Најзначајна е љубовта Божја, да Го љубиш Бога и својот ближен

Стануваме христијани не за да го олесниме нашиот животен пат на земјава, туку затоа што Бог е љубов. Во христијанскиот живот не сме радосни заради ништо друго, освен само заради Христа и заради сознанието дека Тој е вистина. Заради ниедна друга причина.

Некогаш еден поклоник на Света Гора им го поставил на мнозина старци прашањето: Што е најзначајно во нашиот живот? Сите му одговараа: Најзначајна е љубовта Божја, да Го љубиш Бога и својот ближен. Помисли немам љубов ниту за молитва ниту за Бога, ниту за другите. Што да правам? И подоцна самиот одлучи: Ќе делувам како да ја имам оваа љубов. Триесет години подоцна Светиот Дух му ја даде благодатта на Љубовта.

Неизбежно ќе поминат часови, недели, години кога ќе живееме без да ја чувствуваме енергијата на Духот во себе. Се работи за значајни периоди, во кои имаме можност да ја пројавиме верноста на нашата љубов кон Христа. Дури и да не го чувствуваме дејствувањето на благодатта, должни сме да живееме како да е Духот во нас. Свети Силуан веруваше дека ако ги сочуваме верно заповедите Божји ќе дојде момент кога благодатта ќе се пројави и ќе остане засекогаш со нас. Следствено, бескорисно е да брзаме. Некои Отци од Света Гора не се здобија со голема благодат и не Го познаа Бога, освен по четириесет години борба, а некогаш и повеќе, речиси до пред самата смрт.

Во почетокот благодатта учи, предизвикува во нас движења согласно со духот на заповедите на Евангелието. Сè е лесно. Секогаш со нас Духот Свети нè вдахновува да бидеме добри кон другите. Сето ова се чини како нормална и природна состојба. Но тоа не трае долго. Ќе дојде момент кога нè напушта благодатта во оваа јасна пројава. Почнува еден втор период, тежок. На прашањето – како да живееме без благодатта? – одговараме: треба да продолжиме да дејствуваме како да е Светиот Дух со нас; да се обидуваме да останеме во истиот облик на живот што со благодатта го стекнавме во врска со определениот однос кон братот и кон сестрата. Должни сме да се присилуваме себеси.

Истото е важно и за молитвата. Во почетокот се чини како природна состојба. Се молиме со леснотија. Молитвата блика од срцето. Кога нè напушта Духот, треба да се обидуваме да се молиме како порано кога ја имавме благодатта: со целото наше битие, со целото наше срце, со целиот наш разум, уште и со целото тело.

Кога се насочуваме со духот кон Апсолутното Битие, патот ни се чини бескрајно далечен. Бог е како поларната ѕвезда. Како можеме да го достигнеме ова светило кое се чини дека е оддалечено толку светлосни години? И одеднаш откриваме дека овој толку долг пат може да се скрати и дека Господ може да се најде многу блиску до нас и да рече: О безумни и бавни по срце да разберете и поверувате.


Извадок од книгата: Архимандрит Софрониј (Сахаров), За духот и животот, Скопје 1996, 39-41.