Старче, како да се борам со повеќе трпение во текот на Великиот пост?
Секако дека за време на Великиот пост оние што се во светот се трудат да покажат повеќе трпение, но ние монасите треба секогаш да бидеме трпеливи и внимателни. Пред сѐ, мора да обрнеме внимание најпрвин на страстите на душата, а потоа на телото. Бидејќи ако некој дава приоритет на телесниот аскетизам, а не се бори да ги победи и искорени страстите на душата, тој ништо не прави.
Еднаш еден мирјанин отишол во манастир за почетокот на Постот и таму извесен монах се однесувал со него отсечно и грубо. Сепак кутриот човек имал добри мисли и го оправдал. Тој подоцна дојде и ми рече:
Не го обвинувам, отец. Најпосле, само што го имаше завршено тридневниот пост на целосно воздржание!
Да го беше поминал подуховно ова тридневно воздржување, ќе имаше духовна сладост и ќе му зборуваше со добрина. Но тој егоистично се принудувал себе си низ периодот на тридневниот целосен пост, па така сѐ наоколу му било виновно.
Старче, на што треба да мислам во текот на Постот?
Треба да мислиш на Страдањата, на жртвата Христова. Ние монасите мора постојано да го живееме страдањето Христово, и во ова секојдневно ни помага светата богослужба со своето богатство на тропари.
Ни се дава една прекрасна можност во текот на Великиот пост поусрдно да се бориме и да имаме поголем удел во спасителните Христови страдања, со покајание и длабоки метании, со отсекување на страстите и со ограничување на храната, од љубов кон Христа.
Мора да ја ползуваме, колку што можеме духовната арена со сите можности и предуслови што ни ги дава за уште повеќе да Му се приближиме на Христа Распнатиот, да ја добиеме Неговата помош и духовно преобразени, да се радуваме на Неговото свето Воскресение, бидејќи подуховно ќе го проживееме Великиот пост.
Ви посакувам на сите добри сили за време на Великиот пост за да се искачите на Голгота и да Му се доближите на Христа, заедно со Пресветата Богородица и вашиот патрон, и сите заедно да земеме удел во страшните страдања на нашиот Господ. Амин