуди како разбојник меѓу разбојниците! Живеј меѓу живите на земјата, којашто ја избра и ја сакаш. Живеј, макар и како невидлив, меѓу луѓето, меѓу оние кои Те бараат…

Но дојден е часот во кој Ти треба да им се јавиш на сите и да ни дадеш знак, решителен и несоборлив, на тоа наше несреќно поколение! Ти гледаш, Исусе, колку голема потреба имаме да го направиш тоа!

Врати се во нас макар и за кусо време, на едно ненадејно видување и пак ненадејно исчезни! Само едно јавување, кажи само еден збор, дај само еден знак, само едно единствено откривање, како една секавица на небото, како секавица преку ноќта, нека се отворат Небесата и нека засветли Твојата светлина низ темнината!

Дај ни само едно делче од Твојата вечност, за сето Твое досегашно молчење во нас, кажи ни само еден збор!

Ние имаме потреба само од Тебе и од никој друг. Ти, единствен Којшто нè сакаш, можеш да чувствуваш сострадание и да нè разбереш сите нас кои страдаме и што секој од нас таи во својата душа. Само Ти можеш да чувствуваш и да разбереш колку е голема, колку е бескрајна за нас потребата од Тебе. Никој друг, никој од живите ниту од покојните, кои се наоѓаат на врвот на славата, не можат да ни дадат нам, сиромашните, пропаднати во длабока духовна сиромаштија и скудност, нужна утеха и да ни го покажат патот кон доброто, кое ќе нè спаси. Сите имаат потреба од Тебе, дури и оние кои и не знаат.

Гладниот си вообразува дека бара леб, а тој е гладен за Тебе, Христе! Жедниот мисли дека сака вода, а тој е жеден за Тебе, Христе! Болниот се самозалажува дека сака од сè срце оздравување, а неговата болест е Твоето отсуство во него, Христе! Кој ја бара убавината, ја бара без да се досети за Тебе, Кој си целосен и најсовршен израз на убавината. Кој во своите мисли ја следи вистината, тој без да знае, Те пожелува Тебе. Ти си единствена Вистина која треба да се знае. Оној кој е изморен и бара мир, Те бара Тебе, Единствениот во Кого можат да се смират и одморат и најнеспокојните срца. Тие Те викаат, без да знаат. Те викаат Тебе и нивниот повик е неискажливо поболен од нашиот.

…Ние Те сакаме само Тебе, Твојата личност, само Твоето измачено и изрането тело, облечено во сиромашните алишта на бедниот работник! Сакаме да ги видиме Твоите очи, кои пробиваат низ градите и ткивата на срцето и лекуваат… Сакаме да го чуеме Твојот глас, кој ги доведува до ужас ѓаволите со својата сладост и ги одушевува децата со својата сила.

…Ти знаеш колку е потребен сега Твојот збор, Твојот поглед! Ти знаеш дека еден Твој поглед може да ги преобрази нашите души, а Твојот збор да нè извлече од буништето на бескрајната наша сиромаштија. Ти знаеш подобро и подлабоко сфаќаш од нас, дека Твоето присуство е неодложно и претходница на ново време, кое не Те познава.

Првиот пат дојде за да нè спасиш, се роди како Спасител… И денес во овие мрачни и лукави денови на нашето време, во овие години на неподносливата жалост и ужас, имаме незаситена потреба да бидеме спасени.

Ако Ти беше завидлив и злопаметлив Бог, Бог Кој сака да се одмаздува, Ти не би ја чул нашата молитва, зашто сето она зло што луѓето можеа да Ти го направат, дури и смрт, а по смртта и повеќе отколку додека беше жив, тие го направија. Ние сите, и јас, кој Ти се обраќам, сите заедно бевме соучесници. Милиони како Јуда Те бакнуваа, откако Те беа продале и тоа не за триесет сребреници и не еднаш. Легион од фарисеи, рој од Кајафовци, Те осудија како злосторник, достоен да бидеш окован. Милиони пати во својата мисла и својата волја Те распнуваа. Глутница од валкани мрзеливци, повторно Ти го покриваа лицето со шлаканици и плуканици. Гавазите, клисарите, вратарите, вооружените наемници, сета онаа клика која е во служба на оние што неправедно ограбуваат, како и властодршците, Те шибаа по рамењата со камшици и повторно Те окрвавија по челото. Илјадници Пилатовци, облечени во црно или пурпур… илјадапати Те предаваа на џелатите, иако Те беа признале за невин… Но Ти прости сè и засекогаш!… Те отфрливме сите, Христе, зашто си многу пречист за нас! Те осудивме на смрт, зашто Ти го осуди нашиот живот. Ти тогаш самиот рече: „Дојдов во светов и му се јавив во тело. И ги најдов сите пијани и никого не најдов жеден. Мојата душа страда за синовите човечки, зашто се слепи во своите срца”…

Но сега е дојден часот кога луѓето се попијани, а затоа и пожедни. Во ниту една епоха како во нашата, така силно не се чувствувала жедта за едно чудотворно избавување. Во ниту едно време, доколку се присетуваме, сушата не била толку голема и сиромаштијата толку јака, како во нашето време. Земјата е станата ад, а луѓето се гушат во смрдливата смола на сопствените престапи…

Во последниве години, човечкиот род, кој се грчеше во лудилото на илјади страдања, е полуден. Светот ечи од тресокот на урнатините кои паѓаат… Насекаде е хаос, кој врие, една безнадежна бркотница, еден немир, недоволен од ништо, дури и од сопственото незадоволство. Луѓето во несреќното пијанство, отруени од сите зли дела, се јадат сами еден со друг, поттикнувани од силната желба да ги задушат родените браќа по мака и страдања и да излезат од таа неславна борба, барајќи ја по секој начин смртта. Жестоките пијалаци, сладострасноста која разрушува и е ненаситна, алкохолот, парите, оружјето, секој ден предвреме им го одземаат животот на предвремено осудените на смрт суштества…

Ти го знаеш сево ова, Исусе Христе, и гледаш дека е дојдено времето, или огнен потоп да се истури над овој несреќен и оѕверен свет, или да го спасиш Ти со Твоето посредништво…

Отсега натаму, ние очајните немаме друга надеж освен таа: да ни се вратиш. Ако не дојдеш да ги разбудиш оние што спијат, замаените во миризливата тиња на современиот ад, тоа ќе биде знак, дека казната што нè чека е уште многу мала и лесна за предавството што го извршивме спрема Тебе и дека не сакаш да го промениш редот на Твоите закони. Тогаш, нека биде Твојата волја, како на Небесата така и на Земјата, како денеска, така и во веки.

Но ние, последните, Те чекаме. Ќе чекаме секој ден, спротивно на нашата недостојност и на нашата можност. И сета љубов, што ќе можеме да ја истисниме од нашите опустошени срца, ќе биде за Тебе, Исусе Христе, Кој беше мачен и распнат, заради љубовта што ја имаше кон нас…

 

Џовани Папини (1881-1957) писател, новинар, академик (разочаран атеист)